Мементо парк каде ќе се дислоцираат дел од спомениците од 2014 година и уривање на незаконски изградените градби од претходната влада под раководството на ВМРО-ДПМНЕ и тогашниот премиер Никола Груевски. Оваа идеја во предизборна година повторно ја стави на „маса“ градоначалникот на Скопје од СДСМ Петре Шилегов. Овој пат, Шилегов изјави дека е подготвен да изготви закон за уривање на Скопје 2014 кој ќе биде испратен до Собраниe по што тој ќе може да почне да го спроведува. Таквата изјава значи дека „ топката “ за носење одлука за уривањe на дел од Скопје 2014 се префрла кај пратениците и дека тие ќе го имаат конечниот збор за уривање на незаконски изградените објекти од Скопје 2014.
Претседателот на невладината организација која се занимава со локални прашања Агтис, Александар Цветкоски вели дека со таков предлог се ослободува од одговорност и дека не очекува ваквите политички ветувања во предизборна година да се исполнат. Причина за тоа е, како што вели, дека нити општините имаат институционални капацитети за реализација, нити пак градоначалниците имаат политичка волја нешто реално да сменат.
„Примерот со уривањето на скулптурите од Скопје 2014 е нешто што е веројатно дека никогаш нема да се оствари, забот на времето ќе си го каже последниот збор и сами ќе пропаднат затоа што се неквалитетно изработени. Што се однесува до ветувањето на Шилегов, тоа е лажно и нема да се исполни, затоа што за четири години видовме колку што е на власт досега требаше барем да почне со нешто. Ние видовме колку малку е направено само за едната галија, така што не може да се верува на таквите ветувања“, вели Цветковски.
Процесот со демонатажата на една од трите галии заглави во жалбена постапка. Шилегов пред речиси два месеца соопшти дека демонтажата ќе ја изведува ЈП„Улици и Патишта“. Но во меѓувреме сопствениците на оваа галија сметаат дека ваквото уривање е незаконско и најавија тужба против градот.
Цветкоски додава дека ветувањата дадени на градоначалниците во предизборна година дека во вториот мандат ќе си ги исполнат ветувањата од претходниот мандат се само замка за граѓаните во барање за нов мандат.
- Галијата кај Холидеј ин - прва на листата за демонтажа на Град Скопје
- Шилегов најави отстранување на една од галиите во Вардар
Од целиот проект „Скопје 2014“ кој сегашната власт како тогашна опозиција жестоко го критикуваше отстранет е само споменикот на Андон Јанев-Ќосето, кој Град Скопје го тргна од пред комплексот судови во март 2018. Работната група на Министерството за култура која работеше на ревизија на урбанистичкиот проект Скопје 2014 предложи и отстранување на меморијалниот споменик на Мајка Тереза кој е во процес на изградба на плоштадот.
Владата лани достави барање до Општина Центар од новиот детален урбанистички план „Мал ринг“ да се избришат маркичките на Порта Македонија и споменикот на Мајка Тереза. Но, по неколку години откако е завршен извештајот во кој се нотирани незаконитости во изградбата на проектот, се уште не се преземени мерки за уривање.
Шилегов во емисијата Вин Вин изјави дека причина за не уривањето на споменикот Мајка Тереза е најверојатно личен страв на министерката за култура и градоначалникот на општина Центар.
„Мислам дека е личен страв, затоа што некој таа одлука треба да ја потпише. Јас сум подготвен да изработиме закон за отстранување на Скопје 2014 година. Од моја позиција кога секојдневно разговараме со министерство за култура и општина Центар, јас реков дајте ми јас ќе го урнам, таму очигледно има субјективни стравови“, изјави Шилегов.
Опозицијата пак обвинува дека Шилегов при крајот на мандатот се расфрла со ветувања кои досега требаше да бидат завршени.
„Шилегов ветуваше тунели, зиплајн, Универзална, Луна парк, продолжение на жичарницата, нови мостови, рекреативен центар кај езеро Треска кое го уништи и во цел мандат не успеа да реализира ни 10% од својата програма, па затоа сега повторно ја ветува истата. “ е наведено во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.
„Веднаш го почнуваме процесот за изградба на Универзална сала според најсовремените стандарди за безбедност, техника, за удобност на гледалиштето и за пристап до салата, “ беше ветувањето во предизборната програма на Шилегов во 2017 година.
Последна вест во медиумите е дека реконструкцијата на салата ќе стартува на крајот на месецот, односно денеска. Инаку, во ноември 2020 година градоначалникот Шилегов во присуство на министерската за култура Ирена Стефковска најави дека годинава ќе може да се очекува Универзалната сала да биде подготвена за одржување на концерти.
Цветкоски вели дека интересно е што централната власт секогаш се става во функција на своите локални сопартијци во предизборна година и дека сега се предлагаа проекти на локално ниво со цел нов мандат.
„ Гледаме дека градежните машини се веќе на улица, тие ќе парадираат до локалните избори и после тоа ќе се тргнат по компаниите, парите ќе бидат потрошени и ние ќе имаме иста власт како и досега“ вели тој.
Имено, уште лани Градот Скопје и Шилегов најавија можност дел од спомениците од Скопје 2014 кои се незаконски поставени да бидат тргнати од плоштадот и пренесени во Мементо парк во Ѓорче Петров.
Паркот би се уредил на место на сегашна депонија, а целата идеја потекнува од Унгарија каде дел од спомениците од комунизмот беа преселени во таков тематски парк во кој посетителите може да ги видат и да научат за тој дел од историјата. Но се уште во јавноста не се презентирани детали за тоа како ќе изгледа паркот, ниту како и кога е предвидено да се реализира.