Одбраната на притворениот началник на Петтата управа во Министерството за внатрешни работи Горан Грујевски поднесе жалба на одлуката за притвор од 30 дена. Од Основниот суд Скопје 1 за Радио Слободна Европа велат дека жалбата е пратена до судијата на претходна постапка кој откако ќе ги комплетира документите за предметот ќе ги достави до Кривичниот совет кој понатаму треба да одлучи по жалбата за притворот.
Ова во суштина значи ослободување, односно смелост судството да се ослободи од сега веќе изнемоштената власт, власта на ВМРО – ДПМНЕ и ДУИ на која и се климаат нозете, и значи на оформирање на едно реално судство, од друга страна пак очигледна е и заканата дека доколку судии не ја реализираат својата работа, очигледно е дека може да бидат субјект на евентуални судења.Алајдин Демири, политички аналитичар.
Дел од аналитичарите не сакаат да коментираат додека не завршат процедурите и додека не биде готова конечната одлука за притвор.
Додека, пак дел, велат дека вчерашната одлука претставува мала победа на Специјалното обвинителство и почеток на соработка на Судот со тимот на специјалната обвинителка Катица Јанева. Аналитичарот Алајдин Демири смета дека одлуката за притвор покажа дека соработката на Судот со Специјалното обвинителство е неминовна.
„Ова во суштина значи ослободување, односно смелост судството да се ослободи од сега веќе изнемоштената власт, власта на ВМРО – ДПМНЕ и ДУИ на која и се климаат нозете, и значи на оформирање на едно реално судство, од друга страна пак очигледна е и заканата дека доколку судии не ја реализираат својата работа, очигледно е дека може да бидат субјект на евентуални судења.“
Политичкиот аналитичар Соња Стојадиновиќ смета дека притворот значи дека клопчето почнува да се одмотува, и дека постапките на СЈО почнуваат да се реализираат на терен.
„Но сепак сметам дека, неговото апсење, неговото ставање во притвор, не мора да значи дека сите тие луѓе кои се и под истрага и се осомничени дека ќе бидат процесуирани, затоа што клучен играч и еден од тие кои ја раководеле работата на Горан Грујевски е Сашо Мијалков, и мислам дека ставањето на Грујевски во притвор нема да значи ништо се додека Мијалков и сите тие околу него, кои работеле на терен, не бидат исто така ставени во притвор.“
Таа смета дека следните постапки на Судот во однос на другите предмети на СЈО ќе ја покажат вистинската слика.
„Дали Мијалков ќе биде или нема да биде уапсен, по тоа ќе се знае дека ако не биде уапсен Грујевски е жртвено јагне, но ако биде уапсен ќе значи дека правдата почнува да се реализира и го добива својот тек. “
Претходно на распит во Судот за друг предмет на СЈО се појавија и поранешни министри и еден градоначалник, но за нив не беше одредена мерка притвор. Демири вели дека не верува дека во овој случај Грујевски е жртвено јагне, затоа што ова е процес кој само што почна.