Достапни линкови

Буџет за млади, што е тоа?


Иван Јованов Член на Управниот одбор на Националниот младински совет на Македонија
Иван Јованов Член на Управниот одбор на Националниот младински совет на Македонија

Македонија вложува по половина денар месечно за секој млад човек во земјава. Колку за споредба Европската унија во просек од својот буџет издвојува 0,8% на годишно ниво, пишува за младинската онлајн колумна за Радио Слободна Европа Иван Јованов, член на Управниот одбор на Националниот младински совет на Македонија.

Замислете си едно четиричлено семејство со две деца. Нормално, на почеток потребите на децата се мали, се што бараат е храна и внимание. Како што растат децата, барањата и потребите им се зголемуваат, меѓутоа родителите како родители мислат дека тие знаат што им е потребно на нивните деца и ретко кога и да ги слушаат нивните барања. Секогаш тие им го креираат буџетот, речиси сите одлуки ги носат исклучиво родителите, притоа не поттикнувајќи ги децата да се осамостојат. Кога децата (веќе полнолетни) бараат да се доедуцираат, родителите сметаат дека реновирањето на станот е поприоритетно, кога децата сакаат да си ги следат своите сништа и да изберат професија која ја сакаат, родителите им велат дека тоа не се исплати. Во еден момент двете деца завршуваат факултет, гледаат наназад и сфаќаат колку всушност тие изгубиле од тоа што не биле слушнати и не можеле да влијаат врз одлуките и тоа што речиси никогаш нивниот развој не бил приоритет во семејството.

Вака отприлика може да се опише состојбата и амбиентот на младите луѓе во Македонија и за тоа колку во нив се инвестира. Секогаш декларативно на листата на приоритети но никогаш во пракса, секогаш бодрени дека се иднината, но никогаш сегашноста, секогаш присутни, но сепак отсутни.

Младите не се спорт, спортот не е (само) млади!

Националниот младински совет на Македонија во изминатиот месец започна со објавување на податоци за тоа колку всушност средства се одвојува за младите.

Ако го земеме буџетот на Агенцијата за млади и спорт за 2016 година како институција надлежна за младите ќе видиме дека младите се незначително застапени. Од вкупно 100% (566 милиони денари) , дури 86,14% отпаѓаат на секторот спорт, 13,75% отпаѓаат на секторот за меѓународна соработка и неверојатни 0,52% (скоро 3 милиони денари) на секторот млади. Ваквиот буџет и неговата распределба е речиси непроменет во последните 20 години, и со него младите се поистоветуваат со спортот. Меѓутоа младите се многу повеќе од спортот, тие имаат многу поголеми потреби од спортот.

Земајќи ги овие податоци во предвид, од вкупниот буџет на Република Македонија, директно за младите се распределни 0,0015% од средствата. Според тоа, излегува дека Македонија вложува по пола денар месечно за секој млад човек во земјава. Колку за споредба Европската унија во просек од својот буџет издвојува 0,8% на годишно ниво.

Но да видиме каква е ситуацијата во регионот и колку таму се инвестира. Според најновиот извештај за млади на Европската унија (European Youth Report 2015), Бугарија во 2013 година одвоила околу 650 000 ЕУР за Министерството за млади и спорт наменети за имплементација на Националната стратегија за млади, како и поддршка на проекти на младинските организации. Понатаму, во Србија биле алоцирани 8 400 000 ЕУР од националниот буџет за младинското поле, додека пак во Словенија таа цифра изнесува неверојатни 200 милиони ЕУР. Според ова може да се забележи дека во земјите од регионот значително повеќе се инвестира во младите.

Зошто никој не зборува за буџет за млади?

Од година во година како земја имаме се поголем буџет, кој за жал непропорционално се распределува за младите. Во екот на креирање на државниот буџет и дебатата околу истиот се зборува за плати, пензии, придонеси, капитални инвестиции...притоа никаде не се споменуваат младите. Точно е дека со дел од мерките се опфаќаат младите, но на нив им е потребен директно и исклучиво наменски буџет. Што тоа подразбира?

-Повеќе средства за сектор млади во Агенцијата за млади и спорт

-Алокација на средства за грантирање на младинските организации

-Поддршка на процесот на стурктурен дијалог

-Средства за имплементирање на Националната стратегија за млади итн.

Дел од вината за ваквата ситуација ја имаме и ние како млади луѓе, кои недоволно гласно ги ги искажуваме нашите потреби кога се работи за поголем буџет и тоа мора да се промени. Затоа НМСМ како најголемо претставничко тело на младите во Македонија во наредниот период ќе се бори за зголемување на буџетот наменет за млади и младинските организации.

За крај, буџетот не е само бројка туку израз на нашите вредности и приоритети и во таа насока, вредностите и приоритети мораат да се променат, во нив мора да има простор за младите, во спротивно ќе останеме само бројка.

Радио Слободна Европа не секогаш се согласува со ставовите на авторите на колумните. Изнесените ставови на авторот можат, но не мораат да ја рефлектираат уредувачката политика на медиумот.

XS
SM
MD
LG