Достапни линкови

СЈО и власта - акција и реакција


Дали Македонија започна да наликува на оние централно африкански држави на пример каде законите и системот се прилагодуваат на потребите на владејачката елита? Власта имено на секој нов отворен случај на СЈО реагира со закон за амортизирање за криминалот, корупцијата, тортурата, велат експертите и додаваат – тоа на крај нема да им помине.

Десетина дена откако Специјалното јавно обвинителство во февруари го обелодени случајот Титаник во кој истражува изборни измами, во јавноста се дозна за иницијатива на охридски адвокат на Претседателот да му се вратат ингеренции со кои може да помилува и за изборен криминал. Тоа подоцна и се случи и Уставниот суд ја усвои иницијативата.

И ова е една опструкција на Специјалното јавно обвинителство и тоа како оди-по секоја најава на Специјалното јавно обвинителство за отпочнување на предистражна и на истражна постапка следи реакција на легислативен план со кои на некој начин се сака да се амортизира Специјалното јавно обвинителство.
Јован Трпеновски, поранешен јавен обвинител.

Сега кога Обвинителство го најави новиот предмет „Тортура“ поврзан со апсењето на Љубе Бошкоски во кој првоосомничен е поранешниот шеф на УБК, пратеници од ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ поднесоа предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за кривичната постапка. Основната цел поради која се предлага овој закон по скратена постапка според подносителите е да се создаделе претпоставки за ефикасно остварување на правата на одбраната на осомничените во кривичната постапка.

Не престанаа опструкциите кон Специјалното јавно обвинителство од дента кога е формирано и е назначена обвинителката, коментира поранешниот јавен обвинител Јован Трпеновски кој во таков контекст ги става и овие последни измени.

„И ова е една опструкција на Специјалното јавно обвинителство и тоа како оди-по секоја најава на Специјалното јавно обвинителство за отпочнување на предистражна и на истражна постапка следи реакција на легислативен план со кои на некој начин се сака да се амортизира Специјалното јавно обвинителство. Тоа е многу препознатливо и е многу лошо бидејќи ние сакаме во една правна држава да живееме“, вели Трпеновски.

Во измените се предвидува пред поднесување на обвинителен предлог, јавниот обвинител задолжително да го извести осомничениот за преземените истражни дејствија и за прибраните докази, по што одбраната ќе има 90 дена да преземе дејствија, наместо сегашните 15.

Се предвидува и пред поднесување на обвинителен предлог, пресудата да се донесе врз основа на спогодба меѓу обвинителството и осомничениот, а измените би требало да важат ретроактивно и за постапките започнати пред влегувањето во сила на овој закон.

Ваквите измени од една страна се добри за граѓаните кои во минатото беа под стрес на институциите бидејќи имаше масовни апсења дури и за тривијални работи, вели аналитичарот Алберт Муслиу, кој од друга страна додава дека е јасно оти ваквите акции се поврзани со работата на Специјалното јавно обвинителство.

„Во секој случај може да има реакција на кој било чекор на Специјалното јавно обвинителство, но тоа не ја менува реалноста. Ниту одлуката на Уставниот суд ќе ја олесни тежината на кривичните дела кои евентуално ќе се докажат, ниту новите иницијативи кои се во тек или ќе бидат ако ништо друго барем политичката одговорност. Што се однесува до индивидуалната одговорност кој било одлучувачки центар мисли дека во Македонија по се што се случи само со административна и институционална процедура тоа ќе може да се затвори е во заблуда, затоа што тоа не може да помине“, вели Муслиу.

Според него од другата страна на ваквите иницијативи биле граѓаните и меѓународната заедница кои нема да дозволеле земјава да се претвори во, како што вели, држава како оние од централноафриканските региони кои го прилагодувале својот систем кон владејачките елити. Македонија е кандидат за членство во Европската унија а таму еден од основните принципи е еднаквоста на граѓаните, додава Муслиу.

  • 16x9 Image

    Фросина Димеска

    Родена е 1980 година во Скопје. Со новинарство се занимава од 2004 година кога почнува да работи како постојан дописник на Радио Слободна Европа од Скопје.
    Во периодот од 2008 година до почетокот на 2014 година работи прво како новинар во телевизијата Алсат М а потоа во дневниот весник Нова Македонија.

XS
SM
MD
LG