Достапни линкови

Помалку ученици во паралелка за поквалитетно образование


Основното училиште Кирил и Методиј во Тетово
Основното училиште Кирил и Методиј во Тетово

Се намалува бројот на ученици во Тетово. Надлежните велат дека нема да го намалуваат бројот на паралелки, туку бројот на ученици во паралелка за да се добие поквалитетно образование.

Намалувањето на бројот на ученици во Тетово како негативен тренд се согледува и во пресрет на новата учебна година. Во средните училишта има 3.434 слободни места, а деветгодишно основно образование завршиле само 2098 ученици. Во текот на јунските уписи се запишале само 50 проценти од нив.

Ова се должи на тоа што имавме строги критериуми за упис на учениците и не дозволивме да се намалат поените за упис. Тоа директно влијае врз квалитетот на образовниот процес и на тој начин се одржа на двете пријавувања строгиот критериум, особено во медицинското училиште, гимназиите и економското училиште, со цел учениците да се насочуваат кон средно стручните училишта“, вели Ахмед Ќазими, раководител на секторот за јавни дејности.

Тој во намалувањето на бројот на ученици не гледа голем проблем. Смета дека наставниот кадар сега ќе има повеќе време да им се посвети на учениците па ќе се подигне квалитетот на образованието.

„Ние сме предвиделе во општинските училишта 100 паралелки. Конкурсот се отвора со горниот лимит со 34 ученици, додека ние тежнееме да ги наполниме паралелките со долниот лимит, тоа значи со 25 ученици. Што помалку ученици во една паралелка, толку повисок квалитет и толку повеќе време за професорите да работат со учениците и на тој начин да се работи повеќе во квалитетот на образование. И ова ние го променивме минатата година и наместо да имаме неколку паралелки со 34 ученици во клас, тие ги распределивме и сега имаме по 25 ученици максимум во една паралелка“, вели Ќазими.

Намалувањето на бројот на ученици нема да значи и кратење на бројот на вработените, потенцираат од секторот.

„Нема да има отпуштања, тоа го кажуваме секогаш и социјалниот карактер е пред сè за нас. Нема да има отпуштања на наставниците, нема да има намалување на паралелките, нема да има некои мерки коишто ќе бидат насочени и ќе ги загрозат работните места на наставниците. Тоа го реализираме четири години по ред. Иако тоа делува во буџетот во намалување на средствата кои може да ги насочиме во други места, особено за инвестиции. Но, за нас пред сè се наставниците и нивниот спокој“, смета раководителот на општинскиот сектор.

Најголем интерес во Тетово има за упис во средното медицинско, гимназијата и економско училиште.

XS
SM
MD
LG