Достапни линкови

Основците имаат проблеми со читањето и со математиката


Фотографија од првиот училиштен ден од новата 2017/2018 учебна година
Фотографија од првиот училиштен ден од новата 2017/2018 учебна година

Ученици од нижите одделенија тешко читаат, децата на ниту еден наставен јазик не го постигнале меѓународниот стандард да може да одговорат на 80 проценти од поставените прашања, а имаат проблеми и со математиката, особено со одземањето, покажало истражувањето УСАИД и Здружението „Чекор по чекор“.

Ученците во основните училишта се соочуваат со предизвиците на образовниот систем и тоа во почетните одделенија. Кај учениците од второ и трето одделение не се добро развиени вештините за читање на краток текст и разбирање на прочитаното, иако тие имаат добри резултати во препознавање и точно изговарање на буквите. Ова се наодите од националната стратегија за процена на јазичната и математичката писменост спроведена во рамките на проектот на УСАИД со „Читање до лидерство“ и Здружението „Чекор по чекор“.

Истражувањето е спроведено во мај минатата година на репрезентативен примерок од 8.000 ученици на македонски, албански и турски наставен јазик од сите основни училишта

Викторија Димитровска, заменик раководител на проектот, укажа дека децата имаат проблем кога треба да поврзат информации од различни делови на текстот и да дадат свое мислење.Таа ги охрабрува наставниците да користат различни стратегии да го потикнат читањето во самата училница преку поттикнување самостојно и заедничко читање, преку пишување, дискусија, уметнички и драмски активности.

„Главен приоритет е кај децата да се зајaкне течното читање, кое потоа доведува до подобро рaзбирање на она што е прочитано. Секој училишен ден треба да почнува со 10 до 15 минути читање и се разбира да им се поставуваат различни прашања, а не само да се бара одговор на фактички информации што беше главен проблем и во екстерното тестирање, а потоа гледаме дека се рефлектира во резултатите од меѓународните истражувања“, изјави Димитровска.

Педагозите препорачуваат со децата повеќе да се вежба читање и тоа не само на училиште, туку и во домот и сите секојдневни ситуации и да им се поставуваат различни видови прашања со кои кај децата ќе се поттикнуваат да развиваат разбирање.

Министерката за образование и наука Рената Дескоска рече дека рејтингот на Македонија на нивото на меѓународни мерења на степенот на образованието може да се постигне заедно со Министерството, со наставниците, со родителите, со учениците и со поддршка од невладините организации.

„Ние разговараме и со Министерството за труд да ја зајакнеме образовната компонента во рамки на предучилишното образование и да го зголемиме опфатот на деца коишто ќе имаат можност да стекнат некакво образование и во предучилишна возраст“, изјави Дескоска.

Научните истражувања покажуваат дека способноста да се научи да се чита доволно брзо уште во раната возраст е од суштинска важност за детето да научи да чита течно и со разбирање.

Резулатите покажуваат дека учениците на ниту еден наставен јазик не го постигнуваат меѓународниот стандард да може да одговорат на 80 проценти од поставените прашања. Тие одговориле на 40 проценти од поставените прашања.

Во областа математика, според истражувањето, најтешка задача во двете одделенија е одземање, а по него се текстуалните задачи. Се препорачува учениците да имаат повеќе време да ги вежбаат основните математички вештини и наставата во почетните одделенија да биде фокусирана на разбирање и примена на математичкото знаење.

  • 16x9 Image

    Мирјана Спасовска

    Родена е во Скопје 1971 година. Од 1996 та година работи во телевизиската кука А1. Од 1998 та година е во телевизијата Телма каде за централно информативната емисија известува за дневни социјално - општествени теми.  Во Радио Слободна Европа е од 2002 та година.  

XS
SM
MD
LG