Падот на бројот на запишани првачиња се должи на трендот на иселување. Годинава во училиште тргнуваат децата кои се родени во 2011 година, односно оние кои полнат 6 години. Според податоците од Државниот завод за статистика, во 2011 година евидентирани се 22.770 живородени деца, но во прво одделение годинава, според податоците од Министерството за образование, се запишани 20 437 деца. Ова покажува дека разликата од две илјади значи дека тие деца не живеат повеќе во Македонија, вели поранешниот директор на Државниот завод за статистика Дончо Герасимовски. Тој објаснува дека минатата учебна година бројот на првоодделенци е за 2800 помал.
„Тоа значи дека бројот на новороденчиња во однос на бројот на запишани ученици во прво одделение во изминативе 6 години постојано покажува намалување на трендот. Прва причина за тоа е намалување на бројот на живородени деца, а по тој основ и бројот на првачиња. Но, со оглед дека сме земја на иселување, веројатно има влијание и во намалување на бројот на деца во училиштата“, вели тој.
Како трет индикатор во однос на наталитетот, бројот на живородени деца на македонски државјани родени во странство расте, вели Герасимовски. Тој додава дека само минатата година се евидентирани околу 5 илјади живородени деца на македонски државјани во странство.
Од друга страна, пак, досегашните стратегии кои Владата ги преземаше за стопирање на трендот на намалување со наталитетот не вродија со плод, велат демографите. Успехот може да се мери само во делумно ублажување на падот. Според бројките од Министерството за труд и социјална политика, до 2016 година околу 20 илјади корисници го искористиле правото за надоместок за трето дете од почетокот на таканаречената „бејби бум“ програма која стартуваше во 2009 година. Тоа значи дека секое седмо дете родено во изминативе десетина години добива државна помош.
Герасимовски вели дека во изминативе 40 години, последниов десетгодишен период имаме незапамтив тренд на негативните пројави во демографијата. Тој објаснува дека неговите анализи за последните 6 месеци од годинава покажуваат дека бројот на живородени деца е драстично помал од бројот на починати луѓе.
„Мерките кои се преземени во изминатиов период не дале резултат на она што е вложено и што е дадено. Од додаток за трето дете, потоа проблем беше и склучување на бракот, во некои општини се доделуваа по 10, 200 или 500 литри ракии и вина, се даваа за секое живородено трето дете, па и во некои општини и за прво дете одредена помош. Но, резултатите се поразителни, особено во првата половина од оваа година што се уште подрастични во однос на претходниот период“, вели Герасимовски.
Резултатите од годинава се поразителни, во 42 општини во Македонија има намалување на населението во споредба со претходната година, во 6 региони има намалување на природниот прираст, така што мерките кои се преземени во изминатиов период не дале квалитетен резултат, објаснува Герасимовски.