Лудилото во Македонија ја достигнува својата кулминација. Никој не очекуваше дека борбата со режимот ќе биде лесна и неговото препелкање во обид да купи некој ден плус е сосема очекувана и искалкулирана. Но, лудоста која оди во екстремна крајност мене лично ме изненадува. После повеќе од една година од објавувањето на фамозната фраза на Ставрески „Ние сме лудаци, ова што го правиме не е нормално“, сè поочигледно е дека ни самите тие не верувале дека се до толку „лудаци“ или во вордингот на Јанкулоска „забегани“.
Шарената револуција не е ничија, таа е сечија! Никој нема право да каже дека ја отпочнал, уште помалку да одлучи кој може, а кој не може да биде дел од неа. Таа се изроди од гневот и револтот на граѓаните.
Нелегитимниот, избран на фалсификат избори, човекот без никаков личен, а уште помалку професионален кредибилитет, кој освен молк (оттука прекарот Фикус) и чат-пат по некој гаф, друго ништо паметно и не кажа за овие седум години, одлучи свесно и координирано со челниците на режимот да зададе фатален удар на правниот и државниот поредок во Македонија. По претходната неуставна одлука на партискиот Неуставен суд, Ѓорге Иванов ги аболираше криминалците од ВМРО-ДПМНЕ! Убедени дека народот, кој често милуваат да го спомнуваат, ќе остане нем и глув на оваа одлука и водејќи се по народната „Секое чудо за три дена“, за миг помислија дека се спасени од мечот на правдата. Но, заборавија една друга многу битна народна изрека, „кој на друг гроб копа, сам во него паѓа“.
И така, после десетгодишна битка со режимот, после долгогодишни пркоси и протести, после бомбите од „Вистината за Македонија“, режимот со одлуката за аболиција го забрза раѓањето на нешто многу силно и искрено! Се роди „Шарената револуција“!
Режимот на Груевски веќе станува тотално небитен. Шарената револуција со целата своја разноликост и колоритност од идеи, ставови и мислења на идеален начин му пркоси на груевистичкото сивило! После секоја закана и притвор за некој од граѓаните кои протестираат, сме сè побројни и посилни. После секоја изјава дека сè се снима на протестите, сме сè поодлучни во нашата намера. Всушност, оваа шарена револуција е репрезентативен примерок на Македонија во која ние граѓаните сакаме да живееме, наспроти Македонија на ВМРО-ДПМНЕ и Никола Груевски. Ние сакаме слободна мисла, тие сакаат сителова и курирска реалност! Ние сакаме различни ставови и мислења, тие сакаат миркина и миленкова вистина! Ние сакаме да живееме тука, тие сакаат да избркаат сè што не се поклонува на диктаторот! Конечно, ние сакаме Македонија со свесни граѓани, тие сакаат држава со присилен и уценет народ!
Шарената револуција не е ничија, таа е сечија! Никој нема право да каже дека ја отпочнал, уште помалку да одлучи кој може, а кој не може да биде дел од неа. Таа се изроди од гневот и револтот на граѓаните, а расте од ден на ден од надежта и желбата за слобода и промени за сите нас! Јас сум горд што јас и мојата партија сме дел од оваа револуција!
Протестирајќи секојдневно по улиците на мојот град, говорејќи пред граѓаните на Шарената револуција реков дека ќе биде една од најбитните епизоди во нашите животни филмови. Ќе биде нешто што ќе ги промени државата и нашите судбини на подобро, ќе биде епизода која ќе сакаме, а нема да може да ја репризираме! Ќе ја раскажуваме на деца и внуци, ќе ја памтиме и ќе се гордееме со себе зашто сме биле дел од неа. Патем, која е веројатноста еден човек да доживее во својот живот да биде дел од едно вакво движење!?
Револуција не се случува секој ден! Јас и стотици илјади граѓани низ Македонија секојдневно ја живееме. Дојди и ти, не за мене, туку за себе!
На крајот, граѓаните ќе победат, Македонија ќе се ослободи! А до тогаш, „НЕМА ПРАВДА, НЕМА МИР“!
Радио Слободна Европа не секогаш се согласува со ставовите на авторите на колумните. Изнесените ставови на авторот можат, но не мораат да ја рефлектираат уредувачката политика на медиумот.