Достапни линкови

Протести пред избори, обид да се добие нешто повеќе?


Протести пред Собрание. Илустрација
Протести пред Собрание. Илустрација

Последниов период протестите во земјава стануваат се почести. Иако правото на протест е легитимно, а повеќето од барањата се реални и оправдани, аналитичарите се сомневаат дека некои од нив се политички мотивирани или со цел да се добие колку што се може токму сега, пред избори.

Земјоделците, наставниците во училиштата, професорите во високото образование, културните работници. Последниов период е во знакот на незадоволни работници од различни сфери. Барања за повисоки плати, за подобри услови за работа, за навремена исплата на субвенциите... Протести во тек и протести во најава. Како што е оној на неколкумина газди на текстилни фирми од регионот кои информираат дека размислуваат предупредувачки да ги затворат фирмите на одредено време, револтирани поради се повисоките давачки кон државата и работниците.

Според домашните аналитичари, правото на протест е демократско право. Универзитетескиот професор Никола Дујовски вели дека се легитимни и реални барањата во високото образование, но и барањата за повисоки плати во јавната администрација.

„Но проблем се јавува тогаш кога политичките партии сакаат сево ова да го злоупотребат. Се додека имаме протести организирани од луѓето кои се во фелата и се навистина тоа што бараат, тоа е во ред, легитимно и оправдано и тоа е знак на едно демократско општество кое заздравува и продолжува да зрее. Но, тогаш кога ќе видите на протести на улица да има земјоделци кои не наликуваат на земјоделци ниту пак се занимаваат со тоа, тогаш оставате доволно простор за различни шпекулации и очекувано барањата во вакви ситуации се нереални, вели професорот Никола Дујовски.

Но според други мислења, луѓето спонтано повеќе излегуваат на протести кога се наближуваат избори бидејќи сметаат дека можат повеќе да добијат од нивните барања, а дополнително партиите кои имаат влијание во сите организации ги стимулираат протестите како што можат, заради своја политичка цел. Според некои аналитичари невозможно е да се одреди дали се целосно политички мотивирани или не, но има влијание од двата фактора, и дека луѓето спонтано повеќе сакаат да излезат на протести поради некаква прагматичен аспект дека сега повеќе би добиле, а и партиите на кои протестите им одговараат тоа го стимулираат.

Универзитетскиот професор Али Пајазити вели дека иако некои барања се реални, впечаток во јавноста е дека сите се обидуваат да го искористат предизборниот период и да добијат онолку колку што се може.

„Ние не сме нација со висока култура на протестирање и сметам дека сето ова се случува во контекст на моментумот или опортунитетот, односно можноста да се реагира, бидејќи имаме избори следната година и сега е моментот да протестираме и да ги покажеме нашите барања кон власта, зошто пак тие од друга страна имаат потреба од граѓаните, како потенцијални гласачи. Тие го користат моментот дека власта треба да го промени курсот, а истовремено имаме опозиција која чека прилика да му се приближи до демосот. Значи имаме протести кои не се „начин на живеење“, или некаков континуитет, туку само да се офајдиме од моменталната прилика“, вели професор Пајазити.

И додека Синдикатот за образование, наука и култура најавува генерален штрајк доколку платите на просветните работници не се зголемат повеќе од 10 проценти колку што им понудија од Министерството за образование, незадоволство покажаа и професорите од Независниот академски синдикат. Оттаму се пожалија на ниските плати и недостиг на асистенти поради што би можел да биде загрозен опстанокот на најстарите државни универзитети. Но, од Синдикатот се децидни дека нивните барања немаат политичка позадина.

„Нашите барања се реални и се базираат на анализи кои сме ги отпочнале уште на крајот од минатата година. Ова е прва прилика во која ние имаме систематизирани барања и тие се базирани на аналитичките податоци. Нашите барања не се неповрзани и не се со политички бекграунд“, вели професорката Мимоза Ристова од Независниот академски синдикат.

Неопременоста на лабораториите и недостигот на кадар беа причина и за неодамнешниот протест на професори и студенти пред Природно-математичкиот факултет во Скопје. Тие порачаа дека не смеат повеќе да работат во лоши услови, а ги поддржаа и нивни колеги кои имаат слични проблеми на своите факултети.

Протестите не се непозната појава за македонското општество. Но она што е препознатливо за нив е што многу често, тие се проследени со контрапротести, па граѓаните се доведуваат во заблуда околу вистинските намери, потребата и целта на протестите.

  • 16x9 Image

    Марија Тумановска

    Марија Тумановска, родена 1981 година во Струмица. За време на студентските денови, волонтира во некои од пишаните медиуми. По завршувањето на факултетот за новинарство, станува соработник во детската редакција на Македонското радио, Радио Скопје. Подоцна работи во културниот сектор на истиот медиум. Во Радио Слободна Европа е од декември 2004 година.

XS
SM
MD
LG