Од наредниот месец, на почетокот на туристичката сезона македонските граѓани од Кичево до Охрид требаше да патуваат по нов современ автопат. На терен ситуацијата е поинаква, автопатот нема да биде готов уште неколку години, а неговата цена порасна за дополнителни 211 милиони долари и сега чини најмалку 772 милиони долари, односно скоро 600 милиони евра.
Цената на автопатот отвори многу сомнежи за корупција и стравувања за зголемување на кинеското влијание во земјава.
Автопатот од 57 километри почна да се гради во 2014, а требаше да биде готов во 2018 година, но тогаш не беше ни до половина. Во 2018 година беше потпишан анекс на договорот со кој цената на изградбата се зголеми за 211 милиони долари, а рокот беше продолжен до јуни годинава. Автопатот сега е изграден 63 проценти, рокот ќе биде повторно продолжен, а министерот за транспорт и врски Благој Бочварски уверува дека цената нема повторно да се зголемува.
„По тоа што имаме некакви сознанија од надзорниот орган, пред крајот на 2023 или почетокот на 2024 година не можеме да очекуваме финално пуштање во употреба под редовен режим на сообраќај, но делница по делница, како ќе се привршуваат, ние ќе ги отвораме за сообраќај со што ќе го олесниме и патување на граѓаните во овој регион“, рече пред неколку дена Бочварски.
Автопатите Миладиновци – Штип, кој веќе е пуштен во употреба, и Кичево – Охрид, ги гради кинеската фирма Синохидро, а Македонија ги плаќа со кредит од кинеската Ексим банка. Требаше да бидат готови во 2018 година и заедно да чинат над 870 милиони долари плус 155 милиони долари камата. Цената на двата автопати со камата сега надмина 1,2 милијарди долари.
Кинеската банка даде поволен кредит, но услов за кредитот беше да нема јавен тендер, туку да се ангажира некоја од преферираните кинески компании.
Во анализата „Втурнати во ќорсокак: заблудената верба во кинескиот корозивен капитал за изградбата на автопатите во Северна Македонија“ на Институтот за демократија Социетас цивилис - Скопје се наведува дека кога кинеската компанија настапува на тендер нуди многу пониски цени отколку што ги понудила за изградба на автопатите, така што евтините кредити доаѓаат по многу скапа цена за изградба.
Во анализата се потсетува на една изјава на тогашниот директор на Агенцијата за државни патишта Зоран Китанов дека во договорот за делницата Миладиновци - Штип, цената за вградување еден кубен метар тампон понудена од Синохидро изнесувала 2.200 денари. Кога Синохидро доби договор на редовен тендер за изградба на патот „Крупиште - Кочани“, понуди четири пати пониска цена од 572 денари по кубен метар за истиот тип на работа (вградување на еден кубен метар тампон) во 2019 година. За асфалтирањето, пак, на редовниот тендер за Крупиште – Кочани, Синохидро понудила двојно пониска цена отколку за автопатот кој го доби со директен договор.
На сличен начин во Црна Гора се гради автопатот Бар – Бољаре на границата со Србија. Црногорските власти веќе се загрижени како ќе го плаќаат долгот од скоро 950 милиони долари и дека ќе паднат во должничко ропство на Кина.
Еден од авторите на анализата за изградбата на автопатите во Македонија Иван Николовски потсетува дека Црна Гора, иако е членка на НАТО, не ја потпиша американската иницијатива за „Чиста 5Г мрежа“ со која се забранува опрема од кинески компании за 5Г мрежата.
„Сега дали нешто такво ќе има кај нас останува да видиме. Сега е битно да се види како Македонија ќе се постави за политички важни прашања за Кина. Каква ќе биде нашата позиција за Тибет, за Ујгурите, за Тајван, па ете и за 5Г. Ние станавме дел од таа инцијатива „Чиста мрежа“, меѓутоа ќе видиме како ќе го имплементираме тоа во домашното законодавство. Така ќе може да процениме дали нашето евентуално должничко ропство нè става во потчинета позиција во однос на Кина“, вели Николовски.
Изградбата уште од почетокот ја следат сомнежи за корупција, а во моментов во тек е судскиот процес Траекторија во кој поранешни функционери се обвинети за злоупотреба на службената должност за договорот за таканаречените кинески автопати. Обвинети се поранешниот вицепремиер за економски прашања Владимир Пешевски, поранешниот министер за транспорт и врски Миле Јанакиески и тогашниот директор на Јавното претпријатие за државни патишта Љупчо Георгиевски. Поранешниот премиер Никола Груевски, кој избега во Унгарија, куртули од обвинението зашто случајот против него застаре.
Сепак, освен автопатите, кинеското економско присуство во Македонија е скромно, ако се спореди со земјите од ЕУ, па и од регионот.
