Достапни линкови

Работен викенд само ако мора и за повеќе пари


Деновите од викендот да бидат денови на неделен одмор, а доколку се работат да се плаќаат како празници, бараат од Сојузот на синдикати. Од Организацијата на работодавачи велат дека некои гранки не можат да го сопрат работниот процес во недела, но оти тогаш работните часови мора да се платат повеќе.

Со цел работниците да обезбедат баланс меѓу семејството и работата, сабота и недела треба да бидат денови на неделен одмор. Ова е еден од предлозите на Сојузот на синдикати во рамките на активностите за измени на законот за работни односи. Покрај другите предлози за унапредување на работното законодавство, од Синдикатот сметаат дека во деновите од викендот, работниците треба да се одморат.

„Доколку се на работа, тоа треба да им се надомести како празнична дневница, односно како ден на неделен одмор, ама не тоа да биде друг слободен ден во неделата, туку сабота и недела да си се платат празнично“, вели Иван Пешевски, заменик претседател на Синдикатот за градежништво при ССМ.

Претседателот на Организацијата на работодавачи Ангел Димитров вели дека законот за работни односи во членот 134 став 2 регулира дека како ден на неделен одмор може да биде и друг ден во неделата, а со тоа им се остава на работодавачите со свој интерен акт да одлучат кој ден од неделата ќе се смета за ден за неделен одмор.

„Законот за работни односи вели дека редовното работно време во неделата е 40 часа. Дали ќе биде тоа 6 дена по шест ипол часа или ќе бидат пет дена по осум работни часови, исто е. Оние кои работат пет дена по 8 часа, а работи и сабота, тогаш саботата треба да му се плати плус 35 проценти отсто повеќе надоместок“, вели првиот човек на Организацијата на работодавачи Ангел Димитров.

Тој посочува дека работодавачот има обврска да ја пријави прекувремената работа со цел инспекциските служби да проверат дали се платени сите давачки кога се исплатиле платите. Уредбите и законските акти се добри, но слабата страна е нивното спроведување во пракса, потврдува Димитров.

Во нашата земја сè уште не е познат и светскиот тренд на намалување на работната недела, а со цел да се зголеми продуктивноста на работникот. И додека во некои земји има и забрана за работа во недела, кај нас најголемиот дел од угостителските објекти, трговските центри остваруваат најголем промет во деновите од викендот.

„Не е проблем и недела да биде неработен ден под услов да не се изигрува законот, а работникот да ги добие сите надоместоци кои му следуваат за таквата работа. Но, разликите од една на друга гранка се големи. Значи, ние имаме технолошки процеси кои не можат да запрат во недела. На пример, во една битуменска индустрија, ако не се одржува процесот, ако се стврдне битуменот, ќе имате огромни проблеми и загуби. Значи зависи од секоја гранка како ќе го распоредува работното време, но секоја прекувремена работа треба да се плати“, посочува Димитров.

Согласен со ова е и Пешевски, кој потенцира дека во насока на заштита на работничките права, Сојузот на синдикати се залага работниците кои работат во сабота и недела да добијат повеќе плата.

„Да не заборавиме дека работодавачите кои уживаат со семејствата за време на викенд, на нивна сметка работниците работат. Доколку работат, тоа да биде соодветно платено. Не да значи дека сабота и недела ќе работат за иста цена, како и за некој кој одмара. Значи ние не бараме ништо екстра, туку само сабота и недела да бидат платени како празник“, истакнува Пешевски.

Некои истражувања покажуваат дека преоптовареноста со работа резултира со здравствени проблеми, а прекувремената работа прави дисбаланс меѓу кариерата и грижата за семејството.

Инаку, во државите од регионот актуелна е идејата со закон да се прогласи недела за неработен ден за трговските објекти, со што вработените од овој сектор ќе имаат повеќе време да поминуваат со своите семејства, а ќе бидат и попродуктивни во извршувањето на работните обврски. Ваква пракса веќе е воведена во Грција, каде што во недела не работат трговските објекти. Црна Гора, пак, наскоро се очекува да усвои закон со кој неделата ќе ја прогласи за неработен ден за трговците, но сепак црногорските власти не планираат да ги затворат сите трговски објекти во недела. Слична иницијатива е поднесена и во Србија од страна на Самостојниот синдикат за трговија.

  • 16x9 Image

    Марија Тумановска

    Марија Тумановска, родена 1981 година во Струмица. За време на студентските денови, волонтира во некои од пишаните медиуми. По завршувањето на факултетот за новинарство, станува соработник во детската редакција на Македонското радио, Радио Скопје. Подоцна работи во културниот сектор на истиот медиум. Во Радио Слободна Европа е од декември 2004 година.

XS
SM
MD
LG