Висината на каматите од кредитите за политичките партии е различна во зависност од позицијата од која што ја гледаат. Па така кога власта се задолжува каматите се „историски ниски“, додека опозицијата со години наназад предупредува дека позајмуваме скапи пари, без разлика кој е на власт, и ваквите тврдења се повторуваат повеќе од десет години.
Слична е ситуацијата и околу последната македонска еврообврзница издадена на 700 милиони евра со камата од 3.675 отсто. За неа Министерството за финасии посочи дека е со втора најниска камата по онаа во 2018 година, додека од ВМРО-ДПМНЕ реагираат за каматата за која сметаат оти можело да биде пониска доколку заемот бил земен навреме.
За економските експерти овој заем сметаат дека е неопходен за државата, со оглед на ситуацијата со кризата на Ковид -19, но предупредуваат на внимателност во вложувањето на парите кое според нив треба да биде во насока на раст на Бруто домашниот прозивод (БДП).
Професор Ванчо Узунов од Правниот факултет „Јустинијан Први“ во Скопје вели дека Македонија во иднина треба да има раст на БДП од околу четири отсто за да може лесно да ја враќа седмата еврообврзница од 700 милиони евра која ја издаде македонската Влада.
„Со самиот раст на БДП во релативна смисла, долгот опаѓа и тој е лесен за раководење, но сè под тоа, односно под 3,5 отсто, доаѓаме во опасна ситуација. Таргетот ни е од 3 ипол до 4 отсто пораст на БДП ако сакаме да збориме дека овој долг што сега е направен ќе биде лесен за менаџирање и раководење“, вели Узунов.
Во однос на последната еврообврзница чија рочност е шест години, Минситерството за финансии соопшти дека е со втора со најниска камата пред онаа издадена во 2018 година и според институцијата тоа ја покажува довербата на инвеститорите во македоснакта економија и политики, со оглед дека таа се издава во време на пандемија на коронавирус.
„Сите економии, вклучително и светските економски сили, излегуваат на меѓународниот пазар на капитал за да обезбедат средства за финансирање на потребите за кризата“, се вели во соопштението на Министерството за финансии.
Во него е наведено дека со издавањето на еврообврзницата и заемот од Меѓународниот монетарен фонд во износ од 176 милиони евра, како и заемите од Светска банка во износ од 140 милиони евра и од Европската унија од 160 милиони евра кои се преговараат и се извесни, се затвора финансиската конструкција за потребите за оваа година, односно дефицитот проектиран на 6,8 проценти од БДП со ребаланс.
Со тие пари ќе се вратат и стари долгови од 705 милиони евра и ќе се обезбедат пари за справување со евенутален повторен шок, се вели во соопштението.
Но, со критики за задолжувањето излезе опозиција, реагирајќи дека заемот е направен ненавремено и оти со тоа секое семејство ќе плаќа по 1.500 евра до крајот на оваа година.
Анастасија Илиеска од ВМРО-ДПМНЕ изјави дека доколку заемот бил направен во март, тој ќе бил со пониски камати, а граѓаните ќе плаќале помалку. Таа вели дека растечкото задолжување до крајот на годинава ќе изнесува 1 милијарда и 50 милиони евра и со тоа јавниот долг за една година ќе порасне за седум проценти.
„И покрај ваквото задолжување, реализацијата на капиталните проекти за првите четири месеци од оваа година е 13 отсто. Во првите три месеци од годинава оваа влада вешто направи дупка од 200 милиони евра, средства за кои ќе треба да се задолжуваме и години понатаму да ги отплаќаме“, вели Илиеска додавајќи дека најголем дел од овие средства се потрошени пред здравствената криза.
Земјава на меѓународниот пазар на капитал има излезено седумпати досега, вклучувајќи ја и последната издадена еврообврзница. Првата еврообврзница е издадена во 2005 година, потоа 2009, 2014, 2015, 2016, 2018 и сега во 2020 година.
Професор Узунов за последното задолжување вели дека било неизбежно поради две причини: епидемијата на коронавирусот и враќањето на долговоите од претходните задолжувања по еврообврзници.
„Парите што Македонија успеја во овој досегашен да ги добие од меѓународните финансиски институции (ММФ, Светска банка, ЕУ) се добредојдени, но не се доволни и дополнително на тоа државата мораше да се задолжи на меѓународниот пазар на приватен капитал и тоа е таа еврообврзница. Да се надеваме дека таа ќе стигне за сите потреби до краот на годината“, вели Узунов.
За серијата издадени еврообврзници, Узунов вели дека е важно каде и во што парите се вложуваат, бидејќи како што објаснува, тоа потоа ја одредува стапката на БДП. Тој смета дека дел од досега земените пари биле подобро вложени, додека дел биле „очајно лошо вложени“ за нешто што потоа не донело приходи.
Македонија во 2009 година издаде еврообрврзница во износ од 175 милиони вера, потоа 500 милиони евра во 2014 година, 270 милиони евра во 2015, 650 милиони евра во 2016, 500 милиони евра во 2018 и последнава од 700 милиони евра во 2020 година.