Достапни линкови

Со што ќе се враќаат старите кредити?


Илустрација
Илустрација

Во наредните две години за враќање доспеваат кредити од над една милијарда евра. Министерот за финансии вели дека е рано да се размислува за издавање нова еврообврзница.

Оваа и наредната година доспеваат за враќање кредити од над една милијарда евра, но министерот за финансии Драган Тевдовски вели дека е рано да се размислува за издавање нова еврообврзница за враќање на овие долгови. Експертите, пак, велат дека нема од каде да се најдат толку многу пари, освен на меѓународните пазари.

Догодина доспева за враќање еврообврзницата од 2015 година од 270 милиони евра, но дел од таа сума беше предвремено исплатена. Дополнително во 2021 година доспева и еврообврзницата од 500 милиони евра од 2014 година, а треба да се врати и втората рата од заемот базиран на политики од Светската банка во висина од 155 милиони евра. Во меѓувреме, редовно доспеваат за враќање и домашни задолжувања.

Министерот за финансии Драган Тевдовски вели дека сега е прерано да се зборува за инструментите што ќе се користат за враќање на долговите, но оти е најважно да се обезбедат што пониски камати.

„Мислам дека да зборуваме за 2020 и 2021 година е прерано, бидејќи зависи од различни фактори. Што ќе се случува на глобалните пазари, каква ќе биде политиката на каматни стапки на Европската централна банка, што ќе се случува со каматните стапки што ги даваат американските Федерални резерви? Ние врз база на тие движења би донеле одлуки и како секогаш транспарентно ќе известиме. Но, во нашата стратегија е главно граѓаните да плаќаат што е можно пониска цена“, вели Тевдовски во интервју за Радио Слободна Европа што во целост ќе го емитуваме в недела.

Тој вели дека во изминатите две години каматите за задолжување се пониски од кога било претходно и оти висината на јавниот долг е стабилизирана.

Поранешниот министер за финансии Џевдет Хајредини, пак, посочува дека допрва ќе стигнат за враќање големите долгови и оти толку пари може да се најдат само на меѓународните пазари.

„Нема многу варијанти за ние сега да претпоставуваме – или од буџетот, или од домашните банки или од странските банки. Друго што има? Едноставна е работата. Вообичаено, домашните извори се користат за краткорочните потреби на буџетот, за месеци, максимум на една година. На долг рок само на странските пазари“, вели Хајредини.

РСЕ: Значи, верувате дека ќе мора да се издаде еврообврзница?

„Ќе мора сигурно, ништо друго не може да се прави. Во буџетот нема пари за враќање на кредити“, вели Хајредини.

Јавниот долг во изминатите две години е стабилизиран и на крајот на минатата година беше 5,2 милијарди евра, односно 48,7 отсто од БДП. Според Фискалната стратегија за периодот 2019-2021 година, јавниот долг догодина ќе се зголеми на 54,5 отсто од БДП, за во 2021 година да се намали на 53,2 отсто.

  • 16x9 Image

    Срѓан Стојанчов

    Новинарската кариера ја започна како новинар во внатрешно-политичката рубрика на дневниот весник Шпиц во 2008 година. Роден е на 27.10.1981г. во Скопје. Од февруари 2009 работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG