Министре Адеми, новата учебна година почна со стари проблеми. Ненавремена реконструкција и пролонгирање на наставата во Скопје.Во Битола половина училишта немаа електрична енергија поради неплаќање, во Гостивар нема кадар и пари за превоз на ученици, а има училишта кои сè уште немаат санитарни јазли, библиотеки и основни наставни помагала. Каква е вашата оценка за стартот на учебната година?
Не би било коректно ако кажам дека сè е перфектно и дека не се соочуваме со предизвици. Значи, и оваа година, како и во минатото, се соочуваме со одредени предизвици и дел од нив се поврзани со промените кои треба да се реализираат во образовниот процес, со оглед дека образованието е систем кој перманентно треба да се надградува со новини, а исто има и предизвици со кои се соочуваме веќе подолг период како држава и институција, па дел од тие предизвици се од финансиски карактер. Но, дозволете да истакнам дека оваа учебна година почнува и со доста новини, па морам да признаам и успеси. Имаме 22 коригирани учебници за основците, па потоа секој од тие 22 учебници се набавени во целосен тираж, така што секој ученик ќе има нов и коригиран учебник. Потоа за најмалите од прво до трето одделение, секоја година, почнувајќи од оваа учебна година, ќе има нови учебници по сите наставни предмети.
Но, можеа ли да се избегнат некои од проблемите со навремена интервенција, за да не трпат учениците поради административни проблеми или со објаснувања дека нема пари?
Секогаш постојат предизвици во Министерството, но ние сме фокусирани да најдеме решение за секој од нив и сè што е во наша моќ и надлежност, а правиме напори такви предизвици да се надминат и наставата да се одвива без прекин.
Во времето на претходната министерка Рената Дескоска се најавуваше промена на законите за основно и за средно образование, како и намалување на часовите од септември во основните училишта и напуштање на Кембриџ програмата. Зошто доцнат овие реформи?
Тоа што е најавено, дел од тие најавени реформи секако дека ќе бидат инкорпорирани во новиот закон за основно образование. Ние работиме на тој закон интензивно и на експертско ниво, но се реализираат консултации и на политичко ново во смисла на изнаоѓање на најдобрите решенија со кои ќе се подобрува квалитетот во основното образование. Тоа што е ветено и предвидено во владината програма секако дека ќе биде обврска за нас и веруваме дека во определен рок ќе се финализира. Битно е да имаме квалитетен закон и квалитетни реформи. Ние имаме искуство и целото општество е запознаено дека од брзање, од носење на брзи реформи, патат нашите ученици, нашите деца, затоа никој не треба да дозволи да се експериментира со децата, но секако дека кратење на број на часови и доста новини кои се поврзани и со статусот на наставниците ќе бидат инкорпорирани во новиот закон за основно образование.
Ќе има ли конкурси за нови вработувања во образованието, со оглед на тоа дека има проблем со недостиг на кадар и несоодветен кадар кој предава со завршено средно образование?
Генерално, морам да признаам дека немам проблем со немање на кадар и со недоволно соодветен кадар, но исто така постапката за вработување се спроведува во самите училишта и по добивање на согласност од страна на Министерството за образование и наука, но секој кандидат мора да ги исполнува предвидените услови кои треба да ги поседува за да може да ја врши професијата наставник. Ние секое барање кое го добиваме од страна на училиштата или од страна на општините како основачи на основните и на средните училишта, го разгледуваме, правиме анализи и секако се утврдува рационалноста на тоа барање па им излегуваме во пресрет на сите училишта каде што има оправдани барања за ангажирање на адекватен кадар, бидејќи веруваме дека недоволниот кадар или недоволно соодветниот кадар, не придонесува во спроведување на квалитетен образован процес.
Целото интервју со министерот за образование Арбр Адеми може да го погледнете на видео снимката на почетокот на овој текст.