Достапни линкови

Младите ја преземаат сцената


Стефан Богоев, претседател на СДММ, пратеник од СДСМ
Стефан Богоев, претседател на СДММ, пратеник од СДСМ

Во изминатите години, но особено во изминатите месеци во Шарената револуција, младешката бунтовност и пркос дојдоа до израз. Конечно, после толку режимски години, ние младите, сите заедно успеавме да ги земеме работите во свои раце пишува Стефан Богоев, претседател на СДММ во младинската колумна на Радио Слободна Европа.

Јули, лето. Високи температури, студентите вратени во своите родни места, градовите полупразни. Некогаш беа скоро целосно празни ова време, но за жал, граѓаните немаат повеќе пари за годишни одмори. Или ќе поминат некој продолжен викенд или воопшто нема ни да отидат некаде. Ова лето повторно, масовно заминување на младите во странство по сезонска работа. Тука работа за младите нема, но не за долго, работите се менуваат! Во секој случај, што би рекле младите, по дифолт поволен период за режимот. Во едни вакви летни денови го апсеа Љубе Бошкоски, ја затвораа А1 телевизија, ги затворија Хашките случаи. Режимот секогаш ги прави своите гнасотилаци или доцна навечер или во летниот период. Па така, во ист стил, во своето последно режимско лето продолжија и овој пат.

По серијата отстапки и порази, режимот бараше начин како повторно да „покаже заби“. Го клекнаа Шарена револуција и опозицијата за аболицијата, на два пати за изборите и со заштитата на нему омразеното СЈО. Насушно на грогираниот боксер му требаше нов допинг, иако е фатен жив како се допингувал и како ги добивал битките. Се обиде да се допингува со 450 милиони евра нов долг. Залудно, долгот не го признаваме, после изборите парите, и украдените и овие позајмените, сами ќе си ги враќаат!

Во изминатите години, но особено во изминатите месеци во Шарената револуција, младешката бунтовност и пркос дојдоа до израз. Конечно, после толку режимски години, ние младите, сите заедно успеавме да ги земеме работите во свои раце.

Излегувајќи масовно и секојдневно по улиците низ градовите на Републиката, ние младите станавме клучен фактор и мотор на промените. И токму затоа, уплашен и испаничен, грогираниот боксер, диктатор во обид го активираше својот југенд за во својот препознатлив стил да зададе удар, фалсификувајќи ги студентските избори. Избори кои од самиот почеток беа нелегитимни, проследени со крадење кутии и немање никаква тајност во гласањето. Студентите се спротивставија и успеаја да го демаскираат сето ова и покрај тепањето од дпмневските силеџи и партиската полиција. Но, пораката до режимот е пратена и сфатена, ние младите сме за правна и демократска држава со слободни и демократски избори. Читај: фалсификат нема да ви дозволиме! Се повеќе факултети и сенатори од сенатот на УКИМ не ги прифаќаат резултатите од овие избори. Во септември, ќе се менува и стаутот на УКИМ за реформирање на студентското организирање. Младите успеаја, студентите победија!

На ред се предвремените парламентрани избори. Договор за фер услови за демократски избори е на повидок, останува нашата работа. Еден мудар човек во една прилика рече: „Прво треба да се факторизираш, па да се фаворизираш“. Ние младите веќе се факторизиравме и станавме клучен фактор во државата, јазиче на вагата, авангарда која реши сама да си ја креира својата иднина. Ќе се бориме за студентски стандард и нови домови, наспроти лебарки во јадењето и влага по таваните. Ќе се бориме и ќе добиеме повеќе вработувања за млади без притоа наместо CV да се бара партиска книшка и ќе се избориме за квалитетно образование, наместо контра универзитети за вдомување на партиски послушници. Сега сме фаворити на цела Република Македонија и ќе успееме! Од нас младите многу се очекува. Имаме должност, имаме обврска и пред нашите родители и идни генерации, но особено кон оние млади кои принудно веќе се иселија.

Оваа есен, ќе биде младинска пролет! Нема повеќе што да чекаме, бараме, се бориме и ќе се избориме за демократска и модерна Македонија. Ние младите тука остануваме, а нашите блиски назад си ги враќаме. Ги засукуваме ракавите и влегуваме во финалната битка. Битка која ќе ја добиеме, битка која ќе ја раскажуваме, битка во која вреди да си дел. Не е битно дали и од која партија, националност или вера сме. Самиот факт што сме млади и бунтовни не обединува, не прави најсилни, не прави најхрабри. Затоа во оваа битка сме фаворити, затоа ќе успееме! Ние младите доаѓаме!

П.С. Со режимот има кој да се бави. Сега има институции кои ќе ги расчистат криминалите и ќе ги натераат да ги вратат парите. Режимот е минато, ние сега гледаме кон иднината. Иднина која секако на нас младите ни припаѓа!

Радио Слободна Европа не секогаш се согласува со ставовите на авторите на колумните. Изнесените ставови на авторот можат, но не мораат да ја рефлектираат уредувачката политика на медиумот.

XS
SM
MD
LG