Некреативен и обемен материјал, кој на прво место ги става наставниците, а не учениците, е една од причините поради кои македонските основци покажуваат послаби резултати по математика во споредба со учениците од соседните земји и пошироко.
Вака упатените ги коментираат податоците од последните истражувања, на кои упатува и редовниот извештај на Светската банка, а кои покажуваат дека ваквата состојба се провлекува веќе неколку години. Директорката на основното училиште „Браќа Миладиновци“ од Куманово, Марина Манојловска, вели дека наставните програми се преобемни и бараат итно редуцирање на истите.
„Математиката отсекогаш претставувала и товар на учениците, затоа што наставните програми не му дозволуваат на детето да биде креативно и да има инспирација да го засака предметот. Тука се и обемните наставни часови кои детето го оптоваруваат на шест години со пет часа. Секаде во светот, не постои оценување на децата до четврто одделение. Ние ги „убиваме“ со домашни работи, со работа на час, а тука гледам и недостаток кај наставникот. Се работи за мали деца кон кои треба да имате соодветен пристап за да го заинтересирате”, вели Манојловска.
Во инсистирањето на наставниците да се учат факти и теорија, наместо да се поттикнува критичното и креативно размислување за наученото, економските експерти ги гледаат причините за слабите резултати на македонските ученици на ПИСА истражувањата (Меѓународна студија која ги мери способностите и знаењата на учениците).
„Направени се многу истражувања во еден подолг период и тие укажуваат дека фокусот не треба да биде на учењето на факти кои денеска многу лесно може да се најдат, меѓутоа начинот како се прави критичко размислување на она што сте го прочитале. Дали ќе може да направите вистинска проценка и дали тоа што сте го научиле за решавање на проблемот. Значи не се работи толку за вештини, туку како ги користите фактите за да го решите проблемот кој е пред вас“, вели Сања Маџаревиќ - Шуистер”, економски аналитичар во Светска банка.
Дел од упатените сугерираат дека проблем претставува и тоа што во земјава не се инвестира во континуирана едукација во образованието, особено во просветниот кадар. Манојловска се согласува дека и професорите треба да бидат поприлагодливи во образовниот процес.
„На факултетите ќе мора да е воведе практична настава и да се обучат наставниците на соодветен приод за совладување на овој предмет. Наставникот мора да најде начин, детето да го засака предметот“, посочува Манојловска.
Слични резултати околу постигнувањата на учениците беа забележани и претходната година, во рамките на истражувањето на УСАИД и здружението „Чекор по чекор“. Резултатите тогаш покажале дека учениците на ниту еден наставен јазик не го постигнуваат меѓународниот стандард да може да одговорат на 80 проценти од поставените прашања. Тие одговориле на 40 проценти од поставените прашања. Во областа математика, според истражувањето, најтешка задача во двете одделенија е одземање, а по него се текстуалните задачи. Се препорачува учениците да имаат повеќе време да ги вежбаат основните математички вештини и наставата во почетните одделенија да биде фокусирана на разбирање и примена на математичкото знаење.