На Специјалното јавно обвинителство му е доставен дел од бараната документација по акцијата во Централниот регистар, соопштија денеска од Обвинителството. Припадниците на единицата Алфи синоќа ги блокираа сите влезови на Централниот регистер, постапувајќи по наредба на Судија на претходна постапка за одземање на предмети, а тоа го потврдија и од Основниот суд Скопје 1. Наредбата е издадена по барање на Обвинителството, откако, како што наведуваат, Централниот регистар во дадениот рок од триесет дена не им ја доставил потребната документација, туку само ги известил оти нивното барање било нејасно. Од Обвинителството истакнуваат и дека воспоставиле соработка со Централниот регистар и очекуваат во наредните денови да биде одземена целата документација која е наведена во судската наредба. Не е прв пат Специјалното јавно обвинителство да се соочи со проблеми во извршување на својата работа.
Политичкиот аналитичар Насер Зибери вели дека несоработката, одбивањето наредби и опструкциите со кои се соочува Специјалното јавно обвинителство се резултат на крајната политизација на институциите во државата.
„Тоа е доказ дека институциите функционираат по политички налог, а не по налог на примената на законот. За очекување беше дека СЈО ќе наиде на вакви опструкции, но се разбира дека они ќе се обидат до крај да ја изведат постапката и фактот што вчера обезбедиле налог од надлежниот суд покажува дека сепак може да се заврши постапката“, вели Зибери.
Зибери додава дека во иднина како што ќе се заострува политичката клима и ќе се проширува надлежноста и истрагите на Специјалното јавно обвинителство реакцијата на институциите ќе биде уште поголема.
„Навистина ќе имаме случаи каде ќе има судир на интереси и каде што повисоките инстанци ќе треба да ги применат законските одредби, бидејќи одбивањето на соработка во истрагата за разоткривање на кривични дела исто така претставува кривично дело и тие луѓе еден ден може да одговараат од носителите на функции во тие институции, до вработените и извршителите.“ додава Зибери.
Од Основен суд Скопје 1 соопштија дека издадената наредба во овој случај како и во повеќе предмети претходно покажува дека Судот соработува и има позитивен пристап кон работата на СЈО. Од Судот потенцираат и дека не ја коментираат акцијата на СЈО и како што наведуваат нивните оперативно тактички мерки на клопка и заседа на институциите, повикувајќи се на судски наредби и анонимни дојави кои што повеќе наликуваат на холивудско сценарио, а не на сериозно и посветено извршување на функцијата на еден орган како што е СЈО.