Достапни линкови

Мали шанси за делегитимирање на пописот ако меѓународната заедница го признае


Илустрација
Илустрација

Ромите очекуваат да се најмалку 4 отсто од населението, Турците најмалку 7 отсто, за бројот на Албанци во Македонија се кршат копја уште од почетокот на пописот. Колективните права на етничките заедници зависат од нивната бројност, па нормално е да сакаат да се повеќе, велат аналитичари.

Турците нема да го признаат пописот ако се под 7 отсто од населението, Ромите очекуваат пописот да покаже дека се 100 илјади во Македонија, односно 4 отсто од населението, ДУИ нема да го признае ако Албанците се под 20 отсто, а Алијанса за Албанците/Алтернатива очекува пописот да покаже 29 отсто Албанци во Македонија. Бугарски политичари велат дека 130 илјади македонски граѓани имаат бугарски пасош, па очекуваат тоа да се рефлектира и во пописните резултати.

Политичката партија Левица веќе води кампања за бојкотирање на пописот и тврди дека методологијата е на штета на Македонците. Лидерот на партијата Димитар Апасиев тврди дека 200 илјади Македонци одбиле да се попишат.

Сепак, надлежните уверуваат дека пописот, кој се спроведува овој месец, тече во најдобар ред и оти досега се попишани над 1 милион граѓани.

Политичкиот аналитичар Петар Арсовски вели дека шансите пописот да не биде признаен се минимални, особено ако тој биде признаен од меѓународните институции.

„Во сегашнава ситуација се работи за интересни групи кои имаат интерес да бидат што е можно повеќе. Мислам дека не треба да се прејудицира со бројките, гледаме дека пописниот процес тече релативно нормално, така што мислам дека ризикот да се делегитимираат резултатите од пописот е минимален во моментов, особено ако биде признаен од меѓународните организации под чиј надзор се спроведува, ЕСОМАР, ЕУРОСТАТ итн. Мислам дека помалите етнички заедници се исплашени да не го изгубат политичкото влијание во рамките на големите коалиции ако се процени дека се помалку одошто сметаат дека треба да бидат“, вели Арсовски.

Аналитичарот Сефер Селими вели дека пописот и онака е комплексна статистичка операција, а во земјава е уште почувствителна. Тој потсетува дека токму затоа еден попис пропадна, а Македонија нема спроведено пребројување на населението скоро две децении.

„Овој процес, поради сензибилноста што ја има, беше злоупотребен и може и понатаму да биде злоупотребен од надворешни влијанија кои сакаат нестабилност во регионот и во државата“, вели тој.

Според Уставот, од бројноста од одредени етнички групи зависат и колективните етнички права. Според принципот на правична застапеност, бројот на вработени во јавниот сектор треба да е прилагоден на етничката структура на населението, а ако во некоја општина има 20 отсто жители од одредена етничка заедница, тој јазик официјално се користи во таа општина.

Денис Селмани од здружението „Аваја“ вчера се пожали дека се врши притисок врз Ромите да не се попишуваат како Роми. Апелира притисоците да престанат, во спротивно може да не ги признаат резултатите од пописот. Тој очекува пописот да покаже дека во Македонија живеат 100 илјади Роми, односно околу 4 отсто од населението.

Емин Хусрев од координативното тело за попис на Турците претходно рече дека турската заедница нема да признае бројка помалку од 7 отсто по завршуваше на пописот и објавувањето на резултатите.

Лицитацијата за бројот на Албанци во Македонија почна уште веднаш по најавата за пописот. Арбер Адеми од владејачката ДУИ во јануари годинава рече дека ако Албанците се под 20 отсто нема да го признаат пописот. Според пратеникот на коалицијата Алијанса за Албанците/Алтернатива, Халил Снопче, Албанците во земјава се над 29 отсто.

Поранешниот конзул на Бугарија во Чикаго, Иван Анчев, пред неколку дена реагира дека на пописот во Македонија што е во тек досега за Бугари се изјасниле само 72 граѓани, а 130 илјади македонски граѓани добиле бугарски пасоши и притоа потврдиле дека имаат бугарско самосознание.

Според резултатите од пописот од 2002 година, во Македонија живеат над 2 милиони луѓе, од кои над 64 отсто Македонци, над 25 отсто Албанци, скоро 4 отсто Турци, над 2,6 отсто Роми, скоро 1,8 отсто Срби, помалку од 1 отсто Бошњаци и половина процент Власи.

  • 16x9 Image

    Срѓан Стојанчов

    Новинарската кариера ја започна како новинар во внатрешно-политичката рубрика на дневниот весник Шпиц во 2008 година. Роден е на 27.10.1981г. во Скопје. Од февруари 2009 работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG