Владата за кампањи од јавен интерес за потребата од вакцинација за ковид-19 и за спречување на корупција, како и за испитување на мислењето за владините политики и нивната реализација ќе издвои речиси 600 илјади евра. Огласите на генералниот секретаријат на Владата се во тек.
За кампањата за успешна вакцинација и заштита на населението од ковид-19 се предвидени 15.635.580 или речиси 254 илјади евра. За кампањата за спречување корупција се предвидени 14.436.865 или околу 234 илјади евра.
Забранети реклами
Од пред неколку години со закон е забрането владино рекламирање во медиумите. Но, Владата на СДСМ која ги забрани сега инсистира да се измени членот 102, односно владиното рекламирање како такво да остане и понатаму забрането, но да се овозможат кампањи од јавен интерес.
За нетранспарентно владино рекламирање, поткупување на медиуми преку реклами, спрегата власт-медиуми претходната власт на ВМРО-ДПМНЕ беше силно критикувана во сите извештаи на меѓународните организации и институции, години наназад.
Извршниот директор на ЗНМ, Драган Секуловски вели дека огласите за кампањите од јавен интерес за вакцинација и за спречување на корупција се проблематични од три аспекти.
„Прво е политички проблем, бидејќи додека се разговара со локалната медиумска заедница дали ќе има или нема јавни кампањи во меѓувреме се објавуваат огласи кој во основа може да се спори со моментот дека оваа Влада пред да дојде на власт една од најголемите ветувања беше дека ќе се укине практиката на јавни кампањи во приватни медиуми. Гледаме дека во овие огласи на еден начин го прекршува тој политички збор“, вели Секуловски.
Фирмата која ќе го добие тендерот за кампањата за вакцинација ќе треба да осмисли- стратегијата за комуникација на социјални медиуми, печатен и промотивен план, настани и медија план.
„Медиа планот се однесува на користењето различни канали за комуникација со јавноста како што е ПР, настани, печатени материјали, билборди, социјални медиуми, печатени медиуми. Тоа подразбира сѐ освен закуп на медиумско време кај радиодифузерите што сѐ уште е забрането со закон“, велат од Владата.
За разлика од вакцинацијата, за кампањата за спречување на корупција ќе се изработуваат и тв и радио спотови, а дополнително кај медија планот е наведено дека ќе треба да се закупи медиумски простор на сите канали освен приватните радиодифузери.
Вториот проблем, според Секуловски е правен, затоа што на 24 владина седница во 2017 година се донесе заклучок со кој се укинуваат и забрануваат сите јавни објави, кампањи не само на радиодифузери, туку и на онлајн медиуми и билборди.
„Во овој оглас гледаме дека експлицитно се прекршува тој владин заклучок и тука веројатно некои институции ќе се заинтересираат. Пред се Државната комисија за спречување корупција“, смета Секуловски.
Кампањата за вакцинација како што се наведува во повикот има за цел да потикне масовно прифаќање и пријавување за вакцинацијата и да ја поттикне свесноста за почитување на личните и колективните заштитни мерки и прифаќање на истите.
Покрај сите институции Владата ќе покрева свесност за корупција
Кампањата за спречување на корупција има за цел да поттикне свесност кај оние кои може да ја примат и кај оние кои се во можност да дадат противправна награда. Исто така, кампањата, треба да ги поттикне главните чинители во борбата против корупцијата на конкретни акции и практики кои би овозможиле или спречиле коруптивни практики.
Во Владата сега има и вицепремиер за борба против корупцијата и криминал, како и надлежни институции кои се борат против корупцијата. Но, Владата е таа која ќе спроведува кампања за спречување на корупција. Директорката на Транспаренси Интернешнл, Слаѓана Тасева вели дека не е јасно што сака Владата да поттикне со кампањата.
„Не знам што им е идејата. На Антикорупциска комисија дури и во законот и пишува дека треба да организира кампањи за подигање на јавната свет за тоа како граѓаните да се вклучат во борбата против корупцијата и што се треба да се прави. Сега овде што ќе смисли Владата, да прави толку скапа кампања, не можам да разберам, што ќе се постигне. Таа кампања треба на укаже на пример, каде се точките за пријавување на секоја институција за свиркачи да има кажеме на луѓето дека имаме, но тие не го користат. Но, ние всушност немаме иако 5 години имаме закон. Затоа не ја сфаќам логиката што сакаме да поттикнеме во кампањата“, смета Тасева.
Од Владата велат дека е од особена важност и граѓаните и државната администрација да се мобилизираат во обезбедувањето заштитни механизми и отпор кон корупцијата која го разорува општеството по сите основи.
„Неопходно е Владата да спроведе едукативна и информативна кампања од јавен интерес за борба против корупцијата, за да се обезбеди сеопфатност и високо ниво на информираност, сензибилизираност, мотивираност и учество на граѓаните и на државните службеници во борбата против корупцијата“, додаваат оттаму.
Според Секуловски, третиот проблем е токму етичкиот, бидејќи која е Владата да утврдува кампања од јавен интерес во делот на корупција.
„Сметам дека туку може да има проблематични решенија. Во основа ова не е во согласност со тоа што беше разговарано со локалната медиумска заедница во насока на носење на решенија како да се поттикнат некои процеси пред јавноста, меѓутоа да не бидат тие со платени јавни кампањи. Ќе потсетам дека медиумските професионални организации се против платени јавни кампањи во приватните медиуми“, додава тој.
Владата ќе мери и рејтинг
Владата пак за серија истражување на мислењето на јавноста и граѓаните за квалитетот на владините политики и за ефикасноста на нивното спроведување се предвидени 6 254 240 или над 101 илјада евра. Владата доби нов мандат по изборите на 15 јули во 2020 година, а за октомври се закажани и локални избори.
Од почетокот на владеењето на Владата на СДСМ за жал видовме дека немаат намера да го расформираат системот од ВМРО-ДПМНЕ, туку само да го надградат, вели политичкиот аналитичар Соња Стојадиновиќ.
„Во пандемиски период да се трошат пари за мерење на рејтингот нешто што како пракса беше воспоставено во време на ВМРО-ДПМНЕ за мене е срамота, бидејќи таа сума на пари може многу лесно да се искористи за сузбивање на пандемијата и поголема поддршка за медицинските лица. Рејтингот на Владата се гледа во начинот на борбата против пандемијата а не плаќањето на анкети и истражувања кои едноставно го копираат системот кој беше воспоставен од страна на ВМРО-ДПМНЕ“, смета Стојадиновиќ.
Јавната набавка, како што велат од Владата, e во согласност со нејзините заложби за што е можно поголема сеопфатност при креирањето на политиките, како и со потребата од носење одлуки и дефинирање јавни политики врз основа на податоци, факти, анализи и врз основа на мислењата на граѓаните.
„Истражувањата се алатка за темелно разбирање за потребите и очекувањата на граѓаните, за темите за кои граѓаните очекуваат подобра комуникација и респонзивност од Владата, за мислењето на јавноста за одделните политики, за актуелните состојби во општеството, за квалитетот и ефикасноста на работата на владата и одделните институции и други прашања од интерес на јавноста и на институциите“, посочуваат од Владата.
Во меѓувреме на 1 март потпишан е и договор меѓу Генералниот секретаријат на Владата и фирмата Индаго за истражување на мислењето и ставовите на јавноста за процесот на имунизација од ковид 19 и пописот на населението во 2021 година во вредност од 290.280 денари или околу 4700 евра.