Достапни линкови

Тетовските студентски протести прераснуваат во движење


Студенти, факултети, студент. УКИМ.
Студенти, факултети, студент. УКИМ.

Студентите на универзитетите во Македонија се неорганизирани, затоа што немаат претставници. Не може да се распишат избори за студентски парламенти зашто немаат статути. Во Тетово пак стотици студенти протестираат револтирни од корупцијата и митото.

Истражувањата зборуваат за проблеми со трошоци на студентите, состојбите во студентските домовите и проблемите со корупцијата во образованието, но во моментов студентите се неорганизирани и немаат кој легитимно да ги претставува. Новиот Закон за високо образование кој треба да им донесе поголемо влијание во рамките на нивните факултети и универзитети беше изгласан пролетта, но со месеци се чека статутите да бидат изгласани во Собранието.

Дона Костуранова од Младинскиот Образовен Форум вели дека оваа генерација е оставена без формални претставници.

„Студентите на сите универзитети во Македонија се во многу незавидна позиција, веројатно една од најлошите досега. Наместо да има нови студентски тела кои ги предвидува законот во моментот немаат никакви претставници. Законот е стапен во сила, но универзитетите немаат нов статут, па не може да се распишат избори за студентски парламенти. Студентите немаат која претставничка организација да се бори за прашањата кои им се важни да се дискутираат во рамките на академската заедница“, вели Костуранова.

Таа дополнува дека ситуацијата е уште полоша кога ќе се земе предвид фактот дека последните студентски избори што се случија доцнеа две години и беа распишани вон статутот и завршија со полициско насилство. Веќе со години има генерации студенти кои се запишуваа и дипломираат, а не гласале ниту пак имале свои вистински претставници без контроверзии.

Паралелно со овие состојби на универзитетите во Македонија, во Тетово пак деновиве има обиди на студентите да организираат протести инспирирани од „жолтите елеци“ во Франција и протестите на младите во Албанија. Овие денови имаше студенти само од Тетово, а за наредните денови тие очекуваат дека ќе ги има многу повеќе и очекуваат да им се придружат студентите од цела Македонија.

Стотици студенти се собираaт на плоштадот во Тетово и велат дека го креваат својот глас револтирани од тоа што со години наназад во континуитет се соочуваат со мито, корупција и нетранспарентност на факултетите, каде за да добијат оценка или потпис во индекс, мора да купуваат авторски книги од професорите.

„Кога го организиравме протестот беше замислено да учествуваат само албанските универзитети, но гледаме дека има поддршка и од други факултети, пред некој ден имаше и од Скопје и сакаме да го прошириме протестот сите студенти да дојдат и да ги кажат своите барања“, изјави Ардит Рамадани, студент на Универзитетот на Југоисточна Европа во Тетово.

Тетовските студентски протести се први студентски движења во Македонија по неколку години од студентските масовни протести кои останаа запаметени како највпечатливи и ги организираше студентскиот пленум поради состојбите во високото образование. Со тие протести на студентскиот пленум беше издејствувано носењето на новиот Закон за високо образование.

Универзитетскиот професор Мирјана Малеска повеќе од 10 години има предавано на универзитетот на југоисточна Европа. Таа вели дека протестите во Тетово се оправдани и забележува дека не е лесно за студентите да се спротивстават во традиционална средина. Според нејзиниот впечаток овие студентски движења веројатно имаат инспирација и во демократските процеси во Македонија чиј предвесник беа и протестите на студентскиот пленум пред неколку години.

Од една страна им се восхитувам на студентите и воедно ги жалам, особено водачите, вели професорката Малевска.

„Ова го велам затоа што е многу тешко да се спротивставите на авторитети, особено во една албанска средина, каде знам дека постои традиционална култура, која има голем почит кон повозрасен, кон некој кој води, кој е лидер, претставува управа. Тоа не е лесно во таа средина. На овие студенти изгледа им дошло преку глава од состојбата на универзитетите. Можеби сето тоа е поттикнато од универзитетите во Албанија, па и од протестите на студентите, има инспирација целата атмосфера во државата која навестува слобода и демократија и граѓаните да кажат што мислат. Можеби таа атмосфера влијаела да излезат на улица“, вели професорката Малевска.

Во Тетово протестираат студенти од три универизитета на албански јазик, Државниот Универзитет, Универзитетот на Југоисточна Европа и од албанскиот универзитет Мајка Тереза од Скопје.

Што е понормално од тоа студенти да бараат оценките да ги добиваат врз основа на знаење, а не врз роднински или пријателски врски преку телефон, вели професорката Малеска.

„Тоа ги дискриминира оние што се трудат да учат, а утре и работните места ќе им ги земаат. Имаше и политика дека професорите им се плаќа да напишат учебник и настана трка кој побргу и во пократко време ќе напише учебник. Страшна ми е помислата дека студенти се приморани да спијат со професори за да добијат преодна оценка“, вели Малеска.

Пораката на тетовските студенти до Владата е дека е крајно време да не се игнорираат проблемите. Тие наведуваат дека имаат 14 барања, но оти секојдневно доаѓаат нови од студенти кои укажуваат на различни проблеми.

„МОН бара да одиме да зборуваме на дебата на телевизија, но нема што да зборуваме. Овие проблеми се познати и треба да се решат“, вели Ардит Рамадани.

Инаку, според истражувањето за тоа колку и на што троши еден македонски студент, објавено од МОФ, ЗМАИ и ФООМ овој месец, најмногу административни трошоци се предвидени во ценовниците на факултетите во рамките на УКИМ, а најмалку на ДУТ. Сепак, на ДУТ се забележуваат најголеми отстапки во износите кои треба да ги платат студентите за одредена услуга, во однос на другите универзитети, каде што износот е помал. Споредбено, доколку студентот студирал на УКИМ, зависно од факултетот, за издавање оригинал или дупликат диплома треба да издвои од 1.000 до 4.000денари, додека студентите на ДУТ и за оваа ставка имаат најголем издаток, кој изнесува 6.500 денари.

  • 16x9 Image

    Мирјана Спасовска

    Родена е во Скопје 1971 година. Од 1996 та година работи во телевизиската кука А1. Од 1998 та година е во телевизијата Телма каде за централно информативната емисија известува за дневни социјално - општествени теми.  Во Радио Слободна Европа е од 2002 та година.  

XS
SM
MD
LG