Достапни линкови

Таргетирано против короната за помали штети врз економијата


Рестриктивни мерки треба да се воведуваат во местата коишто се жаришта на коронавирусот, а не во целата држава. Нема потреба од полициски час во Дебар и во Пробиштип, ако вирусот се шири во Сарај, Чаир и во Штип, велат експертите.

Растот на бројот на заболени од коронавирус повторно ги отвори дилемите дали и какви мерки треба да се спроведат за спречување на ширењето на заразата. Се чини дека Македонија во моментов го доживува вториот пик на епидемијата откако вчера беа регистрирани 89 нови случаи, а и денеска се очекува висока бројка. Најголем број од новите случаи се во скопските општини Сарај и Чаир и во Штип.

Кога пред еден месец имаше дури и помалку нови случаи дневно, имаше полициски час, кој за продолжените викенди траеше и по 85 часа.

По укинувањето на полицискиот час и отворањето на угостителските објекти, бројот на заразени повторно расте, но се наметнува прашањето како правилно да се димензионираат мерки за заштита за да „не се коле вол за шницла“. Ако Чаир, Сарај и Штип се нови жаришта на болеста, нема потреба за полициски час во Кратово, Пробиштип или во Дебар, велат експертите. Во осум градови во Македонија во моментов нема ниту еден активен случај на коронавирус.

Микробиологот професор Никола Пановски вели дека полицискиот час не требало да биде укинат во општините кои се жаришта за ширење на болеста. Дополнително, потребна е строга контрола врз заболените и врз оние кои се во изолација. Тој се залага за таргетирани мерки - таму каде што болеста се шири треба да се заоструваат мерките, а таму каде што нема, да се олабавуваат. Не мора дури ни цели општини да се ставаат под карантин, туку може да бидат и населби или делови од населби, вели тој.

„Аеродром на пример е огромна општина, но ако тоа се случува во некое место од Аеродром, главната група каде што се шири, жариште или кластер, тоа место треба на некој начин да се стави под контрола. Не може тоа Дебар да го правиме. Освен во Сарај, мислам дека на други места не може да се направи тоа што се правеше во Дебар, ама може да се направи некаква контрола“, вели Пановски.

Воведувањето полициски час и други рестриктивни мерки во целата држава во голема мера ѝ наштетуваат на економијата, а во местата каде што нема регистрирани заболени нема речиси никаков ефект. Министерката за финансии Нина Ангеловска рече дека даночните приходи во мај се за 24 отсто пониски од претходната година. Во првите пет месеци од годинава има 9 отсто помали приходи во буџетот, што е буџетска дупка од скоро 130 милиони евра. Во исто време расходите се зголемуваат затоа што државата треба да им помогне на економски погодените сектори за што помалку луѓе да останат без приходи.

Дрилон Исени од Стопанската комора на северозападна Македонија вели дека тие уште од почеток барале таргетирани мерки за спречување на коронавирусот.

„Со цел да се спаси економијата, и паралелно да се заштити здравјето на граѓаните, ние како Комора уште од раните фази на пандемијата апелиравме до институциите да креираат специфични мерки за специфични сектори, бидејќи така не се штити само здравјето на граѓаните, туку и економијата“, вели тој.

Министерот за здравство Венко Филипче рече дека ќе почекаат уште два-три дена за пред да одлучат дали ќе воведат карантин и полициски час во деловите од земјата каде што има поголем број заболени. Градоначалникот на Штип, Благој Бочварски, рече дека е против карантин во неговиот град, и дека треба да се почека да се види дали ќе даде резултат затворањето на петте текстилни фабрики, каде што се прошири заразата.

Лидерот на СДСМ, Зоран Заев, вчера рече дека вирусот слабее. Такво тврдење изнесоа и некои италијански лекари, но СЗО го демантираше тоа.

Полицискиот час во земјава се воведе на 22 март и траеше повеќе од два месеци, до 27 мај.

  • 16x9 Image

    Срѓан Стојанчов

    Новинарската кариера ја започна како новинар во внатрешно-политичката рубрика на дневниот весник Шпиц во 2008 година. Роден е на 27.10.1981г. во Скопје. Од февруари 2009 работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG