Достапни линкови

Улогата на формалното образование во создавањето на активни граѓани


Дејан Ризински - програмски асистент на Дебатната програма на МОФ.
Дејан Ризински - програмски асистент на Дебатната програма на МОФ.

Граѓанското образование како дел од формалното образование е едно од клучните фактори во развојот на самосвеста за индивидуалната и колективната одговорност за општествените политики, пишува Дејан Ризински од Младински образовен форум во младинската онлајн колумна.

Изминатата декада светот сведочи на тектонски поместувања на светската политичка сцена, особено изразени преку масовната вклученост на луѓето во борбата за човековите права и слободи, зајакнување на концепот на владеење на правото и развој на механизмите за активно граѓанско учество. Државите постојано се обидуваат да изнајдат нови начини за стимулирање на проактивна партиципативност, особено помеѓу младата популација во процесот на нејзино формално образование.

Следствено, во „Агендата 2030“ на Обединетите нации, во поглавјето за образование, специфично се потенцира потребата за создавање услови во кои учениците би стекнале знаења и вештини неопходни за промоција на глобалното граѓанство, заемно почитување на културните различности и споделените одговорности.

Образовниот систем во едно општество е еден од фрагментите на државното уредување кој е најдинамично подложен на реформирање, со цел да се обезбеди соодветно адаптирање и обновување на содржините во тек со глобалниот развој. Иако оние кои ги креираат националните политики цврсто стојат зад ставот дека образованието иницијално служи за придвижување на економскиот раст преку зајакнување на човечкиот капитал, сепак, модерното концептуализирање на формалното образование е на линија дека формалното образование неминовно треба да влијае и во зголемување на социјалниот капитал, особено на учениците во процесот на основно и средно образование. Граѓанското образование како дел од формалното образование е едно од клучните фактори во развојот на самосвеста за индивидуалната и колективната одговорност за општествените политики.

Компаративните анализи покажуваат дека граѓанското образование низ различни образовани системи се јавува како засебен предмет со сопствена наставна програма, или во форма на интердисциплинарни содржини опфатени во различни наставни програми. Основната функција на граѓанското образование е да обезбеди знаења, вештини, ставови и интереси кои ќе осигураат ефективно и активно вклучување на младите во општествениот живот, особено во хетерогените општествени заедници.

Овие знаења и вештини суштински треба да им овозможат на младите да го разберат политичкото уредување и функционирањето на државата преку своите институции, но и да ја разберат важноста на граѓанското општество како противтежа на институционализираната власт. Во имплементацијата на наставните програми по граѓанско образование треба да се минимизира секој обид за догматизација и индоктринација во процесот на создавање на одредени вредности и ставови кај младите.

Методолошкиот пристап мора да биде насочен кон стимулирање на мисловниот процес преку размена на идеи и ставови помеѓу учениците, истовремено овозможувајќи развој на слободата на изразување и креативноста. Училницата треба да биде простор каде се култивира меѓусебно разбирање, одговорност за преземање акција и иницирање промена, дури тоа и да е на училишно ниво во рамки на својата локална заедница.

Досегашното искуство покажува дека учениците имаат потреба и идеи да делуваат во подобрување на условите во кои секојдневно функционираат. Но, во тие промени им треба нашата поддршка. Само така ќе успееме во обидот нивната граѓанска ангажираност биде нивно право, но и нивна обврска.

Радио Слободна Европа не секогаш се согласува со ставовите на авторите на колумните. Изнесените ставови на авторот можат, но не мораат да ја рефлектираат уредувачката политика на медиумот.

XS
SM
MD
LG