Достапни линкови

За Младинцките работи


Стефан Богоев, претседател на СДММ, пратеник од СДСМ
Стефан Богоев, претседател на СДММ, пратеник од СДСМ

Младите мора да имаат можност за нормален живот, повеќе пари за време на студирање и можности за вработување, дообразување, пракса или сопствен бизнис со сериозна помош од државата, пишува Стефан Богоев од СДСМ, во младинската он-лајн колумна на Радио Слободна Европа.

Република Македонија веќе неколку години е во сериозен, турбулентен и би рекол ризичен период. Државата се наоѓа во најсериозната политичка криза во нејзиното постоење, сиромаштијата и невработеноста опстојуваат на енормно високо ниво, граѓаните масовно се иселуваат...

Со години се чекаше разрешница на ситуацијата, долго време се очекуваа изборите.

Лани, исто во јануари, во мојата прва колумна за 2016-та година, пишував дека тоа ќе биде година на промените, година на младите. Сега, откако помина една етапа од кризата со одржувањето на изборите, редно е да разгледаме три прашања: Што се случи? Зошто се случи, тоа што се случи? Што очекуваме да се случи понатаму? Одиме по ред.

Што се случи?

Изминативе неколку години, во Македонија се случи една тивка, невообичаена, модерна и ненасилна, би рекол, младинска револуција. Младите со години беа потиснати, замолчени, понижени, па дури и некогаш насилно тепани. Нормално, како и секое друго живо суштество, инстинктот наложува кога си загрозен да се бориш, а кога си нападнат да се браниш. Ние младите и се боревме и се браневме, но на наш, уникатен и ненасилен начин. Како во аикидото, ја искористивме силата на противникот и возвративме. Токму ние младите бевме првата искра на пркосот уште во времето на Отпорот, кој изникна како резултат на бркањето и тепањето на новинари и пратеници во Собранието. Бевме во првите редови, борејќи се и на минус 15, но и на плус 40 температура! Протестиравме и за убиството на нашиот другар Мартин Нешкоски, го чувавме и ГТЦ. Борбата честопати ја менуваше формата и изгледот, но суштината остануваше иста. Младите ги најавија промените со студентските и средношколските протести, а борбата ја продолживме и „Секој ден во шест“, во „Кампот на Слободата“ и секако, во првите редови на „Шарената Револуција“. Почна силно во воздухот да се чувствува младешкиот бунтовен дух, почна да се наѕира промената и враќањето на животот.

На изборите кои следуваа после сè, опозициските партии вкупно заедно добија огромен број на гласови. Но, она што е најбитно, по сите постизборни анализи, но и по она што веќе беше видливо и се чувствуваше, младите масовно гласаа за опозициските партии, првенствено за СДСМ и коалицијата за живот во Македонија. Младите јасно ја ставија црешата на шлагот гласајќи за промени. Во Македонија, ништо повеќе нема да биде како што беше во изминатите десет години!

Зошто се случи, тоа што се случи?

Секако, во интерес на граѓаните е убаво да разјасниме и неколку дилеми кои првенствено се наметнати од вмровската пропагандна машина. Безброј пати сме ги слушале од ВМРО - ДПМНЕ како ветуваат брда и долини за младите, но уште повеќе, како зборуваат за наводните проекти кои веќе се остварени. Да бидеме до крај реални, имаше некои работи кои навидум личеа и на краток рок беа од полза на младите, но долгорочни, системски и суштински решенија за младинските проблеми не видовме никогаш!

Студенти беа принудени да живеат во скапани студентски домови во кои им служат храна со инсекти. Студенти беа игнорирани кога се одлучуваше за нивното образование. Студенти беа тепани од полицијата и од режимски силеџии кога сакаа да имаат демократски студентски претставници.

Истовремено, горе-долу, слични работи им се случуваа и на средношколците кои беа тероризирани со бесмисленото екстерно тестирање.

Секој втор млад човек е невработен, додека оној кој нашол работа, најверојатно морал да извади партиска книшка и да работи за плата со која не може по едно кафе да пие секој ден, а камоли нешто повеќе.

И конечно, како резултат на сè ова, младите принудно го напуштаа масовно своето родно огниште барајќи спас во Германија, Малта, Италија, на грчките острови, во Америка...

Сево ова ја прели чашата, ја вклучи црвената тревога и ги натера младите сами да се изборат за својот живот, тука во Македонија. И се изборивме!

Што очекуваме да се случи понатаму?

После сево ова, ние младите кои масовно гласавме за промени и за живот во Македонија очекуваме многу работи.

Прво, Македонија мора да добие нова, демократска влада без обвинети криминалци како Груевски во неа, но и да се осигура функционирање на правниот систем во државата. Секој што прекршил Устав и закони и ги крадел парите на граѓаните, мора да одговара!

Второ, треба да се зачуваат националните, државните интереси на Македонија!

Да престанат поделбите по партиска, верска и етничка припадност. Сите ние сме граѓани на Република Македонија и после сè, сите заедно треба да живееме во оваа држава. Треба да соработуваме, дружиме и живееме заеднички, друга опција немаме!

Трето, веднаш да се продолжи процесот на интегрирање во НАТО и ЕУ. Тоа гарантира стабилност, нови инвестиции, повеќе работни места, пристап до капитал и нови можности. Ова ме води до следното, можеби најбитното.

Четврто, ние младите очекуваме влада која веднаш ќе го укине екстерното, ќе започне со реконструкција на студентските и средношколските домови и ќе почне со имплементација на „Младинска гаранција“ и старт ап центрите за сопствен бизнис. Младите мора да имаат можност за нормален живот, повеќе пари за време на студирање и можности за вработување, дообразување, пракса или сопствен бизнис со сериозна помош од државата.

Гласот на младите мора се повеќе и почесто да се слуша и во Собранието, во локалните совети на општините, во централната и локалната власт. Младите да бидат консултирани и вклучени во носењето на сите клучни реформи во образованието, но и генерално во општеството.

На среден рок, минималната и просечната плата да се зголемат, да се изградат нови и модерни студентски центри, младинската невработеност да се преполови.

Ние младите се боревме и се изборивме за сево ова. Сакаме живот во Македонија веднаш и без одложување!

П.С. Како што 2016-та година беше година на пресвртот и година за паметење, така нека 2017- та биде година која повторно ќе помине во знак на младите, но по убави работи!

Радио Слободна Европа не секогаш се согласува со ставовите на авторите на колумните. Изнесените ставови на авторот можат, но не мораат да ја рефлектираат уредувачката политика на медиумот.

XS
SM
MD
LG