Достапни линкови

Импровизирана заштита при работа е опасна по живот


За безбедно работно место се неопходни внимателност кај работниците и сериозност кај работодавачите. Но, свесноста во Македонија е на ниско ниво, велат од Македонското здружение за заштита при работа.

Секоја летна сезона надлежните препорачуваат да не се работи на отворено во најтоплиот период од денот. Но, секоја година градежните работници страдаат од високите температури. Превентивните мерки, штом температурите станат критично високи, треба да бидат задолжителни, сметаат од Македонското здружение за заштита при работа (МЗЗПР). Покрај ризик кај работниците на отворено, велат дека постои ризик и кај оние кои работат во затворени климатизирани простории.

„Избегнувањето прекувремена работа, користењето паузи за одмор и ако е потребно воведување дополнителни мерки кога температурата е висока, обезбедување соодветни простории за разладување, лесна работна облека и превентива од поголеми опасности при работа, се дел од основните препораки. Но, освен работниците на отворено, засегнати се и оние што работат во затворени климатизирани простории. Големите температурни разлики од климатизирана просторија исто така може да предизвикаат влошување на здравствената состојба, појава на несвестици, вртоглавици, мачнина, повраќање, грчеви и забрзана работа на срцето. Работодавачите генерално постапуваат по препораките, но под различни притисоци се јавуваат одредени деформации во системот. Секоја импровизација во заштитата при работа доведува до смрт. Ние како здружение сметаме дека е потребно во тој период да има почести контроли од страна на државниот инспекторат за труд“, вели Славица Јанкова, проектен координатор при МЗЗПР.

Според Извештајот за несреќи при работа од Здружението, лани имало повеќе несреќи и повреди на работното место во однос на претходната година. Конкретно, во 2017 година, според нивната статистика, се случиле 158 несреќи при работа, или на секои два ипол дена во годината. Од нив 24 биле смртни. Со други зборови, на секои 100 илјади вработени загинуваат 3 до 4 вработени, додека на секои 100 илјади вработени се повредуваат 18 вработени. Од здружението велат дека не може да се впери прстот за одговорност ниту кон работодавачите ниту кон работниците, односно одговорноста е во свеста кај двете страни.

„Факт е дека сè повеќе компании се вклучуваат во процесот на имплементација, но не значи дека имплементацијата на законот и спроведување на мерките се доволни за работодавачот да ги избегне сите ризици и штетности на работното место. Од друга страна, пак, сметаме дека работниците не се доволно запознаени со своите права, односно дека јавната свест, генерално вклучувајќи ги двете страни, и работодавачите и работниците, е на многу ниско ниво кога се зборува за областа безбедност и здравје при работа“, рече Јанкова.

По 11 години од донесувањето на Законот за заштита при работа, експертите сметаат дека регулативата е во ред, но треба да се поработи на нејзиното спроведување. Законот за 11 години е изменет 10 пати.

„Во оваа насока, доктор Агим Шаќири, професор по трудово право, истакна дека од одредени измени произлегуваат потешкотии за нивно спроведување. Генерален заклучок е дека повеќето измени во законот за безбедност и здравје при работа не се применливи, се чини како да е избегната првичната цел на законот, односно првичната идеја за поттикнување на превентивна култура“, истакна Јанкова.

Како најкритични дејности каде што најмногу работници имаат несреќи се наведени „Јавна управа и одбрана, задолжително социјално осигурување“ по што следи „Градежништво“. Најголем број смртни несреќи лани имало во земјоделските дејности, најчесто при управување со трактор, по што следат градежните зафати во домаќинствата. Во МЗЗПР заклучиле дека при работа во домаќинствата има најмногу несреќи, поради што се акцентира и неопходноста од едукација.

Според анализата на здружението, понеделник и четврток се најнесреќните денови, односно во тие денови најчесто се случуваат несреќи на работно место. Додека од месеците, во април лани се случиле најмногу повреди, а во октомври најмногу смртни случаи на работно место. Најмногу се повредуваат вработените на возраст од 25 до 34 години, додека лицата од 45 до 54 години се оние кои најчесто гинат на работа.

XS
SM
MD
LG