Достапни линкови

Реформи во образованието - Помалку предмети, поголем квалитет


Ученици
Ученици

Најавено е намалување на бројот на предмети во основните училишта, ревизија на учебниците, пократки студиски програми и зголемување на мотивацијата на учениците.

Најавените реформи во образовниот систем за дел од стручната фела се добар старт кон подобрување на квалитетот на образованието. За професорката Горица Илиоска од гимназијата „Никола Карев“, најавеното намалување на бројот на предмети во основните училишта е потребен чекор, кој води кон растоварување на учениците од притисоците и стресот на оценувањето. Позитивно го оценува и вложувањето во современи лаборатории во средните стручни училишта.

„Еден од факторите поради кои со години наназад сме на дното по квалитетот на образованието е големата ослободеност на учениците од учење, односно учење за оценка, а не учење за квалитет. Мора да сфатиме дека правилно треба да бидат застапени природните предмети, потоа треба да има соодветна застапеност на општествените предмети, понатаму да се вложува во лаборатории, во практичната настава во стручните училишта, што би било добро за враќање на мотивацијата на учениците и правилен избор на натамошната професија“, вели Илиоска.

Владата, преку Министерството за образование, веќе почна ревизија на наставните планови и програми. Започнати се и процеси на ревизија на учебниците, како и на менување на законите што се однесуваат на образованието. Премиерот Зоран Заев неодамна најави дека новите промени на кои се работи, ќе бидат поврзани со поттикнување на мотивација на наставниците и учениците, на креативност во работата и учењето, на иницијативност и на инклузивност.

Универзитетскиот професор Авзи Мустафа вели дека најавените реформи во високото образование ќе дадат ново светло на образовниот процес и ќе продуцираат кадри кои ќе бидат соодветни за потребите на пазарот на трудот, а ќе ги следат и современите европски трендови.

„Каj високото образование најважно е да му се врати автономијата на Универзитетот, но и академската слобода на професорите, кои треба сами да креираат наставни содржини, а не да им се наметнуваат од страна. Исто така, финансирањето е еден од важните реформи. На пример медицинските факултети или технолошките треба да имаат повеќе средства, зашто ним им се потребни лаборатории и средства за вежбање и практична настава, за разлика од факултетите за општествени науки“, вели Мустафа.

Според најавите од надлежните институции, во високото образование, се размислува за воведување на пократки студиски програми, од 3 години, како и воведување на механизми со кои се насочуваат децата кон она што го можат. Исто така се разгледува и опцијата за ослободување на децата од притисоците и стресот на оценувањето од раната возраст, а се размислува и за воведување повеќе спорт во училиштата.

Во буџетот за 2018 година, во делот на образованието, обезбедени се дополнителни средства, за реализирање на најавеното зголемување на платите во висина од 5 отсто во основните и средните училишта, а предвидени се и нови вработувања според реалните потреби.

  • 16x9 Image

    Марија Тумановска

    Марија Тумановска, родена 1981 година во Струмица. За време на студентските денови, волонтира во некои од пишаните медиуми. По завршувањето на факултетот за новинарство, станува соработник во детската редакција на Македонското радио, Радио Скопје. Подоцна работи во културниот сектор на истиот медиум. Во Радио Слободна Европа е од декември 2004 година.

XS
SM
MD
LG