Достапни линкови

Млади, што ќе правиме ние?


Дона Костуранова, МОФ
Дона Костуранова, МОФ

Товарот е на овие наши генерации да искористат сè што 2018 има да понуди за ново вистинско и зрело младинско учество, за себе, за своите врсници и за сите нови генерации кои следат, пишува Дона Костуранова од МОФ во младинската онлајн колумна на Радио Слободна Европа.

Полека влегуваме во 2018-та, година за која деновиве сите си посакувавме многу среќа и успеси. Па додека уште има време за желби, сакам и јас да ни посакам на сите нас уште нешто – а тоа е учество.

Кога сме на почетокот на годината, редно е да планираме и да видиме што нè очекува во неа. Јас тоа ќе го направам од младинско гледиште и ќе ги најавам политиките кои ќе се креираат во 2018, барем оние за кои досега знаеме нешто. И нема да објаснувам зошто е важно да учествуваме во политиките, веројатно веќе сите знаеме дека учество во политичките прашања е наше граѓанско право.

Ќе кажам директно дека 2018 ќе биде пресвртница за младинското организирање. Многу прашања што досега биле занемарувани, злоупотребувани, а некогаш и заборавани, сега е веќе јасно дека ќе мора да се решат. Па затоа и сакам да нè предизвикам сите нас да ги имаме на ум и да се потрудиме нашиот глас да биде чуен. Сите ние, млади луѓе, студенти, средношколци, младински работници, волонтери, активисти, организации, клубови, движења и како и да се дефинираме себе си, да следиме што ќе се случува и да се потрудиме да бидеме видливи играчи и гласноговорници за нашите ставови во она што следи.

Што е тоа што следи? Оваа година ќе започне креирање на закон кој ќе го дефинира младинското учество. Оваа година ќе се случат студентски избори за прв пат каде ќе се бираат пратеници, а не претседатели. Оваа година средношколските парламенти ќе станат дел од органите во училиштата, каде досега седеа само нивните родители.

И не е сигурно дека сѐ ова ќе се случи баш вака, ама велам „ќе“ наместо „можеби“ затоа што треба да бидеме оптимисти и амбициозни во она што го бараме за да го добиеме. Но, да одам чекор по чекор.

Оваа година средношколците и нивните парламенти треба да станат дел од органите во училиштата

Веќе е најавено дека Законот за средно образование ќе се менува. Неколку организации (МОФ, СЕГА и Меѓаши) поднесоа формална иницијатива за конечно средношколското организирање да биде дел од законот, а средношколците да добијат право да присуствуваат во органите во училиштата. Се надеваме дека оваа препорака ќе биде дел од новиот закон, а тоа значи нова реалност во училиштата за учениците кои ќе добијат гаранција дека гласот ќе им се чуе.

Можноста ова да биде пресвртница за правата и улогата на средношколците и средношколките во училиштето ќе зависи од нив. Ама затоа одговорноста да им помогнеме да го остварат тоа ја имаме сите ние, од директори и наставници, родители, институции и организации, и мораме да ги поддржиме.

Оваа година ќе имаме први избори за вистински студентски парламент

Со последните студентски избори на УКИМ, студентскиот парламент го постигна своето дно. Парите потрошени на скапи авионски карти и ручеци станаа смешен проблем споредени со крадењето гласачки кутии и користењето полициска сила врз студенти. Новиот предлог закон за високо образование пропишува реформирање на студентското организирање, а по неговото стапување во сила и нови избори. Сега конечно секој студент ќе може да се кандидира и да биде гласан и да го искористи гарантираниот студентски глас онаму каде се носат одлуките, биле тие за буџет, програми, академски размени, студентски активности и сè останато. Студентите сега ќе имаат шанса да се кандидираат, да гласаат и да се изборат да си бидат сами свои претставници пред професорите, ректорите и деканите, па да кажат сѐ што им треба и сакаат директно, а не само преку желбите на новогодишните елки на факултетите.

Оваа година многу Локални младински совети ќе треба да добијат членови

Идејата за локални младински совети кои ќе ги преставуваат младите пред општините е сè уште релативно нова (првата одлука на Влада за формирање локални младински совети е донесена во 2014). Но и тој период беше доволен за да извлечат многу лекции за како еден локален совет на млади да биде успешен, независен и да го подобри животот на младите во својата општина. Во многу од општините каде има совети и мандатите за членови се 2 години, тие веќе се истечени или истекуваат, односно треба оваа година нови млади да станат дел од советите. Многу општини каде уште нема совет можат да научат од неколкугодишните искуства и да ги формираат.

На младите е да се кандидираат, да влезат во овие совети и да го бараат најдоброто од општините и советниците во нив за своите врсници. На младите е и да побараат да застарат системите каде општинарите бираат кои ќе бидат членови на советите на млади, и да го земат кај себе правото самите да си бираат своите претставници, а општината само да ги поддржи во тој избор.

Оваа година ќе почне процес за креирање за закон кој ќе даде учество на младите

Со години коментираме како младите не се законски дефинирана категорија, а со тоа ни нивните права и можности, посебно учеството. И е покажана зрелост за тоа преку застапување за коментари на еден постар закон за млади кој не се усвои, учество во пишување и коментирање на национална младинска стратегија и преку формирање на сопствено младинско претставничко тело – Националниот младински совет на Македонија, претставувањето на младите пред институциите уште не е формално утврдено. Многу од прашањата за младинско учество зависат само од отвореноста на институциите и интересот да ги чујат младите, без притоа да има гарантиран канал за комуникација. Сега пратеници, институции и невладини најавуваат дека оваа година ќе се креира законот кој ќе го дефинира и гарантира младинското учество.

На нас е да дадеме сѐ од себе во овој процес, да се избориме за интересите на младите (овие генерации и оние кои следат) да бидат претставени во тој закон. Да дадеме наш придонес да има дебата каков закон сакаме и што да има во него, да поставиме дијалог со институциите за како тоа да се исполни и да поставиме успешен пример на учество во креирање на политиките.

Оние генерации млади и пленумци кои крикнаа за младинско учество на универзитетите, во училиштата и пред институциите за политиките што им беа важни во 2014 и 2015 поставија висок стандард и товар за ангажираност, аргументација и зрелост. Алатките како да се постигне тоа се менуваат, но одговорноста не. Товарот е на овие наши генерации да искористат сè што 2018 има да понуди за ново вистинско и зрело младинско учество, за себе, за своите врсници и за сите нови генерации кои следат. Па да се прашаме, што можеме да направиме?

Радио Слободна Европа не секогаш се согласува со ставовите на авторите на колумните. Изнесените ставови на авторот можат, но не мораат да ја рефлектираат уредувачката политика на медиумот.

XS
SM
MD
LG