Освен укинувањето на екстерното тестирање, потребно е да се направи анализа од неговите ефекти, велат упатените. Од Младинскиот образовен форум (МОФ), уште од првата година на примената на екстерното тестирање, бараа тоа да се прогласи за пилот проект и за таа цел спроведоа петиција која беше потпишана од 26 илјади граѓани, но Mинистерството за образование остана глуво на нивното барање. Извршниот директор на МОФ, Дона Костурановa во интервју за Радио Слободна Европа кое ќе се емитува в недела, вели дека иако е за поздрав укинувањето на екстерното тестирање не смее да се дозволи годините посветени на проектот да бидат занемарени.
„Под итно е неопходно да се направи анализа на резултатите од екстерното тестирање, на фондовите и парите потрошени за истото да се спроведува и да се искористи она што може како податок досега извлечен од таму. Иако беше фалично во своето спроведување, треба да се анализира каде биле недостатоците, но и да видиме дали може да извлечеме некакви показатели за квалитетот на образованието, успехот по различни предмети и во различни училишта и итн“, посочува Костуранова.
Поранешниот министер за образование Ненад Новковски смета дека по теркот на другите европски земји Бирото за развој на образованието и Министерството за образование треба да назначат советници кои би ја следеле работата на наставниците.
„Да се ангажираат наставниците од училиштата кои имаат многу големо искуство да бидат помалку зафатени со настава, при што голем дел до времето да работат на советување на помладите колеги со цел тие да работат подобро и да се отстранат евентуалните грешки“, вели тој.
Костуранова додава дека треба да се најде начин по кој ќе се евалуира квалитетот на образованието.
„Не е неопходно учениците да добиваат втора оценка, но државата некако да има увид и да знае да ги мери ефектите од образованието. Да не го прави тоа само преку меѓународните тестирања, туку да имаме и домашни тестирања за од година в година да го подобруваме курикулумот и образовните услови“, вели Костуранова.
Според Светска банка, Македонија иако од земјите во регионот најмногу вложува во образованието, по неговиот квалитет се наоѓа на дното. Светска банка предупреди дека треба да се работи на квалитетот на човечкиот капитал, затоа што, според последните резултати на тестирањето направено во 2015 година, две третиини од 15-годишниците не поседуваат функционална писменост.