Во атмосфера на изборна кампања полна со меѓусебни обвинувања и самопромоции и веројатно почнат судски процес за случајот „Рекет“, Македонија ќе ја чека одлуката на Европската унија за датум за преговори. Таа според најавите треба да се донесе на самитот на унијата во мај во Загреб, еден месец по македонските парламентарни избори.
Предизборието според Владимир Божиновски од Институтот за политички истражувања Скопје е најдобар период за завршување на останатите обврски како Законот за јавно обвинителство. Власта и опозицијата се во неизвесност дали ќе си ги сменат улогите по изборите, така што нивната спремност за компромис е поголема, вели Божиновски.
„Периодов е одличен за да се решат некои прашања кои што не можеа да се решат во претходниот период, а дали има волја кај политичките партии само тие си знаат, но предизборната кампања во која што се влезени политичките партии не е пречка да се реши ова, затоа што решавањето нема на некого да му одземе од рејтингот ниту да му додаде“, вели Божиновски.
Законот за јавно обвинителство го споменаа неколку странски политичари но и министерот за надворешни работи Никола Димитров по неодамнешната средба со американскиот дипломат Метју Палмер. Министерот рече дека треба „да бидеме упорни и да се обидеме да го тргнеме и последното оправдување, а тоа е Законот за Јавно обвинителство“.
Инаку за законот за јавно обвинителство, со кој требаше да се реши иднината на Специјалното јавно обвинителство политичарите преговараа седум месеци, а сега разговорите се чини како да се на пауза. Францускиот претседател Емануел Макрон на прес конференцијата по одлуката да не дозволи почеток на преговорите со Скопје и Тирана не го спомена законот, но тоа го сторија претходно холандскиот министер за надворешни работи Стефан Блок и подоцна францускиот амбасадор во земјава Кристијан Тимоние. Тој рече дека нерешавањето на статусот на СЈО сè уште предизвикува отворени прашања, а спомена и дека недостигаат реформи на терен, без да прецизира кои.
Според Марко Трошановски од Институтот за демократија партиите се дискредитирани од претходниот политички перформанс поврзан со владеење на правото и реформите, а дополнително врз мотивацијата за реформи лошо влијае и последната одлука на ЕУ да не додели датум. Тој смета дека партиите ќе се посветат на реформската агенда само доколку постои морков, или поттик од ЕУ за некаква награда. Во спротивно искушението за заробување на институциите на државата е преголемо.
„За сега немаме двигател на реформскиот процес како што беше Европската унија до пред неколку недели и мораме да размислуваме за алтернативни сценарија. Ако гласно повторуваме ЕУ па ЕУ, а без да се земе предвид реалноста, тоа е неодговорно водење политика“, вели Трошановски.
Во меѓувреме, додека атмосферата уште сега наликува на изборна кампања,партиите со месеци не можат да се договорат за директор или состав на Заводот за ревизија, Дирекцијата за заштита на личните податоци, Комисијата за заштита на правото на слободен пристап до информации од јавен карактер, Комисијата за спречување и заштита од дискриминација, програмски совет на Македонската радио телевизија.