Достапни линкови

Селективната правда е неправда


За последните протести протести неколкумина беа повикувани на разговор, а некои добија и притвор. Од друга страна, ретко кој од осомничените во случаите што ги отвори СЈО доби мерка притвор, а и тие што добија, потоа повисок суд ги преиначи или ги укина.

Истото сценарио од протестите од минатата година на 5 мај и после тоа се применува и сега. Се приведуваат, задржуваат, притвораат луѓе кои се редовни учесници на протестите, вели Уранија Пировска од Хелсиншки комитет. Таа истакнува дека за такво дело ниту еден судија во нормални услови не би доделил притвор.

„Но, јасно е дека се сака да се пренесе порака, што би ги снашло сите оние кои одат на протести. Не случајно определуваат мерка притвор за да понатаму го спречат уставното право на тие луѓе да учествуваат на протестите. Селективниот пристап е очигледен не само кога станува збор за протестите, туку години наназад кога станува збор за приврзаници на режимот и оние коишто се од другата страна, односно ја критикуваат власта“, вели Пировска.

Селективниот пристап е очигледен не само кога станува збор за протестите, туку години наназад кога станува збор за приврзаници на режимот и оние коишто се од другата страна, односно ја критикуваат власта.
Уранија Пировска, Хелсиншки комитет за човекови права.

Таа го посочува примерот со луѓето од „Веритас“ на протестите пред Општина Центар кои ја оштетуваа зградата на општината, а немаат добиени никаква санкција за своето однесување. Обвинителството не ги најде виновниците за нападот на ЛГБТИ центарот на прослава на нивната годишнина.

За последните протести протести неколкумина беа повикувани на разговор, а некои добија и притвор. На еден од демонстрантите, Борјан Ефтимов, на кој му беше одредена мерка осумдневен домашен притвор, вчера му е одреден 30-дневен притвор. Тој вчера на својот фејсбук профил порача демонстрантите масовно да излезат на улица „за да не бидете Вие следните кои што ќе трпат психичка тортура и ќе бидат угнетувани во лавиринтите на овој режим“. На професор Здравко Савески исто така му е одреден куќен притвор од осум дена. Пировска вели дека имаа сознанија дека обвинителот поднел жалба на таа одлука, со што, според неа, се оди на тоа да се определи ефективен притвор.

„Очигледно е дека власта ќе оди до крај со репресијата. Очигледно е дека се мошне исплашени од големата бројка на луѓе којашто излегува секој ден веќе 14 дена. Јас се надевам дека ќе проработи и свеста кај судиите во овие моменти кога во Македонија луѓето се борат за слобода и за правда. Сведоци сме како најголемите криминалци се сè уште на слобода, додека младите луѓе, сите оние кои во земјата се борат за демократија, се борат за слобода на мислам, на говор, се борат за сето она што беше неправедно во земјава со години им се определуваат казни коишто се непримерни во вакви услови“, вели таа.

Хелсиншкиот комитет обезбедува бесплатна правна помош за сите оние кои ќе бидат повикани во полициска станица и ја следи постапката со тоа што им обезбедува адвокат. Секој граѓанин што ќе се соочи со таков проблем поради неговото учество на протестите може да се обрати до Комитетот.

Слични ситуации имаше и во изминатите години. Млекарот Душко Илиевски во 2010 година беше ставен во притвор, заедно со членови на неговото семејство, под сомнение дека одгледувал марихуана. Откако беше утврдено дека на неговите ниви растел див коноп, тој беше ослободен. Илиевски тогаш тврдеше дека се работи за политички процес поради неговите критики за Сведмилк.

Досегашната пракса покажува дека судот одредуваше притвор во речиси сите случаи кога обвинителството тоа го бараше. Од друга страна, ретко кој од осомничените во случаите што ги отвори Специјалното јавно обвинителство доби мерка притвор, а и тие што добија потоа повисок суд го преиначи или го укина. Прв притвор од 30 дена доби Началникот на петтата управа во МВР Горан Грујевски, но потоа Кривичниот совет му ја преиначи во мерка куќен притвор. Горан Грујевски е првоосомничен во случајот „Тврдина“. Тој се сомничи за уништување на опремата за прислушување во МВР.

Кривичниот совет пред два дека ја смени и одлуката за двајцата осомничени во случајот „Tранспортер“ и наместо притвор им определи мерки за обезбедување присуство односно одземање на патна исправа, обврска да се јавува во судот во Битола и забрана да го напуштат живеалиштето. Случајот „Транспортер“ се однесува на тендерите за превоз на ученици во општина Битола за што било наплаќано неколкукратно повеќе од договорената цена.

  • 16x9 Image

    Пелагија Стојанчова

    Новинарската кариера ја започна како радио водител на музичка емисија во локалното радио во Кратово. Во 2008 година работеше како новинар за култура и образование во бесплатниот дневен весник Шпиц. Од јануари 2009 работи како дописник за Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG