Достапни линкови

Кинески универзитет во Унгарија, Орбан се поблиску до Пекинг


Унгарскиот премиер Виктор Орбан се ракува со кинескиот претседател Си Џинпинг во Пекинг, 25 април 2019 година
Унгарскиот премиер Виктор Орбан се ракува со кинескиот претседател Си Џинпинг во Пекинг, 25 април 2019 година

Контроверзноста околу Универзитетот Фудан во Будимпешта - кој би бил првиот кинески универзитет во ЕУ - е последната манифестација на прифаќањето на парите од Пекинг од страна на унгарската влада. Дали за Кинезите, Унгарија е порта кон Европа? Рид Стендиш и Акос Келер-Алант

Контроверзен проект за кинески универзитет ја обнови загриженоста за зголеменото влијание на Пекинг во Унгарија и ги врати во центарот на вниманието тесните врски на премиерот Виктор Орбан со Кина.

Унгарија потпиша стратешки договор со Универзитетот Фудан со седиште во Шангај со кој ќе се отвори кампус во Будимпешта до 2024 година. Унгарската влада вели дека универзитетот ќе ги подигне стандардите за високо образование во Унгарија.

Амнести Интернешнл: Владите ја користат пандемијата за кратење на човековите права

Но, зголемената загриженост за нетранспарентност во врска со проектот, како и сознанијата дека унгарската влада планира да земе огромен, нетранспарентен кинески заем за изградба на кампусот, го прават овој потфат контроверзен.

„Додека владата не ги обезбеди сите детали за проектот, нема за што да преговараме, што значи дека нема да дадеме согласност за изградба на кинескиот универзитет“, изјави за РСЕ градоначалникот на Будимпешта Гергели Карачоњи.

градоначалникот на Будимпешта Гергели Карачоњи
градоначалникот на Будимпешта Гергели Карачоњи

Тој е еден од најгласните критичари на проектот, велејќи дека планираниот кампус им носи непотребен финансиски товар на даночните обврзници и дека владата одбива да ги објави сите свои „одлуки, склучени договори или оние што се подготовка“ во врска со плановите за Фудан универзитетот во Будимпешта.

Документите добиени на почетокот на април од страна на Директ36, унгарски истражувачки новинарски центар, покажуваат дека трошоците за изградба се проценуваат на 1,8 милијарди долари, што е повеќе отколку што унгарската влада потроши за целиот свој систем на високо образование во 2019 година. Државата планира да финансира околу 20 проценти од проектот од нејзиниот буџет, а остатокот од парите да ги обезбеди од заем од 1,5 милијарди долари од кинеска банка.

Замолчување? Во Унгарија затворено последното независно радио

Според документите, изградбата ќе се изведува со претежно кинески материјали и работна сила, а Универзитетот Фудан се согласи Кинеската државна градежна инженерска корпорација - најголемата градежна компанија во светот - да конкурира за овој профитабилен договор.

Карачоњи вели дека тој и другите високи градски службеници планирале да започнат референдум за блокирање на изградбата на универзитетот. „Договорот служи за ширење на кинеските компании во Европа“, рече тој.

Градоначалникот на Будимпешта Гергели Карачоњи и Кристина Барањи, градоначалничката на 9-та област во Будимпешта, позираат на планираното место на кампусот на кинескиот универзитет Фудан во Будимпешта на 26 април.
Градоначалникот на Будимпешта Гергели Карачоњи и Кристина Барањи, градоначалничката на 9-та област во Будимпешта, позираат на планираното место на кампусот на кинескиот универзитет Фудан во Будимпешта на 26 април.


Предложениот кампус на Универзитетот Фудан е најновата манифестација на растечкото влијание на Кина во Унгарија, кое се прошири откако Орбан се врати на власт во 2010 година и започна политика на „источно отворање“ со цел да се негуваат блиски врски со Пекинг и Москва за да се привлечат инвестиции и нови економски можности за Унгарија по светската финансиска криза.


Додека кинеските инвестиции во Унгарија и Централна Европа како целина се одвиваа бавно, Орбан негуваше силни односи со Пекинг. Кинескиот претседател Си Џинпинг телефонски разговараше со Орбан на 29 април, при што го пофали националистичкиот лидер за неговата политика кон Кина и за продлабочената соработка во текот на пандемијата пред да го покани да го посети Пекинг.

