Достапни линкови

Димитров: Политичарите да си тераат политика, Комисијата да се занимава со историја


Димитров - Едната страна на компромисот со Бугарија е да не се договориме за се
please wait

No media source currently available

0:00 0:12:26 0:00

Димитров - Едната страна на компромисот со Бугарија е да не се договориме за се

Ќе биде контрапродуктивно ако има политички притисок Комисијата за историски прашања да испорача. Сите треба да бидеме многу внимателни кога судиме за работата на Комисијата, а истовремено членовите на Комисијата да бидат внимателни кога даваат политички судови, бидејќи и тоа ни се има случувано, вели вицепремиерот за евроинтеграции Никола Димитров во неделното интервју на Радио Слободна Европа.

Господине Димитров, неодамна рековте дека вашата грижа за македонскиот идентитет е прашање што е многу поважно од вашата политичка кариера. Може ли со овој предлог што сега го донесоа Вархеји и Силва да биде зачуван македонскиот идентитет?

Да. Многу е битно главните принципи во предлог преговарачката рамка, со којашто излезе Европската комисија, и сега сакаме и работиме на консензус, каде што би влегла и Бугарија, да ги зачува тие главни принципи. Нашата позиција се темели на кристално јасен принцип – македонски народ, македонски јазик, тоа се прашања што се прашања за нас, за нашиот народ, еден интимен простор, внатрешно прашање и во меѓународните односи, во меѓународното право овие прашања не се предмет на признавање или непризнавање. Се признаваат држави, се признаваат влади, но ова е израз на сувереното право на самоопределување. Ќе биде невозможно ако без оваа елементарна почит, која многу легитимно ја очекуваме од сите наши комшии, без таква елементарна почит многу е тешко да работите на создавање пријателство. Ако македонскиот народ се чувствува загрозен во ова базично право, тоа не е инвестиција во пријателство, туку ќе се зголемува јазот и ние ќе бидеме и ќе останеме во ровови на некој начин.

Господине Димитров, бугарскиот претседател Румен Радев рече дека очекува Македонија да го достави патоказот во кој ќе бидат содржани барањата од бугарската декларација, која беше донесена во тамошното Собрание во 2019. Во таа декларација, во дел од неа се спори и македонскиот јазик и македонската нација. Ќе ги има ли овие барања од бугарската декларација во македонскиот патоказ?

Сегашниот компромис, се извинувам не можам во детали оти е во деликатна фаза процесот, треба да се даде шанса да се вложиме во дипломатските преговори, разговори и контакти, меѓутоа, на крупно, компромисот има две страни - една страна, кога на некој начин се договараме да не се договориме за сè. Бугарската страна си има свои позиции, македонската страна си има свои позиции. Вториот дел од копромисот е таму каде што очигледно имаме заеднички интерес да направиме сè што можеме да имаме конкретен патоказ, со рокови, со надлежни институции, да го спроведеме Договорот за пријателство.

Тоа е оној дел со изградба на коридори, културни соработки...

Тоа е сосема неспорно. Ние имаме автентичен интерес да ја развиваме таа соработка и без Договорот за пријателство. Договорот ја поттикнува, мислам дека и соседна Бугарија има таков интерес. Треба да најдеме таков начин, можеби да има попродуктивна атмосфера во Комисијата за историски прашања, меѓутоа таа попродуктивна атмосфера истовремено се овозможува, ако Бугарија ни стане поддржувач како што ни беше кога имаше претседателство.

Ја споменавте неколкупати Комисијата за историски прашања. Вашиот колега во Владата, министерот за надворешни работи Бујар Османи, неодамна изрази незадоволство од нивната работа. Вие задоволен сте од она што Комисијата го сработи досега?

Ние како политичари сме во деликатна позиција да даваме суд и оценка за работа на експерти, академици, професори итн, во случајот во областа историја. Ако има политичко охрабрување, веројатно може да има, меѓутоа ако има политички притисок Комисијата да испорача, ќе има голем јаз меѓу Комисијата и општеството. Мислам дека тоа веројатно ќе биде контрапродуктивно. Затоа сите треба да бидеме многу внимателни кога судиме за работата на Комисијата, а истовремено пак членовите на Комисијата и копретседавачите треба да бидат внимателни кога даваат политички судови, бидејќи и тоа ни се има случувано.

Целото интервју со вицепремиерот за евроинтеграции Никола Димитров може да го видите на видео снимката на почетокот на овој текст.

  • 16x9 Image

    Фросина Димеска

    Родена е 1980 година во Скопје. Со новинарство се занимава од 2004 година кога почнува да работи како постојан дописник на Радио Слободна Европа од Скопје.
    Во периодот од 2008 година до почетокот на 2014 година работи прво како новинар во телевизијата Алсат М а потоа во дневниот весник Нова Македонија.

XS
SM
MD
LG