Работници, свесни сте ли дека вашите права секојдневно се кршат, а законските измени наместо да ви обезбедат поголема заштита, се повеќе се рестриктивни и на ваша штета. Токму затоа како граѓански активист и член во здружението Достоинствен Работник, сметам дека информираноста за законски утврдените работнички права е важен аспект и главен предуслов за спречување на нивното кршење. Во продолжение можете да ги прочитате и да се информирате за некои од основите права кои ви следуваат и се загарантирани со закон.
Прво, право на безбедни работни услови. Работодавачот мора да обезбеди услови за безбедност на животот и здравјето на работниците во согласност со посебните прописи за здравје и безбедност при работа и да ги преземе неопходните мерки со кои се гарантира дека на секој работник му е дадена доволна обука соодветна на посебните карактеристики на работата, водејќи сметка за неговата стручна подготовка и искуство. Работникот може да одбие вршење на некоја работа ако таа е штетна по неговиот живот и здравје, како и здравјето и животот на другите.
Второ, на работниците на кои, заради отворање на постапка за престанок на работодавачот, им престанува работниот однос во согласност со закон, им се обезбедува и право на исплата нането плати, придонеси од плата за пензиско и инвалидско осигурување и надоместоци за периодот од последните три месеца пред отворањето на постапката за престанок на работодавачот;обештетување за повредите при работа, коишто работникот ги претрпел кај работодавачот, како и за професионални заболувања инеисплатен надоместок на плата за времетраењето на неискористениот годишен одмор за тековната календарска година.
Трето, работникот има право на заработувачка – плата, согласно со закон, колективен договор и договорот за вработување. Платата е составена од основната плата, дел од платата за работната успешност и додатоците, ако со друг закон поинаку не е определено. Платата на работникот за работа со полно работно време не може да биде пониска од минималната платаутврдена според закон и колективен договор.
Четврто, прекувремената работа може да трае најмногу осум часа во текот на една недела и најмногу 190 часа годишно.
Петто, за време на дневното работно време работникот кој работи шест часа и подолго од шест часа има право на пауза во траење од 30 минути. Работникот кој работи со пократко работно време, меѓутоа најмалку четири часа дневно, има право на пауза во траење од 15 минути. Работникот има право на платен годишен одмор од најмалку 20 работни дена, додека пак, работникот вработен со половина работно време има право на одмор од најмалку 10 дена.
Шесто, работничка за време на бременост, раѓање и родителство има право на платено отсуство од работа во траење од девет месеца непрекинато, а доколку роди повеќе деца одеднаш (близнаци, тројка и повеќе) една година. Работодавачот не смее да го откаже договорот за вработување на работник за време на бременоста, раѓање и родителство и отсуство поради нега и чување на деца.
Седмо, право на синдикално здружување. Работниците имаат право, по свој слободен избор, да основаат синдикат и во него да се зачленуваат, под условите пропишани со статутот или правилата на тој синдикат.
Осмо, работници, доколку сметате дека некое ваше законско загарантирано право е прекршено, тогаш можете да се обратите до Инспекторатот за труд (усно или писмено, анонимно или како познат подносител), а доколку не сте задоволни од утврдената фактичка состојба од страна на ДИТ, тогаш можете да поднесете тужба против работодавачот пред надлежните судови.
Затоа, почитувани работници и работнички да не дозволиме кршењето на работничките права да стане наше секојдневие. Информираноста за законски утврдените права е моќна алатка во вашите раце.
Затоа, од оваа година во рамките на Здружение Достоинствен Работник се реализира проектот „Не биди роб – информирај се за своите работнички права“ поддржан од Европската Унија преку грантова шема на здружение Отворена Порта, каде работниците во текстилната индустрија како и останатите работници од другите дејности преку помош и поддршка во дадени информации и едукација, работниците полесно ќе може да изнајдат решение во борбата против трудовата експлоатација од страна на работодавачите.
Време е за нов предизвик и нов почеток за унапредување на работничките права!
Радио Слободна Европа не секогаш се согласува со ставовите на авторите на колумните. Изнесените ставови на авторот можат, но не мораат да ја рефлектираат уредувачката политика на медиумот.