„Унгарија е - и ќе остане - централниот дел за кинескиот ангажман во Централна Европа и тоа стана само пореално за време на пандемијата“, изјави за РСЕ Пол Стронски, постар соработник во Фондацијата Карнеги, додавајќи: „За Кинезите, Унгарија е порта кон остатокот од Европа“.

Ново отворање

Наоѓање на вистинска рамнотежа помеѓу пријателските гестови кон Пекинг и одржување на довербата на западните сојузници е единствена карактеристика на надворешната политика на Унгарија. Но, одењето по тоа јаже стана сè потешко за Будимпешта за време на пандемијата.

Одлуката на владата на Орбан да го стартува планот за универзитетот предизвика загриженост во Вашингтон, а американската амбасада во Будимпешта изрази резерви во врска со проектот.

Орбанизација на Европа или заштита на границите?

„Евентуалното отворање на првиот кампус на Универзитетот Фудан во Европа е причина за загриженост, бидејќи Пекинг има докажано искуство во користењето на своите високообразовни институции за да добие влијание и да ја задуши интелектуалната слобода“, оцени амбасадата за унгарскиот весник „Маѓар Ханг“.

По санкциите на ЕУ врз Кина во март во врска со кршењето на човековите права во нејзиниот западен регион Ксинџијанг, унгарскиот министер за надворешни работи Петер Сијарто ги осуди мерките како „бесмислени и штетни“.

Унгарскиот претседател Јанош Адер со кинескиот министер за одбрана Веи Фенге во палатата Шандор во Будимпешта на 24 март.
Унгарскиот претседател Јанош Адер со кинескиот министер за одбрана Веи Фенге во палатата Шандор во Будимпешта на 24 март.

Неколку дена подоцна, кинескиот министер за одбрана Веи Фенге беше во Будимпешта и ја искористи можноста да ги осуди санкциите на ЕУ и да го пофали помирливиот пристап на Унгарија, тврдејќи дека Пекинг „отсекогаш ја сметал Унгарија за добар брат“.

Будимпешта, исто така, наводно ја блокира изјавата на ЕУ со која се критикува новиот закон за безбедност во Хонг Конг, спречувајќи ја Унијата првично да им се придружи на Британија и на Соединетите држави во своите изјави за ерозијата на човековите права во поранешната британска колонија.

Унгарија е исто така единствената земја-членка на ЕУ која не ги призна потенцијалните безбедносни проблеми предизвикани од 5G мобилни мрежи од кинески фирми како Хуавеј. Будимпешта е центар и на најголемата производствена база на Хуавеј надвор од Кина и домаќин на нов регионален центар за истражување и развој на оваа компанијата.

Опозициските политичари во Унгарија, исто така, изразија загриженост во врска со предложениот универзитет, посочувајќи на потенцијални проблеми со долгови и потенцијален недостаток на академска слобода во институцијата.

Каталин Чех, член на Европскиот парламент од Унгарското движење „Момент“, за РСЕ изјави дека побарала од шефот за надворешна политика на ЕУ, Жозеп Борел, да го спречи кампусот во Будимпешта, поради пошироките ризици за Унијата.

„На Пекинг му требаат „тројански коњи“ во рамките на ЕУ, а унгарската влада доброволно ја нуди Унгарија за оваа улога“, рече таа, додавајќи: „Голем е ризикот кога некоја земја ги става интересите на Кина над интересите на Европската унија или над интересите на нејзината сопствена земја“.

Помеѓу Кина и ЕУ

Според Тамас Матура, асистент професор на Универзитетот Корвинус во Будимпешта, овие потези треба да се сметаат за политички гестови кон Пекинг, наместо како суштински смени на политиката. „Во рамките на битката на Орбан со ЕУ, му треба голем брат како Кина“, вели Матура за РСЕ.

Орбан се залагаше за она што тој го нарекува „нелиберална демократија“ во Унгарија, а Будимпешта беше издвоена во годишниот извештај на надзорната организација за човекови права на Фридом хаус, објавен во април, за „невидено демократско влошување во изминатата деценија“.

