Достапни линкови

„Понеписмените“ - поинтересни на социјалните мрежи


Група средношколци од средното училите „Таки Даскало“ во Битола.
Група средношколци од средното училите „Таки Даскало“ во Битола.

Средношколците најчесто се допишуваат на латиница со големи букви, наместо граматички знаци ставаат симболи, користат дијалекти, жаргони, англицизми, србизми.

Во интернет комуникацијата на социјалните мрежи популарен е уличниот сленг, полн со англицизми, кои често се пишуваат неправилно, па им се додава и македонски член, србизми, нестандардизирани кратенки и слично. Дури и изразот за најубавите чувства како – те сакам најмногу – преминува во акроним, а младите ја губат способноста да формираат реченица која добро звучи.

Ова е само дел од податоците кои група средношколци од средното училите „Таки Даскало“ во Битола ги посочија во истражувањето, што го спроведоа за влијанието на социјалните мрежи врз литературното изразување кај младите.

„Се покажа дека околу 70 проценти од испитаниците поминуваат од седум до девет часа дневно на социјалните мрежи. Секое слободно време буквално го користиме само за тоа. Никој од нас не ги запазува литературните правила во пишувањето на социјалните мрежи, тоа не е во ред и треба да се промени. Сите од нас знаеме да зборуваме литературно, но ретко го користиме“, вели ученикот Божидар Николовски.

РСЕ: Дали сметате дека ако го користат литературниот јазик младите ќе бидат исмејувани од врсниците на социјалните мрежи?

„Мислам дека е токму и тоа причината поради која не ги користиме тие литературни правила. Не е во ред, но и јас тоа го правам. Тоа е денешницата“, вели ученикот Божидар Николовски.

Истражувањето беше спроведено под водство на професорката Николина Поповска и вклучи 60-тина ученици на возраст од 15 и 17 години. Резултатите покажаа дека младите најчесто се допишуваат на латиница со големи букви, наместо граматички знаци ставаат симболи, користат дијалекти, жаргони, англицизми, србизми.

„Со користењето и среќавањето на англискиот јазик во нашето секојдневие, преку социјалните медиуми во вокабуларот на младите влегуваат зборови од англиско потекло и кратенки на англиски јазик. Тие полека стануваат еден неофицијален дел од македонскиот јазик. Пример за тоа се: твитна, шерна, лајкна, омг и многу други“, вели ученикот Александар Ивановски.

„Чести се статусите и описите на српски јазик. Се случува и во приватен разговор да се користат реченици или фрази на српски јазик. Ова се прави со цел да се биде повеќе забавен и духовит“, вели ученичката Магдалена Јаневска.

На прашањето дали користaт литературен македонски јазик без жаргони и дијалекти, никој не одговори дека честo го употребува, поради што заклучиле дека при комуницирање на социјалните мрежи не се внимава на литературното изразување, а тоа влијае и врз вербалната јазичната комуникација кај младите.

  • 16x9 Image

    Жанета Здравковска

    Родена во Битола на 15.01.1977 година. Дипломирала на Педагошкиот факултет во Битола во 1999 година, а магистерски студии завршила на постдипломските студии по менаџмент на човечки ресурси на Институтот за социолошки и политичко- правни истражувања во Скопје. Работела како новинар во повеќе локални редакции во Битола, а за Радио Слободна Европа известува од 2002 година. 

XS
SM
MD
LG