Достапни линкови

Кога нема западна вакцина, добра е и кинеската


Изгубени во набавката на вакцини
please wait

No media source currently available

0:00 0:02:37 0:00

Изгубени во набавката на вакцини

Министерот за здравство вели дека размислуваат за кинески вакцини, додека ги чекаат фајзеровите и вакцините преку ковакс. Три дена претходно, премиерот Зоран Заев рече дека Македонија е членка на НАТО и затоа бара западни вакцини. За да набавиш вакцини треба да си трговец, вели доктор Пановски.

Додека се чекаат вакцините од Фајзер и преку ковакс механизмот, властите ја разгледуваат можноста за набавка и на кинески вакцини. Министерот за здравство Венко Филипче вели дека не би требало да претставува проблем тоа што кинеските вакцини не се одобрени од Европската агенција за лекови (ЕМА), затоа што документите се сосема соодветни.

Премиерот Зоран Заев, пак во петокот, на 22 декември, во интервју за емисијата Трилинг на ТВ 24 рече дека кога станува збор за вакцините, повеќе се држaт за западниот свет.

„Србија нема аспирации за НАТО и нормално повеќе е отворена кон источниот свет Кина и Русија и прави договори со нив. Ние сме нова членка на НАТО, генерално се држиме кон западниот свет и вакцините потврдени од тамошните здравствени институции“, оцени премиерот.

Агенцијата на ЕУ за лекови досега ги одобри вакцините на Фајзер/Бионтек и на Модерна, но не и кинеските вакцини. Но, земји од ЕУ аплицираа за кинески вакцини, како на пример Унгарија.

Професор Никола Пановски вели дека ЕМА не одобрува ништо што е индиско, руско, кинеско, не постои таков лек што го одобрила, ниту пак овие сакаат да им биде одобрено. Тој вели дека со пандемијата се сменија многу работи, Западот, вклучувајќи ги и САД, катастрофално се справуваат со пандемијата, Западот се обрука, па не е толку невообичаено да ја вртиме главата кон Истокот, но медицински, не политички.

„Да гледаме и на производите од Исток, оти факт е дека даваат резултати, така што мислам дека и вакцините не треба да се потценуваат, особено кога ги немаме западните и особено ако се десетина пати поевтини“, вели тој.

Пановски - За набавка на вакцина треба да си трговец
please wait

No media source currently available

0:00 0:02:09 0:00
Директен линк

Пановски, повикувајќи се на искуството како поранешен директор на ФЗО, вели дека МАЛМЕД регистрира само лекови и вакцини од западните земји, додека за сите други е многу потешко.

„Ако ние не сме уценети на нешто да не инсистираме на Запад, да не инсистираме на 20 долари за вакцина, ако има за еден долар, ако се со ист ефект, односно не знаеме каков ефект ќе имаат, ќе видиме понатаму“, вели тој.

Пановски вели дека власта нема искуство во набавка на вакцини, оти досега вакцини и лекови набавуваа веледрогериите и претставништвата на глобалните фирми, кои во Македонија се затворени во последните години, со воведување на паралелниот увоз на лекови, воведен од претходната власт на ВМРО-ДПМНЕ.

„Треба да имате врски, треба да имате контакти, трговец треба да сте, трговец набавува, тој знае како да го купи лекот, така што тоа е проблем, сега одеднаш државата сака да набавува, видовте како ја набавува вакцината за грип, да ги набавуваа веледрогериите ќе ги донесеа за три дена. Веледрогериите тоа го работат, тоа им е работа, сега овде имаме административци, луѓе кои не знаат како тоа се работи и веројатно тоа е причина“, вели доктор Пановски.

Поранешниот министер за здравство, Арбен Таравари, висок член на Алијансата на Албанците, вели дека тоа што вакцинацијата се уште не е почната се должи на тоа што здравствените власти несериозно му пристапиле на проблемот.

„Беа несериозни во договорите со компаниите производители, несериозни со ковакс системот каде задоцнија со апликација, ми се чини дека требаше и банкарска гаранција и за таму и нормално големите компании во вакви ситуации, посебно кога некој доцни и не ја подготвува целата документација ги гледа како несериозен партнер“, вели Таравари.

Тој додава дека не очекува масовната вакцинација да почне пред јуни, а добро е да ги има сите вакцини кои се на пазар, па луѓе нека одлучат со која сакаат да се вакцинираат.

И опозицијата коментира дека во земјава нема вакцини поради неспособноста на власта.

Трнлив пат до вакцини

Македонија се надева на 833 илјади вакцини преку КОВАКС механизмот( меѓународен механизам инициран од СЗО ), за кои авансот е платен на 10 декември минатата година. Потоа властите на почетокот на оваа година рекоа дека во директни преговори со производителот Фајзер се обезбедени уште 800 илјади дози вакцина, од кои 5850 дози вакцини на Фајзер ќе стигнат во февруари. Македонија се надеваше и на вакцини од програмата на ЕУ наменета за земјите кои не се членки, но и во самите земји членки нема доволно вакцини. Уште пред неколку месеци властите соопштија дека членки на ЕУ ќе ни отстапат и од нивните вакцини, прво беше најавата за Грција, па потоа Полска, Бугарија, Австрија, но никогаш не прецизираа точно кога и точно на колку дози може да се надеваме. И до ден денешен нема прецизно од ЕУ колку и кога вакцини ќе ни дадат.

Србија на 18 јануари соопшти дека ќе ѝ даде 8000 фајзерови вакцини на Македонија, по набавна цена, иако српскиот претседател Александар Вучиќ предложил тие да бидат донација.

„Ние сме благодарни на таквиот чин, секако ние сме земја, имаме пари, ќе си платиме, па после тоа од негова страна беше потврдено дека ќе ги дадат по набавни цени“, рече Заев.

Тој оцени дека тоа е сериозен чин на пријателство.

Соседите на Македонија почнаа да се вакцинираат, Бугарија и Грција се членки на ЕУ, Албанија, како нас е само членка на НАТО, а Србија која не е членка на ниту една од организациите почна прва во регионот, уште на 25 декември, со 5000 дози од фајзеровата вакцина. Населението во Србија бира меѓу вакцините на „Фајзер/ Бионтек“, руската „Спутник“ и кинеската Синофарм, а досега се вакцинирале повеќе од 250 илјади луѓе.

Кога Србија почна да се вакцинира, имаше само 5000 дози од вакцината на Фајзер, а Заев во Само интервју на Канал 5 на 25 декември коментирајќи го тоа рече дека „тоа не вакцинација, дека вакцинација е преку ковакс“.

„На оваа работа кој кога почнал, дали имал 2000, 5000 или 10 илјади вакцини, тоа е покажување на мускули или на некаков примат кој е прв. Јас не сум човек кој гледа на работите по пат на натпревар од таков карактер, посебно за сериозни работи, како ковид“, рече премиерот пред Нова година.

Во собраниска процедура се законски измени на законите за јавни набавки и за лекови со кои ќе се овозможи набавка на вакцини.

  • 16x9 Image

    Пелагија Стојанчова

    Новинарската кариера ја започна како радио водител на музичка емисија во локалното радио во Кратово. Во 2008 година работеше како новинар за култура и образование во бесплатниот дневен весник Шпиц. Од јануари 2009 работи како дописник за Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG