Достапни линкови

Јанева бега од законите или власта бега од Јанева?


Собраниската комисијата го одложи разгледувањето на извештајот на СЈО откако специјалната обвинителка Катица Јанева не дојде да го образложи извештајот. За власта недоаѓањето на Јанева е непочитување на Собраниетo. СДСМ, пак, вели дека власта е во паника и нема намера да дебатира за извештајот на СЈО.

Собраниската Комисија за политички систем ја одложи седницата на која требаше да се разгледува извештајот за работата во првите шест месеци на Специјалното јавно обвинителство поради тоа што не дојдоа претставници од СЈО. Седница ја отвори Влатко Ѓорчев кој рече дека била поканета и специјалната обвинителка, која не се појави, па затоа седницата ја презакажа за вторник.

Никој нема право да се стави над Уставот на државата и над Собранието на РМ. Недоаѓањето во Собранието е бегање од себе и обврската да се поднесе извештај.
Влатко Ѓорчев, ВМРО-ДПМНЕ.

Претседателот на Комисија за политички систем и односи меѓу заедниците, Влатко Ѓорчев денеска рече дека ова е прв случај во изминатите 25 години во Македонија едно избрано или именувано лице да не се појави и да не го образложи Извештајот за работата на институцијата која ја раководи. Според Ѓорчев, тоа е непочитување на Собранието, зашто сите избрани и именувани функционери даваат отчет пред Собранието – од амбасадори до претседател на државата.

„Никој нема право да се стави над Уставот на државата и над Собранието на РМ. Недоаѓањето во Собранието е бегање од себе и обврската да се поднесе извештај“, вели Ѓорчев.

Рената Дескоска од СДСМ оцени дека со одложувањето на седницата, владејачката ВМРО-ДПМНЕ ја покажува паниката во нивната партија и стравот на Никола Груевски да се соочи со одговорноста на криминалите кои ги има во прислушуваните материјали што ги објави опозицијата проектот.

„Очигледно е дека најавата за првите обвиненија создава паника во редовите на ВМРО-ДПМНЕ и токму денешното поведение на Ѓорчев е доказ за тоа. Очигледно е дека ВМРО-ДПМНЕ нема намера да дебатира за извештајот на СЈО“, вели Десковска.

Таа исто така укажа дека Комисијата селективно ги закажува седниците потсетувајќи дека е закажана сеница за извештајот на Јанева, но не и за извештајот на Јавниот обвинител Марко Зврлевски чиј извештај бил доставен во Собранието уште во јуни минатата година.

Претходно, од Специјалното јавно обвинителство рекоа дека Катица Јанева законски не е должна да го образложува и да дава отчет за Извештајот,

Инаку на седница на Комисијата присуствуваа поголемиот дел од пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ.

Одговарајќи на новинарско прашање Десковска рече дека евентуалното неусвојување на извештајот во Собранието не може да ја закочи работата на СЈО

„Ние не го ни усвојуваме извештајот. Ако ги погледнете и стенограмите кои се однесуваат на дебата на Советот на Јавни обвинители само се усвојува заклучок дека е разгледан извештајот, а не се усвојува извештајот“, рече Десковска.

Извештајот на СЈО што беше доставен до Собранието на 15 март треба да се разгледува на пленарна седница на Собранието на 28 март. Според деловникот извештајот може да се најде на пленарна седница без извештај на Собраниското тело.

  • 16x9 Image

    Мирјана Спасовска

    Родена е во Скопје 1971 година. Од 1996 та година работи во телевизиската кука А1. Од 1998 та година е во телевизијата Телма каде за централно информативната емисија известува за дневни социјално - општествени теми.  Во Радио Слободна Европа е од 2002 та година.  

XS
SM
MD
LG