Николовски вели дека пристапот на Кина не е национален, туку регионален. Тоа е голема земја која има економски интереси, но можеби тука има и политички момент, вели тој.
„Една претпоставка е дека Кина сака да биде присутна на овие пазари за по евентуалниот влез на овие држави, на овој регион во ЕУ и НАТО, и затоа Кина на пример не се противи на проширување на ЕУ или НАТО, како што тоа го имаме во случајот на Русија на пример, затоа што тоа понатаму би ѝ овозможило некаква привилегирана позиција на европските пазари и создавање на потенцијални сојузници во редовите на земјите членки. На пример кога утре на Европскиот совет би се гласало за некои прашања сензитивни за Кина, каде што ЕУ би требало да донесе заедничка одлука да речеме за Тибет или за Ујгурите или за проблемот со островите во Јужното Кинеско Море, да има држави коишто можеби би биле нејзини сојузници на таа маса и би блокирале одредени политики коишто не би оделе во прилог на Кина“, вели тој.
Вакциналната дипломатија ја приближува Кина на Балканот
Додека земјите во Европа се борат со недостиг на вакцини против ковид-19, Кина ги засили своите напори на Западниот Балкан, снабдувајќи ги со вакцини и собирајќи дипломатски победи во регионот. Речиси сите земји од Западниот Балкан се вакцинираат со кинески вакцини против коронавирус. Пекинг го искористи вакуумот што го оставија западните земји кои ги откупија сите достапни дози за своите потреби и се наметна како играч во регионот.
Откако потфрлија во набавката на вакцини од западни производители, и македонските власти се свртеа кон Исток. На крајот на март, Македонија ја посети кинескиот министер за одбрана, генерал Веи Фенгхе. Тој се сретна за неговата колешка Радмила Шекеринска, претседателот Стево Пендаровски и со премиерот Зоран Заев. Македонските власти го молеле за вакцини.
Еден месец по посетата, во земјава пристигнаа 200 илјади вакцини Синофарм кои земјава ги купи, а пред две недели пристигнаа уште 100 илјади кинески вакцини кои се донација. Токму со тие вакцини почна масовната вакцинација против коронавирус во земјава.
Факт е дека вакциналната дипломатија ја позиционира Кина во регионот, вели Николовски.
„Само ќе ве потсетам на слоганот на донацијата, кој беше нешто во стил „пријател во нужда е подобар дури и од брат“. Ако влеземе да го анализираме дискурзивно и симболички што тоа би можело да значи исто така може да прати порака. Ако ние тука сме братство, западната алијанса, а не си помагаме, а ова е пријателот во нужда којшто доаѓа од страна, има дефинитивно сублиминални пораки коишто може и така да се интерпретираат. Не велам дека тоа е намерата, меѓутоа дефинитивно може така да се чита“, вели Николовски.
Кинескиот министер за одбрана дојде во Македонија, откако претходно ги посети Унгарија, Србија и Грција. Домашните аналитичари коментираа дека додека Македонија моли за вакцини, високиот претставник на Пекинг се обидува да ја засили економската соработка и да ја промовира иницијативата „Појас и пат“.
Кина во снабдувањето со вакцини ја следи сличната логика на таканаречената „дипломатија на маски“. Со оваа стратегија се обезбедија многу потребни маски и медицинска опрема за земјите во кинеската иницијативата Појас и пат - од Африка до Југоисточна Азија и Блискиот исток - во почетокот на пандемијата на коронавирусот.
Димитар Бечев, соработник на Институтот за хуманитарни науки во Виена, неодамна оцени дека вакцинската дипломатија за Кина е златна можност да ги посрамоти ЕУ и Западот.
„Ова е шанса за Пекинг да ја поправи својата глобална репутација и да ја продолжи својата кампања за замена на Западот како столб на меѓународната соработка“, изјави тој.
Македонија е дел од иницијативата 17+1 за соработка меѓу Кина и 17 држави од Централна и Источна Европа. Дел од иницијативата се 12 држави од ЕУ – Грција, Бугарија, Романија, Хрватска, Словенија, Чешка, Словачка, Полска, Унгарија, Литванија, Летонија и Естонија, како и државите од Западен Балкан – Македонија, Албанија, Србија, Босна и Херцеговина и Црна Гора.
Иницијативата, која започна во 2012 година, одржува годишни Самити кои имаат за цел промовирање на кинеската иницијатива „Појас и пат“ за изградба на инфраструктура од Кина преку Централна Азија до Европа по копнен пат, како и преку Југоисточна Азија и Африка до Европа по морски пат.
На Балканот, иницијативата „Појас и пат“, треба да го поврзе грчкото пристаниште Пиреја, преку Македонија и Србија, со главниот град на Унгарија, Будимпешта.