угарскиот премиер Виктор Орбан
угарскиот премиер Виктор Орбан

Партијата Фидес на Орбан исто така е суспендирана од Европската народна партија и, бидејќи Будимпешта и Брисел остануваат во војна предизвикана од загриженоста на ЕУ за владеењето на правото и злоупотреба на средствата на Унијата, вели Матура, премиерот ги користи своите односи со Кина за домашни цели. „Ниту една од овие идеи не доаѓа од Кина, тие доаѓаат од страната на Унгарија, но секако дека Пекинг е среќен што ги добива“, оценува Матура.

Орбан нема да разговара за демократијата со Брисел, зафатен е со коронавирусот

Унгарија зеде заем од 1,9 милијарди долари во 2020 година од Пекинг за изградба на железничка врска што ќе ја поврзува Будимпешта со Белград, но проектот останува контроверзен дома и низ целиот регион поради доцнења и недостаток на транспарентност.

Во април 2020 година, унгарскиот парламент изгласа да ѝ се дадат на владата вонредни овластувања за итни случаи врз основа на борба против пандемијата, но телото, исто така, гласаше да се задржат класифицирани сите детали околу проектот за железница, вклучително и физибилити студија за нејзината профитабилност, тврдејќи дека тоа е потребно за да се обезбеди заем од Ексим банката на Кина. Ова доведе некои критичари во земјата да се сомневаат во вистинската корист на проектот.

Понатамошна загриженост беше покрената откако значаен договор за градежните работи отиде во конзорциум во сопственост на милијардерот Лорин Мецарош, најбогатата личност во Унгарија и пријател на Орбан од детството.

Додека јавното одобрување во Унгарија за Кина опадна во почетокот на пандемијата на ковид-19, употребата на кинески вакцини во Будимпешта му помогна на Орбан за домашно зајакнување во борбата против вирусот. Унгарија нареди користење на вакцини на Фајзер, Модерна и АстраЗенека преку ЕУ, но е единствената членка на блокот што исто така ги одобри кинеските вакцини на Синофарм, како и руската Спутник-V, и покрај тоа што ниту една од нив не е одобрена од Европската агенција за лекови.

Лекар ја дава првата доза на вакцина на кинески Синофарм на пациент во во Калосемјен, Унгарија, 25 март 2021 година
Лекар ја дава првата доза на вакцина на кинески Синофарм на пациент во во Калосемјен, Унгарија, 25 март 2021 година

Досега се чини дека овој потег му се исплати на популистот Орбан, кој сака да ја зголеми поддршката пред парламентарните избори во 2022 година. Унгарија целосно вакцинираше 21,5 проценти од своето население заклучно со 2 мај - скоро двојно повеќе од ЕУ - и започна да ги олеснува ограничувањата на коронавирусот.

„Можеби има чувство на задоволство во унгарската влада. Задоволството што врските со Пекинг се исплатеа кога им требаше помош во борбата против пандемијата, кои исто така се корисни пред општите избори следната година“, вели Матура.


Стратешкиот договор со Универзитетот „Фудан“ исто така се совпадна со неодамнешните промени во управувањето со унгарските универзитети, кои не само што префрлаат милијарди државни средства на оние блиски до премиерот, туку исто така може да им овозможат на Орбан и неговите приврзаници да вршат долгорочна контрола врз јавното образование во земјата.


Објавувањето за Фудан, исто така, доаѓа кратко време откако Централноевропскиот универзитет - основан од милијардерот Џорџ Сорос и кој се смета за една од највисоките унгарски постдипломски институции - беше ефективно протеран од земјата во 2018 година откако беа изгласани амандманите на законот за високо образование.


Европскиот суд на правдата во октомври 2020 година рече дека потегот против универзитетот значи кршење на обврските на Унгарија според Светската трговска организација, како и на одредбите на Повелбата за основните права на ЕУ во врска со академската слобода. И покрај таа пресуда, Централноевропскиот универзитет останува со седиште во Виена.

Смените во внатрешната и надворешната политика на земјата во текот на последната деценија во голема мера ги водеше Орбан и доколку тој и неговата партија Фидес изгубат во 2022 година, многу од тие промени може да забележат брз пресврт.

„Однесувањето на Орбан во последната деценија им овозможи на Кинезите да инвестираат во него, а исто така и во унгарската елита. Ако владата се смени, нема гаранции дека оваа политика спрема Кина ќе остане на сила. Во Унгарија нема голема поддршка за овие про-кинески политики надвор од сегашната влада на Орбан“, заклучува Стронски.

  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG