Достапни линкови

Јанева со главна улога на политичка сцена


Република пишува дека Катица Јанева е во јуриш за уривање на македонската држава. Фокус, пак, вели дека новите бомби на специјалната обвинителка се пред експлозија, а Глобус оди со остри критики до МАНУ.

Република - Катица во јуриш за уривање на македонската држава

Специјалната обвинителка Катица Јанева ја има главната улога на македонската политичка сцена. Откако изрази сомневање во легитимноста на државните институции и претседателот на државата. Република на насловната има напишано: „Катица во јуриш за уривање на македонската држава‟, со монтирана нејзина фотографија како се подготвува да активира динамит во државата Македонија. Најновиот скандалозен испад на Јанева, според уводничарот на неделникот, воопшто не бил во насока за спроведување легална истрага и расчистување на аферата со прислушувањето, туку, како што пишува, „има задача да ја преземе улогата на Заев во сценариото за тотално разнебитување на државата‟. „Јанева‟, продолжува Република, „останува последен адут на Заев не само да се спаси од избори туку и од затвор, па затоа обвинителката е подготвена да оди до крај во растурањето на државата во обид да го одбрани обвинетиот‟.

Фокус - Нови бомби на специјалната обвинителка

Катица Јанева на насловната на Фокус в рака држи бомба покрај Груевски кој во рацете, пак, држи папки на кои пишува „Отчетно‟. Насловот, всушност главната тема на уводникот во овој неделник, гласи: „Нови бомби на специјалната обвинителка – Катица пред експлозија‟, за во колумната авторот да напише: „Онаа мини-експлозија што ја предизвика со изјавата за нелегитимните институции е вовед во следните чекори, во процесуирање на неоткриените и неслушнатите бомби‟, смета авторот, па додава дека изненадувањата допрва доаѓаат, па влегувањето на ‛Алфите‛ и тимот на СЈО во зградата каде што се сместени Централниот регистар и Народна банка го нарекува „симпатична увертира‟.

Глобус - остри критики до МАНУ

Глобус овој пат со остри критики до народски таканаречениот „труст на мозоци‟ - МАНУ. Во врска со објавувањето, па експресното повлекување од интернет-страницата на „бројчаникот‟ кој во секунда покажуваше движење на задолженоста на Република Македонија. Колумнистот пишува за „Ноевите сматоци‟ нарекувајќи ги така академиците кои, повлекувајќи го броилото ги заринкале главите во песок и дозволиле политичка партија „на чие чело е одвај магистер‟ да им се заканува како на збунети првачиња. „Највисоката научна институција падна на коленици пред силеџиството на умови помали од ној... и станаа соучесници на врхушката дпмнеовски таленти криејќи ги заедно со нив главите в песок‟ - пишува Глобус.

  • 16x9 Image

    Горица Попова

    Родена е во Кочани, дипломирала во 1976 год. на Филозофскиот факултет во Скопје. Како новинар работи над 30 години. Почнала во Македонско радио- Радио Скопје во 1978 год. Од јуни 2009 год. е соработник на Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG