Достапни линкови

Ни треба нов закон, но и поголема свест за безбедност при работа


Потребно е да се зголеми свеста на вработените и работодавачите за правата и обврските кои ги носи законот за Законот за безбедност и здравје при работа, велат упатените. Во меѓувреме, се работи на подготовка на нов закон, а од Синдикатот апелираат тој доследно да се применува во пракса.

Иако безбедноста и заштитата при работата е обврска и за работниците и за работодавачите, во земјава се уште нема голем напредок во оваа сфера. Закон има, но незадоволство од неговата примена изразуваат и двете страни. Од Синдикатот за градежништво при ССМ велат дека работат во насока на зголемување на свеста кај работниците за заштита лична и на своите колеги, но дека постоечкиот закон не е најдобро применет.

„Во последните 12 години откако постои Законот за безбедност и здравје при работа, излегува дека не му е добра примената, односно дека има некои практични импликации каде што многу од работите се пропишани, но, во пракса не функционираат. Затоа во моментот се расправа за донесување нов закон, и можеби за повеќе од 40 проценти ќе се промени постоечкиот. Новиот што и да содржи, повторно не треба да биде само убаво напишан на хартија, туку да се применува во пракса и на тој начин да ги намалуваме повредите или евентуалните жртви при работа“, вели Иван Пешевски, заменик претседател на Синдикатот за градежништво при ССМ.

Трајан Анѓелоски е сопственик на фабрика за производство на машински делови. Вели дека како работодавач обезбедил се што му пропишува законот за да ги заштити своите вработени.

„Две работи ми претставуваат проблем. Првата е пречестото менување на тие закони и нивната транспарентност која е на многу ниско ниво. Се случува еден ист член да се толкува на два или повеќе различни начини. Нас ни фали еден правилник или упатство кое ќе се објави на некоја веб страна на иснституцијата која ќе се грижи за неговото спроведување, каде што еднозначно и на едноставен начин ќе се претстават сите законски обврски кои треба една компанија да ги спроведе“, вели Трајан Анѓелоски.

Според Анѓелоски вториот проблем е незаинтересираноста на вработените за дополнителна едукација во таа област и ниската свест за потребата од доследно применување на законот за безбедност и здравје при работа.

„Многу е ниска свеста кај работниците. На пример ние работиме со металорезачки машини и имаме обврска да им обезбедиме наочари за заштита на нивните очи од евентуално прскање на ситни метални парчиња. Тие одговараат дека не можат да гледаат со такви наочари и им пречи во работењето. И сега вие додека сте покрај нив тие ги носат, кога нема да сте покрај нив, тие ќе ги извадат, а треба да ги носи во текот на целата смена додека се на работа,“ вели Анѓелоски.

Пешевски сепак смета дека за разлика од порано, свеста и кај вработените и кај работодавачите денеска е малку поголема.

„Не можам да кажам дека има голем напредок, меѓутоа за разлика од порано има малку повеќе подигната свест и кај работниците и кај работодавачите, особено во делот на набавување на лична заштитна опрема, реално се трудат и двете страни за да се заштитат пред се себеси, но и колегите околу нив. Е сега секогаш може да биде подобро, зошто да имаме статистика на повреди или жртви? Од друга страна да не се лажеме дека со каков било закон и подзаконски акти може целосно да се елиминираат повредите или жртвите,“ вели Пешевски.

Според постоечкиот закон, член 17, работодавачот мора да обезбеди мерки за безбедност и здравје при работа особено со: назначување на едно или повеќе стручни лица за безбедност при работа, донесување на безбедносни мерки против пожар во согласност со посебни прописи, донесување мерки за прва помош и евакуација во случај на опасност, обука на вработените за безбедно извршување на работата врз основа на сопствена програма, обезбедување опрема за лична заштита за вработените и нејзината употреба, вршење повремени прегледи и испитување на работната средина и опрема и следење на здравствената состојба на вработните.

Според член 31 од Законот за безбедност и здравје при работа, работодавачот мора на секој вработен да му обезбеди соодветни обуки за безбедност и здравје при работа: при вработување, во случај на преместување на ново работно место, во случај на воведување на нова технологија или нови средства за работа и во случај на секоја измена на работниот процес која може да го промени нивото на безбедноста и здравјето при работа.

Неодамна двајца работници загинаа, а еден беше повреден додека работеле на ископ на земја во канал за поставување на водоводна мрежа, кога ископаната земја се излизгала врз нив и ги затрупала. Од општина Чаир соопштија дека инспекторите утврдиле дека „ започнатите работи за вклучување во подземната инфраструктура се без дозвола за нивно спроведување и се започнати во текот на денешниот неработен ден.

Градежните работници се посебно изложени на нехумани услови за работа, особено во летната сезона, кога работат на отворено на температури кои честопати го поминуваат 40-тиот целзиусов степен. Искуството покажува дека во случај на вонредна состојба, ретко која градежна фирма ги почитува препораките да се стопира работата во периодот од 10 до 17 часот.

  • 16x9 Image

    Марија Тумановска

    Марија Тумановска, родена 1981 година во Струмица. За време на студентските денови, волонтира во некои од пишаните медиуми. По завршувањето на факултетот за новинарство, станува соработник во детската редакција на Македонското радио, Радио Скопје. Подоцна работи во културниот сектор на истиот медиум. Во Радио Слободна Европа е од декември 2004 година.

XS
SM
MD
LG