Веќе со недели илјадници граѓани се секојдневно на улиците, пред сè испровоцирани од одлуката на претседателот Ѓорге Иванов да помилува политичари и нивни соработници, но имаат и редица други барања. Покрај повлекување на аболицијата, оставка од Иванов, повлекување на одлуката за избори на петти јуни, тие бараат и граѓаните да бидат вклучени во процесот на разговори за надминување на кризата.
Ако граѓаните се јасни, ако мобилизацијата е конзистентна и стои зад принципите сè до нивно исполнување, нема да имаат избор, затоа што моќта на граѓаните ќе мора да ги наведе институциите да се демократизираат и да ја стават државата во вистинската насока.Игор Мицевски, активист во движењето „Протестирам“.
Протестот на улица е за да се врати владеењето на правото, кое сега не постои, исто како што не функционираат институциите, а и Уставот е скршен повеќе пати, вклучително и со одлуката на Иванов, оценува Игор Мицевски, активист во движењето „Протестирам“. Според него, нема друг избор за државните моќници, освен да ги слушнат и граѓаните кои се на улиците.
„Ако граѓаните се јасни, ако мобилизацијата е конзистентна и стои зад принципите сè до нивно исполнување, нема да имаат избор, затоа што моќта на граѓаните ќе мора да ги наведе институциите да се демократизираат и да ја стават државата во вистинската насока. Граѓанското присуство во тој процес е императив, не може повеќе да се случуваат политички промени во кои граѓаните не се прашани за тоа каде сакаат да оди ова општество”, вели Мицевски.
Граѓаните и според Уставот се носители на суверенитетот и пред сè владејачката партија нема да може уште долго да ги игнорира, оти на сите им е јасно дека во спротивно револтот може да се радикализира, смета и професор Темелко Ристевски.
„Јас мислам дека на крај и владејачката гарнитура изложена на огромен притисок од граѓаните дека ќе се вразуми и ќе создаде услови за тоа да се седне на преговарачка маса и да се преговара со цел политичките партии од власта и оние кои се стремат да бидат сервис на граѓаните, но сепак пред сè мислам на владејачката партија, тие треба да ја одиграат одлучувачката улога во тој процес”, вели Ристевски коментирајќи ги условите кои треба да се создадат за воопшто да се отвори можноста за решавање на проблемите преку дијалог.
Последната шанса во Виена пропадна поради двете барања на СДСМ – повлекување на одлуката за аболиција и поништување на одлуката за избори на петти јуни, нешта за кои владејачката гарнитура не покажа спремност за компромис.
Во меѓувреме протестите продолжуваат и се проширија во повеќе градови. Паралелно со тоа пораснаа и критиките во дел од јавноста дека движењето „Протестирам“ се криело за да не преземе одговорност за инцидентите, а и дека негови членови земале огромни суми пари. Во интервјуто што в целост ќе го емитуваме в недела Мицевски како активист во движењето целосно ги негира ваквите написи.