Достапни линкови

Граѓанскиот сектор да си ги засука ракавите


Марјан Забрчанец, граѓански активист
Марјан Забрчанец, граѓански активист

Пропуштивме шанса за решавање на кризата на еден поинаков, подемократски начин, но токму поради тоа, наместо дополнително да се исклучуваме себеси и да запаѓаме во агонии, нашиот следен налет треба да биде уште поорганизиран, подолготраен, потемелен и повеќе политички, пишува во младинската колумна на Радио Слободна Европа, Марјан Забрчанец, граѓански активист.

Голема е веројатноста дека многу скоро Пржино ќе испорача уште еден договор,а после преговарачката резиденција ќе остан празн, со застоен мирис на тајни преговори, притисок од меѓународна заедница, политичка волја и страв од ужасен крај.

Договор ќе има, но нема да имаме учество или белег на граѓанското општество ни во текот, ни во исходот од тој договор. Меѓународната и партиите не го прифатија предлогот за забрзани суштински реформи, стравувајќи од јавноста, од инсистирањето на порадикална демократизација и од тоа дека капацитетите кои треба да ги впрегнат за водење предизборна кампања би си ги потрошиле на подобрување на институциите и со тоа би ги изгубиле изборите.

Пропуштивме шанса за решавање на кризата на еден поинаков, подемократски начин, но токму поради тоа, наместо дополнително да се исклучуваме себеси и да запаѓаме во агонии, наместо да се откажуваме од политичкото, нашиот следен налет треба да биде уште поорганизиран, подолготраен, потемелен и повеќе политички. Еве четири силни прични зошто невладините, заедниците и движењата мора да се кренат уште повеќе и да ги заинтересираат граѓаните за уште поголем ангажман во политичките процеси.

Прво, затоа што некој мора да ги поттикне граѓаните да учествуваат на предвремените парламентарни избори. Само ако фрлиме сноп светлина врз тие избори и ако учествуваме во тој процес на сите демократски начини ќе можеме да влијаеме врз исходот и врз квалитетот на изборите. Будното граѓанско око и граѓанскиот глас во претстојните избори ќе оневозможат нова систематска кражба, а ако некој сепак се дрзне на такво нешто, граѓаните ќе имаат докази и подоцна многу полесно ќе можат да се спротистават и ако е неопходно да ги поништат и изборите и резултатите. Учеството на граѓаните во изборите ќе ги обврзе на нивна поголема вклученост во контролата на следната влада, без разлика кои субјекти ќе ја формираат, а за која се поизвесно е дека ќе биде на слаби нозе, изгласана од слабо парламентарно мнозинство. Слабо парламентарно мнозинство ќе значи многу помала партиска контрола врз државата и општеството, а тоа е можност за посилни ангажмани на граѓанскиот сектор.

Второ, затоа што мнозинство од граѓаните веруваат дека правдата е клучна за излезот од кризата и затоа што на Специјалното јавно обвинителство мораме да му обезбедиме исход. Сега, кога од една страна се наѕира создавање институционален капацитет преку дополнителни специјални оделенија за гонење и судење на криминалот, а од друга страна партискиот Уставен суд се заканува да го укине, граѓаните ќе имаат пресудна улога да го одбранат. Одбраната на СЈО зависи исклучиво од граѓаните, без разлика дали таа ќе се обезбеди преку директна поддршка во јавност и преку притисок врз политичките субјекти или преку нови масовни и дефинитивни протести на улица, во случај власта да сака од позиција на сила и моќ да ја укине шансата за правда.

Трето, затоа што демонтажата на режимот мора да се случи и на локално ниво, а локалните избори во 2017 година може да бидат можност, но и пречка за тоа. Ако локалните политики ги оставиме само на приказните за бекатон плочки, маалски фонтани и нови вработувања во локалните самоуправи, тогаш ќе дозволиме уште повеќе граѓани од помалите места да заминат од Македонија. Граѓаните веќе не ги интересираат фонтани, споменици и спортски сали. Граѓаните ги интересира здравје, повисока плата, подобро школо, подобар живот во пензија, чист воздух и чиста вода. Затоа, организираните локални заедници имаат обврска да го кренат гласот и во предизборие да испорачаат јасни барања и мерки за подобра живејачка до сите партии. Граѓаните се поголеми од малограѓанштината што мнозинство од локалните власти им ја пружаат изминативе години и тоа мораат јасно да го кажат преку иницијативи и предлог-политики кои ќе ги испорачаат до политичките субјекти. Завршува времето на кметовите со по три мандати и ова одлична шанса во градовите низ Македонија да се инсталира нова и демократска политичка матрица. Партиите треба да се свесни дека без нивна сериозна реформа во пристапот кон граѓаните на локално ниво, бројката на граѓански листи и независни кандидати сериозно ќе расте.

Четврто, затоа што меѓу граѓанскиот сектор постои консензус околу нужноста од неколку крупни политички реформски чекори кои ќе обезбедат демократизација на општеството и спас на државата од распад. Процесот наречен Блупринт (Планот за итни демократски реформи) мора да го мобилизира поширокото граѓанско општество, да ја зголеми својата транспарентност и инклузивност и да се зафати со темелно застапување за секоја од најитните реформи кои не се опфатени во новиот пржински договор, а за граѓаните и за општеството се круцијални.

Граѓанскиот сектор се уште не ги ужива симпатиите од мнозинството граѓани во Македонија, но јасно е дека кон него се приклучуваат се повеќе индивидуи и се повеќе организирани заедници. Ако во 2012 година во граѓански иницијативи бил вклучен секој петти граѓанин (21%) на Македонија, во 2015 тој сооднос пораснал на секој трет (32%). Имајќи ги во предвид стотиците илјади граѓани кои излегоа на протести пролетва и изминатата пролет, како и серијата помали граѓански победи на разните иницијативи кои се изродија периодов, граѓанскиот сектор мора да ја употреби оваа своја кондиција и да не се откажува после првиот посериозен, а сепак неуспешен обид за системско граѓанско учество. Граѓанскиот сектор има сериозна задача пред себе, да влијае врз демократизација на изборниот процес, да притиска за итните реформи и да ги поттикнува граѓаните на нивно учество во сите општествени пори.

Радио Слободна Европа не секогаш се согласува со ставовите на авторите на колумните. Изнесените ставови на авторот можат, но не мораат да ја рефлектираат уредувачката политика на медиумот.

XS
SM
MD
LG