Достапни линкови

Македонскиот јазик „сеуште несе“ лекторира


Неправилна употреба на интерпункциски знаци, па дури и грешки од типот на слеано пишување на „сеуште“ или „неможе“ често се појавуваат во Законите, соопштенијата и во информациите објавени на интернет страниците на државните институции.

Во изминатите 10 години е казнет само еден вработен во државна институција поради непочитување на Законот за употреба на македонскиот јазик, односно за објавување нелекторирани текстови, иако само со површно разгледување на законите, соопштенијата и на интернет страниците на државните институции е очигледно дека лекторирањето на објавите не е во прв план. Законот е донесен пред 20 години, но сè уште не се применува целосно.

Освен неправилната употреба на интерпункциски знаци, често може да се забележи дека државните институции објавуваат текстови со елементарни грешки, како пишување „сеуште“ или „неможе“.

Нелекторирано соопштение на интернет страницата на Министерството за култура
Нелекторирано соопштение на интернет страницата на Министерството за култура

Вакви грешки се провлекуваат дури и во објавите на Министерството за образование и наука и на Министерството за култура, кое е надлежен орган за спроведување на Законот.

Во Министерството за култура велат дека тие се една од првите институции што има вработено лектор, но оти има случаи кога поради обемноста на материјалот или поради итноста, се објавуваат нелекторирани текстови.

„Министерството за култура обрнува особено внимание на оваа тема и ќе преземе мерки за надминување на проблемот“, велат во Министерството.

Професор Елка Јачева-Улчар од Институтот за македонски јазик вели дека, за да се реши овој проблем, потребно е вработување повеќе лектори и реформи во образованието.

„Треба всушност да се направи една поголема реформа, и во основното, и во средното образование, затоа што со години наназад се соочуваме со овој проблем. Веројатно е потребно да се направи поделба на предметот, македонски јазик од една страна и литература од друга страна, затоа што, како што можам да забележам, наставниците во основното и во средното образование многу помалку се задржуваат на часовите од граматика, правопис и правоговор, а главно целата настава се сведува на предавања од литература и литературни теми“, вели Јачева-Улчар.

Нелекториранa уредба на интернет страницата на Министерството за финансии
Нелекториранa уредба на интернет страницата на Министерството за финансии

Во Министерството велат дека имало само 5 инспектори за култура од 2008 до 2017 година, кои спровеле 1892 инспекциски надзори во однос на примената на Законот за употреба на македонскиот јазик и донеле 843 решенија за отстранување на недостатоците, а биле напишани 106 казни. Тие посочуваат дека само еден од казнетите е вработен во државен орган, односно работел како одговорно лице во општина.

„При вршењето на инспекциските надзори, првенствено се врши превентивна функција, додека инспекциските мерки и санкции се изрекуваат тогаш кога со превентивната функција не може да се обезбеди целта на надзорот“, велат во Министерството за култура.

Тие посочуваат дека состојбата со употребата на македонскиот јазик се подобрува во последните неколку години, и во јавниот, и во приватниот сектор.

  • 16x9 Image

    Срѓан Стојанчов

    Новинарската кариера ја започна како новинар во внатрешно-политичката рубрика на дневниот весник Шпиц во 2008 година. Роден е на 27.10.1981г. во Скопје. Од февруари 2009 работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG