Достапни линкови

Младите ќе ни го покажат патот за иднината?


Блажен Малески, истражувач во НВО Реактор истражување во акција
Блажен Малески, истражувач во НВО Реактор истражување во акција

Според листите на политичките партии се забележува дека младите се оставени речиси секогаш на дното на листите. Тие би добиле пратенички мандат само ако политичката партија го добила мандатот за владино мнозинство, пишува Блажен Малески, претседател на НМСМ, во младинската онлајн колумна.

Постои една често користена флоскула во политиката во државава, но и во другите држави на европскиот континент, која вели дека иднината е на младите. Нормално, самата конструкција на реченицата е точна, бидејќи навистина иднината останува на нас, младите. Но сепак, реченицата претставува флоскула во смислата дека ние младите имаме лимитирани можности да ја креираме иднината во која што ќе живееме. Иднина која навистина ќе ја почувствуваме како наша.

Имајќи го тоа на ум, не треба да не изненадува што во денешницата гледаме изблици на младински движења на улиците низ Европа, па дури и во Македонија. Учениците, студентите и младите генерално во Белгија веќе неколку недели редовно маршираат низ улиците на Белгиските градови за повеќе посветеност на политичките елити за темите поврзани со климатските промени. Со други зборови, младите не само што протестираат за да влијаат врз креирањето на нивната иднина, туку имаат реални стравови дека ако во денешното време политичките елити не направат повеќе за зачувување на земјината планета, ќе нема никаква иднина.

Кога имате толкава маса на млади луѓе кои протестираат, секогаш се поставува прашањето со традиционалните методи на учество во политичкиот живот. Идејата е дека младите треба да имаат можности за директно учество, но и сопствени механизми за учество во одредени важни прашања што се однесуваат за нив. Младите во светски рамки помалку учествуваат во класичните методи на политичко учество. Голем број на истражувања укажуваат дека младите едноставно различно размислуваат, различно учествуваат, но и довербата во конвенционалните можности за учество им е намалена.

Да го земеме примерот на Македонија. Иако фактички младите се 1/3 од нашето население (иако, голем дел од нив се под 18 години), речиси и да немале вистинско претставување во Собранието на Република Северна Македонија. Вкупно во историјата на пратеничките состави имало 42 млади пратеници, односно во просек има 4.2 млади пратеници во пратеничките состави на Собранието. Во моментов има само двајца пратениците што се под 30 години, правејќи ги единствените млади пратеници во моменталниот состав. Гледајќи ги листите на политичките партии низ годините, може да се примети дека младите се оставени речиси секогаш на дното на листите. Тие би добиле пратенички мандат само ако нивната политичка партија го добила мандатот за креирање на владино мнозинство и „поискусните“ учесници во политиката што се погоре на листите добијат место во извршната власт.

Во спротивно, ништо од нивното учество. Нормално, тука се отвара прашањето зашто политичките подмладоци не се избориле за повеќе моќ во внатрепартиската борба за учество на повисоките места. Но, јас би го трансформирал тоа прашање обратно. Зашто сениорите (како што вели еден мој драг колега), не го искористат потенцијалот и им обезбедат повеќе простор на своите политички подмладоци да ја креираат иднината која што е за нив, ако навистина „иднината е на младите“? Коментари како „уште сте млади, многу треба да учите“ треба да се преформулираат во говор на поддршка на иницијативноста на младите и нивно втемелување во вредностите на организацијата

Еве и да се тргнеме од „високата политика“ и да ги анализираме другите механизми за учество. Нашата држава уште од самото осамостојување има проблеми со обиди за кооптирање на студентските и ученичките претставнички тела. Со други зборови, на младите им е забетонирана можноста да учествуваат и во таквите тела за млади, кои се наменети токму за нив, од апетитите на партиите да узурпираат што повеќе општествено важни механизми за учество. Нормалната последица на тоа беа младите кои протестираа и се организираа во групата на Студентски пленум.

Или пак да го земеме примерот за претседателските избори. Професорот Шкариќ го нарекува начинот на избирање на претседателот на државата како „пасивно гласачко право“. Се нарекува пасивно, бидејќи оние избирачи под 40 години „пасивно“ го остваруваат своето избирачко право за функција за која што сами не можат да претендираат. Добро е позната границата од 40 години која што мора да ја исполнува една/еден кандидатка/кандидат за да може да биде претседател на републиката. Со други зборови, доколку млад човек сака да претендира за највисоката функција во политичкиот живот, едноставно не може. Ваквата возрасна дискриминација претставува директно навлегување во она што членот 23 на нашиот устав го дефинира како „Секој граѓанин има право да учествува во вршењето на јавни функции“.

Веројатно ќе повредам многу закоравени ставови на луѓе кои мислат дека „нема зашто да имаме млад претседател“. Но, таквиот аргумент има само подлога кога млад човек навистина може да се кандидира, па граѓаните по свое убедување не го изгласале тој или таа кандидатка, што во моментов не е ни возможно. Мојата грижа е пред се дека ваквата граница укажува на тоа дека нашето општество не само што не им доверува на младите да земат учество па и во највисоките јавни функции на државата, туку и ги оневозможува и креира невидлива бариера на аргументи за учеството на младите.

Нормално, ни учеството на младите во политичкиот живот нема да гарантира квалитетни политики за млади или подобри услови за младите. Но, она што гарантира е гласот на младите да стигне до сите канали на политичкото дејствување. Денешницата зависи од минатото, а пак иднината зависи од денешницата. Ако не ги согледаме грешките од минатото и не им овозможиме простор на младите да учествуваат во политичкиот живот, тогаш ни иднината нема да биде на нас, младите.

XS
SM
MD
LG