Достапни линкови

На пат кон ЕУ, но изгледа без млади патници!


Антоанета Иванова, Основач на Европската младинска асоцијација за едукација Младиинфо Интернационал ( www.mladiinfo.eu)
Антоанета Иванова, Основач на Европската младинска асоцијација за едукација Младиинфо Интернационал ( www.mladiinfo.eu)

Во сета збрка со промената на името никој не се сети дека на дневно ниво губиме луѓе, државата не размислува никакви стратешки чекори кои во следните 10 години треба да донесат промени во човечкиот капитал во земјава, пишува Антоанета Иванова, претседател на Младиинфо Интернационал.

Во еден разговор неодамна, моја пријателка, професорка на Земјоделскиот факултет ми вели: замисли годинава само 70 студенти ни се запишаа, на времето имавме по триста. Друга пријателка, која работи во сектор за наплата на долгови и мора да им се јавува на луѓето на дневна основа да ги потсетува за плаќање на ратите, ми кажува дека минатата година од дваесетина повици дневно, повеќе од десет соговорници биле веќе во странство. Не паметам никогаш вакво нешто, ми вели пријателката.

Јас пак деновиве во очекување на најавеното прифаќање на Договорот од Преспа од страна на Грчкиот парламент, „тестирањето“ можни кандидати за претседател на Македонија, потенцијални парламентарни избори, нов буџет за 2019-та година, економски канцеларии за промоција на земјава на дури три контитненти, воз до Скопски аеродром во најава, Македонија во НАТО годинава… Читам, читам, и некако очекувам некој да се сети и да праша: За кого е сево ова? Земјава нема луѓе, младина која одамна се откажала од секаква идеја дека ќе остане тука во следните три години, да не зборуваме за подолго. Постојано гледаме статистики колку од младите луѓе веднаш би заминале, а никаде никој не се осмелува да каже што правиме што земјава забрзано старее? Се фативме со морбилите како потенцијална епидемија која ќе не уништи, а не гледаме дека егзодусот на младите е нашата пандемија. Најважно беше пазарџиите да се стават во ред и секако прогресивниот данок да се донесе како мерка. Последниве две години се добива впечаток дека секој млад човек проба да најде начин да замине, многумина и успеаа, кој според струка, кој и без тоа на Малта.

Во сета збрка со промената на името никој не се сети дека на дневно ниво губиме луѓе, државата не размислува за никакви стратешки чекори кои во следните 10 години треба да донесат промени во човечкиот капитал во земјава. Македонија во Европа најрано во 2027 ако се земат за рефернтни сите досегашни пракси со останатите земји, а дотогаш имаме ли прогноза колку луѓе ке останат или тие веќе ќе се пред нас влезени, бидејќи веќе ќе живеат во Германија, Шведска, Австрија.
Последните статистики презентирани од Заводот за вработување велат дека околу 5000 млади биле вклучени во мерките за вработување во 2018-та. За жал само вклучени.1800 од сите нив биле вработени, но прашање е со колкави примања?

Никој не гледа перспектива во ниту еден сегмент, животниот стандард и покрај прогнозираниот годишен раст од 3% за оваа година некако како целосно да оди надолу, здраството е во многу лоша состојба, образованието крајно ослабено. Пред некој месец во медиумите се појави запрепастувачка бројка дека околу стотитна дечиња се отпишале од само два града од источна Македонија поради заминување во странство. Никој не покажа интерес за оваа тема ниту продолжи да се истражува како е во другите градови, но затоа никој не ја пропушта сагата во безброј епизоди за пребеганиот поранешен премиер во Будимпешта.

Поразителни се ваквите факти и она што се случува особено минативе две години со епидемичното иселување на цела една млада генерација, која заминува со своите потомци. Во многу скоро време ќе се соочиме со голем недостаток на човечки ресурси во сите сфери, за ова веќе алармираше бизнис секторот. Се прашувам дали некој се зафатил да направи сеопфатна анализа за одливот на луѓе. Верувам дека некаква статистика може да се добие, во најмала рака од земјите во кои нашите се иселуваат (на пример бројката на регистрирани државјани на Македонија во Малта во минатите три години), секако и анализа за најголемите причини за иселување и можеби анализа под кои услови би останале во земјава или би се вратиле? Потоа да се размисли и да се подготви долгорочна стратегија за креирање човечки капитал на Македонија до 2030 година, какви сеопфатни мерки може да се креираат за превенција на масовното иселување, како и можни атрактивни понуди за враќање на оние кои се заминати. Може ли Македонија да стане држава во која младите ќе сакаат да создаваат, да се враќаат и да ја градат својата иднина.

Би требало да размислуваме и за идеи на привлекување млади луѓе од други земји? Можеме ли ние како земја на една таква потенцијална целна група нешто да ѝ понудиме? На неодамнешна дебата со млади следеше коментар од студентка во последна година на студии, која кажа, постојано слушам дека сакате да ги задржите младите во Македонија, како тоа ќе не задржите кога прво ништо не ни нудите, второ, сите оние кои тоа го велат, а се од државните институции си ги имаат испратено своите деца надвор, каков пример тоа ни дава нам.

Македонија е навистина во трка со времето и многу скоро треба да се иницираат градуални чекори на тема развој на човечкиот капитал на Македонија, а се разбира и акциски план.И не сето тоа да остане на хартија, него институциите сериозно да се зафатат со ова прашање, онака како што ревносно велат дека ќе работат на поглавјата за членство во Европската Унија. Се сложувам дека ЕУ ни е приоrитет, но се плашам дека на овој долгогодишен пат кон ЕУ кој е пред нас, ќе ги загубиме оние за кои токму тоа и го правиме - идната генерација од северот!

XS
SM
MD
LG