На младите луѓе им се потребни безбедни простори - јавни, цивилни, физички и дигитални простори, каде што ќе може вистински да ги искажат своите ставови и да ги следат своите соништа. Треба вистински да се инвестира за младите да имаат пристап до квалитетно образование, обуки и пристојни работи за да го достигнат својот потенцијал.
Најпрво, би сакала да истакнам што верувам дека младите имаат во изобилство - идеи. Но, треба да се воспостави конекција помеѓу нивните идеи и пристапот до културата, уметноста и активизмот. Првенствено се потребни политики кои им дозволуваат на младите да ги демонстрираат своите квалитети и поддржувачка средина која ќе ги потсетува дека можат да ги исполнат своите желби, идеи и акции. А тоа е возбудливо бидејќи доколку им ја понудиме таа опција на самоизразување и самоисполнување, ќе ги мотивираме дополнително да размислуваат outside the box. Треба да им се понуди средина која им помага на нивните идеи да се развијат и остварат.
Во мојата досегашна работа со средношколци, очигледно е дека доколку им се доближат темите на активизам и волонтерство и се работи на нивните граѓански вештини, тие самите ги препознаваат проблемите во нивната околина и алармираат за нивно решавање. Или, како што беше случајот со интервенциите во јавен простор на Медиа/Арт клубовите на МОФ тие самите се здружуваат за решавање на проблемот.
Во оваа насока, промените треба да започнат од образованието кое им се нуди на нашите младинци, пред сè на средношколците. Дали образовниот систем нуди квалитетно граѓанско образование на средношколците? Дали ги запознава со поимите како активизам, волонтерство и граѓански вештини? Недопустливо е да се обвинуваат младите за пасивност или незаинтересираност, кога одговорноста за нивниот активистички дух и можност да се застапуваат за своите потреби зависи од тоа што им го обезбедиле и покажале образовните институции. Образовните институции треба да понудат и практични примери за младите да можат да се вклучат во некоја волонтерска акција, инцијатива или да организираат некоја интервенција во јавен простор, на пример да го средат дворот на училиштето, да уредат и обноват некој парк или да направат улична библиотека за младите во нивната околина. Не е доволно средните училиште да им се законски регулирана обврска на младите, кога младите не го добиваат максимумот од истите. Целта на образовниот систем е да ги поттикнува индивидуалниот и социјалниот развој на младиот човек, а оттука целта на училиштата треба да биде да произведат активни и општествено одговорни граѓани.
Од друга страна, ако разговараме за интеграција на младите во културниот живот во Македонија, пред сè би морале да се осврнеме на посетата на културните установи - театри, кина, концертни сали на младите во Скопје и другите градови. Според Извештајот за „Младинските трендови во Република Македонија" на Институтот за социолошки и политичко-правни истражувања од Скопје, дури 38,5 проценти од младите во Македонија не посетуваат културни настани. Проблемот најверојатно доаѓа од тоа што младите не ја разбираат важноста на уметноста и културата, а со тоа и посетата на овие установи или живеат во средини во кои истите ги нема. Единствените предмети кои ги опфаќаат формите на уметност во училиштето се ликовно и музичко образование- за жал недоволно.
Доколку сакаме нашите млади да се интересираат за овие теми потребно е да се ревидираат овие предмети и да се понуди соодветна програма која ќе им дозволи покрај теорискиот дел, добар практичен дел и посети на културни установи за младите да дојдат во допир со уметноста. Централниот предизвик за образовниот систем е да се најдат начини на вградување на голем број значајни контексти во учењето, каде учениците можат да ги користат нивното знаење и вештини за креативно да влијаат на светот околу нив. Потребно е пошироко да се гледа на овие предмети и темите кои ги обработуваат. Во ликовна уметност не треба да се задржиме само на сликање, туку да се насочиме кон интердисциплинарни вештини, да се меша фотографија со сликање или дигитална обработка на фотографии, да се експериментира со користење на техники како стенсили, фанзини, исцртување на платно и реупотреблив дизајн. Да се внесе дискусија за различни уметнички дела, да им се даде простор на младите да ги толкуваат и со тоа да се поттикне критичкото размислување на младите за уметноста и формите на уметност.
Да сумирам, секако, постојат многу организации кои нудат неформално образование и користат креативни алатки, но многу е важно овие теми да се опфатени и во формалното образование, најмногу поради подеднаквата распределеност и достапноста на истите до младите на територијата на целата држава, бидејќи колкава и да е желбата на организациите, тие не се формално образование. Потребен ни е сеопфатен образовен систем, кој нема да ја заборави проактивноста кај младите.
Радио Слободна Европа не секогаш се согласува со ставовите на авторите на колумните. Изнесените ставови на авторот можат, но не мораат да ја рефлектираат уредувачката политика на медиумот.