Достапни линкови

Дали улиците во Битола се реконструираат предизборно?


Реконструикција на улици во Битола
Реконструикција на улици во Битола

Во Битола се реконстуираат десетина улици. За битолската опозицијата тоа е предизборен маркетинг. Локалната власт тоа го негира, и обвинува дека опозицијата ја пропуштила шансата во претходните три мандати да го стори тоа.

Битола доживува голема градежна офанзива. Се реконструираат поголем број на улици, од кои дел важни и фреквентни сообраќајници, и тоа, делници од „Илинденска“ која е една од најдолгите улици во градот, па „Довлеџик“ на излезот кон Ресен која е една од најважните сообраќајни артерии, „Рузвелтова“ во центарот на градот, „Димитар Илиевски-Мурато“ која го сечи Широк Сокак и ред други, а се најавува и реконструкција на уште 10 нови улици.

Опозицијата обвинува дека улиците се реконструираат неколку месеци пред избори, а од локалната власт одговорија дека за време на мандатот имале три циклуси на избори и еден референдум , па биле обвинувани дека градела предизборно, што според нив не е точно.

„Три и пол години локалната самоуправа спиење и со прст немаше мрднато низ градот, а сега четири до пет месеци пред локалните избори започна со изградба на улици насекаде низ градот. Она што се работи низ градот не е со пари ни на СДСМ, ни на ЛДП, ни на Наташа Петровска, ни на советниците, туку тоа се пари на битолчани и треба да се трошат за нивните потреби. Во моментот имаме улица чија изградба била проценета на 11 милиони денари, за сега да се гради за 5 милиони денари“, рече Габриела Илиевска од независната советничка иницијатива „Поинаку“.

Валентин Груевски претседател на Советот на Општина Битола вели дека на тендер се добиле пониски цени за реконструкција на улиците, а делот што останува ќе се искористи за обнова на друга сообраќајница.

„Се работи за неколку улици кои добиле намалена цена на електронското наддавање. Колку треба да чини еден проект се проектантски цени од оној што ги проектирал и по нив се планираат средства во буџетот. Било планирано улицата кон Тумбе кафе 13 милиони, а на тендер 6 милиони и други, а средствата што останале ќе се искористат за реконструкција на друга улица“, вели Груевски.

Градоначалничката Наташа Петровска ги отфрла обвинувањата дека офанзивата се случува предизборно. Вели дека наследила лоша финансиска состојба и патна инфраструктура без проекти за реконструкција, а секоја година кога презема нешто ја обвинуваат дека е предизборно.

„Во 2019 година кога имавме прикажано градежни активности велеа пред избори. Во 2020 –та имавме градежна сезона и повторно имате коментари пред избори. Годинава исто. Оваа локална самоуправа за време на мандатот имаше три изборни циклуси и еден референдум што дава отежнување во спроведување на програмите и над сето тоа имате и ковид. Доблесно е да се каже дека и во вакви услови и оптоварувања ние имаме локална самоуправа кој има градежна офанзива“, вели Петровска.

  • 16x9 Image

    Жанета Здравковска

    Родена во Битола на 15.01.1977 година. Дипломирала на Педагошкиот факултет во Битола во 1999 година, а магистерски студии завршила на постдипломските студии по менаџмент на човечки ресурси на Институтот за социолошки и политичко- правни истражувања во Скопје. Работела како новинар во повеќе локални редакции во Битола, а за Радио Слободна Европа известува од 2002 година. 

XS
SM
MD
LG