Достапни линкови

Младите работници со најмалку права


Градежни работници.
Градежни работници.

Иако Законот за работни односи подеднакво важи и за младите работници, од Секцијата на млади при ССМ укажуваат дека во пракса најмногу се кршат нивните права. На младите им препорачуваат да бидат синдикално активни и да побараат бесплатна правна помош од синдикатот.

Младите спаѓаат во најранливата категорија на лица чии работнички права се кршат во пракса. Тие најчесто работат со договори на определено време, работат подолго од договореното и примаат плата пониска од онаа на вработените на неопределено време, велат од Секцијата на млади при Сојузот на синдикати на Македонија.

„Оние млади лица кои успеале да најдат работа, работат на многу несигурни работни места, со договори за работа на одредено време, со пониски плати од вработени на исто место со договори на неопределено време, работат подолго од договореното, прекршени им се многу работнички права, не можат синдикално да се организираат. Половина од младите или 53 отсто се решени или размислуваат да заминат надвор од земјата”, вели Ирена Ивановска, претседателка на Секцијата на млади при ССМ.

Таа додава дека речиси една третина или 31.9 проценти од младите во земјата не се вработени, ниту се вклучени во образование. Најголемиот дел од младите лица или 54,1 отсто имаат завршено средно образование, а околу 26.7 проценти од нив завршиле високо образование. Сепак 44 отсто од младите не работат според професијата што ја имаат, а 70 отсто од нив сметаат дека тешко ќе успеат да се вработат со формалното образование што го имаат стекнато.

Во ССМ постои служба за бесплатна правна помош и таа обезбедува целосна заштита на правата од работен однос. Па така во првите шест месеци од оваа година обезбедена е правна заштита за 1007 лица.

„Најголемиот број обраќања и во изминатиот период и во првите шест месеци се однесуваат на основното егзистенцијално прашање за работниците, а и за младите работници, а тоа е исплата на плата, надоместоци и придонеси за плата. По овој основ се обратиле 553 работници. Потоа следат обраќањата за права во стечајна постапка или вкупно 212 обраќања и 93 обраќања кои се однесуваат на кршење на синдикални права, како и обраќања по основ на прекувремена работа, промена на договорите за вработување, засновање на работен однос и слично”, вели Иван Пешевски, заменик-претседател на Синдикатот за градежништво.

Најголем број на обраќања доаѓаат од секторите индустрија, енергетика и рударство. Пешевски вели дека правните застапници и синдикалните претставници на ССМ и синдикатите ги преземаат сите законски можни решенија за целосно остварување на работничките права. Но, она на што укажува Пешевски е тоа што соработката со власта не е на задоволително ниво.

„Немаме добра соработка со институциите на системот, не навлегуваме во тоа кои се нивните капацитети и како функционираат, меѓутоа ако го земеме целокупниот социјален дијалог, тој за жал, не функционира онака како што треба. Ако се стремиме како држава да влеземе во некое европско семејство и да обезбедиме права кои навистина ги заслужуваат нашите вработени, далеку сме од тоа, не сакам да се лажеме и да прикажуваме светла слика за работниците”, вели Пешевски.

Според сознанијата на ССМ, работниците кои се синдикално организирани се многу поинформирани, ги препознаваат облиците на злоупотреба на работничките права, односно се речиси целосно оспособени за заштита на нивните права. Сепак општиот впечаток е дека младите денес не се доволно запознаени за активностите на синдикатите, па оттука и за придобивките од членувањето во синдикатите.

Уште еден загрижувачки податок на кој укажува Секцијата за млади е високиот удел од 48 проценти на млади лица што работат во неформалната економија, а квалитетот на достапните работни места и понатаму останува голем проблем за младите луѓе во Македонија.

  • 16x9 Image

    Марија Тумановска

    Марија Тумановска, родена 1981 година во Струмица. За време на студентските денови, волонтира во некои од пишаните медиуми. По завршувањето на факултетот за новинарство, станува соработник во детската редакција на Македонското радио, Радио Скопје. Подоцна работи во културниот сектор на истиот медиум. Во Радио Слободна Европа е од декември 2004 година.

XS
SM
MD
LG