Добри дипломатски односи, заладување по „тајванската авантура“
Кина е првата постојана членка на Советот за безбедност на ОН со која Македонија воспоставува целосни дипломатски односи, на крајот на 1993 година. Односите меѓу двете земји се нарушија кога Македонија го призна Тајван во 1999 година, а беа обновени две години подоцна. Според дел од поранешните министри за надворешни работи на Македонија, тоа била најголемата дипломатска авантура на земјава по прогласувањето на независноста во 1991 година. По признавањето на Тајван во 1999 година, Советот за безбедност на ОН ја повлече мисијата на УНПРЕДЕП од Македонија, што, според поранешната шефица на дипломатијата Илинка Митрева, го овозможи почетокот на конфликтот во 2001 година.
Кина е еден од најголемите трговски партнери на Македонија. Според податоците на Државниот завод за статистика, обемот на трговска размена меѓу двете земји минатата година бил 664 милиони евра, од кои 522 милиони отпаѓаат на увоз на кинески производи, а од земјава во Кина биле извезени стоки во вредност од 142 милиони евра. Во годината на пандемијата на коронавирус, извозот во Кина се намалил за 5 отсто, додека увозот се зголемил за 7 отсто во однос на претходната година.
Наместо Сорос, Кинески универзитет во Будимпешта
Наместо Централноевропскиот универзитет во Унгарија, зад кој стоеше Џорџ Сорос, наскоро во Будимпешта ќе никне Универзитетот Фудан од Шангај. Универзитетот на Сорос беше затворен. Градоначалникот на Будимпешта, Ѓерѓели Карашони, кој е опозиционер, смета дека Унгарците се измамени. Според него, можеше да ги има и двата универзитети, а сега владата носи друг, кој претставува идеологија на кинеската Комунистичката партија и ќе ги чини Унгарците милијарди евра.
Будимпешта наскоро ќе биде првиот град во Европската унија во кој ќе има кинески универзитет. Според плановите, ќе се гради експозитура на Фудан Универзитетот од Шангај.
Унгарската влада тврди дека со тоа ќе се подигнат образовните стандарди за околу 6 илјади студенти, а ќе се зголемат и кинеските инвестиции во земјата.
За Кина, тоа е значајна пресвртница, смета аналитичарот Стив Цанг.
„Сега, тие извезуваат експозитура на кинески унуверзитет на европско тло, во членка на ЕУ. Тоа е мислам, исклучително важно од нивна перспектива за да покажат како Кина напредува“, вели тој.
Пред две години, Централно европскиот универзитет во Унгарија, зад кој стоеше Џорџ Сорос, беше ефикасно принуден да затвори поради измените во Законот за образование. Унгарската влада го обвини Сорос за политичко влијание, кое Сорос го отфрли.
Градоначалникот на Будимпешта, Ѓерѓели Карашони, кој е опозиционер, смета дека Унгарците се измамени.
„Да ги ставиме двата универзитети еден до друг. Имаше нешто што нудеше отворено образование, не ги чинеше Унгарците ни пени, беше добро етаблиран универзитет во Унгарија, а беше протеран. Сега, владата носи друг, кој претставува идеологија на кинеската Комунистичка партија и ќе ги чини Унгарците милијарди“, вели тој.
Според владини документи, се проценува дека проектот ќе чини околу 1,8 милијарди долари, што е повеќе од годишниот буџет на Унгарија за целото високо образование. Повеќето од парите ќе бидат кредит од кинеска банка, а за изградбата, главно ќе бидат користени кинески материјали и работна сила.
Фудан е рангиран меѓу првите 100 универзитети во светот. Неговото ширење во Европа е дел од напорите на Пекинг да влијае врз наративот за Кина, смета Цанг.
Кога станува збор за хуманитарните и социјални науки од наставата, јасно е дека кинеската Комунистичка партија ќе ја контролира. Пред околу 2 години, Универзитетот Фудан јасно ги смени инструкциите за релациите со државната партија, сега јасно декларирајќи дека негова примарна мисија не е академскиот интегритет, туку да го следи лидерството на партијата“, вели тој.
Унгарската влада, пак тврди дека Фудан е еден од најдобрите универзитети во светот и оти нема да има идеолошка едукација, туку, пред се, ќе биде фокусиран на економски науки.
Американската амбасада во Будимпешта оцени дека Пекинг преку академски институции „спроведува агенда за малигно влијание и за ограничување на интелектуалната слобода“.
Универзитетскиот кампус се очекува да биде изграден до 2024-та година.
Во април 2020 година, Унгарија ги чуваше сите детали како тајна и за за заемот во вредност од 1,9 милијарди долари од Кина за железнички проект што ги поврзува Будимпешта и Белград.