„Се наоѓаме во подготвителната лабораторија за органска хемија во која порано имаше двајца лаборанти. Во моментов нема ниту еден. Тука се подготвуваат вежбите. Покрај тоа што немаме ниту еден асистент имаме само 4 - ца лаборанти од кои двајца се на боледување и не може нормално да функционираме“.
Со овие зборови професорката Марина Стефанова укажува на незадоволство од условите за работа и студирање, кои во последниве десетина години стануваат сè полоши, како и на повеќе други факултети, а денеска го изразија сите професори и студенти на Институтот за хемија пред зградата на институтот при Природно математичкиот факултет.
Ова уследи по многуте обиди уште од почетокот на училишната година да се преговара со надлежните во МОН и да се тргне во решавање на некои од горливите проблеми на факултетот.
Некои од главните барања на студентите и професорите се однесуваат на истите проблеми со кои се соочуваат и студентите на повеќе други факултети, оваа како и претходните 10-тина години. Пред се, тука е недостигот на млади соработници без кои не може да се реализира практична настава. Голем проблем е и застарената опрема на студентските лаборатории, нереновираната зграда на институтот и немањето пари за научни и истражувачки проекти.
„Беа упатени барања до надлежните за добивање согласност за вработување на млади соработници, за вложување во подобрување на материјалните услови и поддршка за научни истражувања но одговор немаше. Само за последното означено со ургентно, барање на согласност за вработување на 2 асистенти и 4 виши лаборанти беше побарано дополнително објаснување за фискален ефект, и се надеваме дека ќе биде одобрено, а не оставено на чекање поради актуелните политички случувања", вели професорката Стефанова.
Од вкупно 58 вработени во 2000 година од кои 11 асистенти и 14 лаборанти, денес Институтот има 24 вработени од кои 20 наставници и 4 лаборанти и ниту еден асистент.
Организаторите на протестот бараат во буџетот за следната година да бидат предвидени пари за реновирање и опремување на студентските лаборатории, и на зградата на Институтот постапно во следните неколку години, но и за финансирање на научно-истражувачки проекти во кои, покрај средства за работа во лабораторија, ќе биде вклучена и поддршка за млади истражувачи, како школарина и стипендија за магистранти и докторанди.
Опременоста на лабораторите веќе со години е во многу лоша состојба. Последните апарати се набавени пред 10 години, а тие што се користат за вежби се многу години постари.
Професорите бараат во буџетот да се предвидат пари и за научно истражувачка работа.
"Состојбата со финансирање на нaучно истражувачката работа во нашата земја е очајна повеќе години наназад, конкурси за национални проекти не се објавени од 2019 година" укажува професорката Стефанова.
Студентите кои го подржаа протестот велат дека институтот објавува публикации во меѓународни списанија и остварува едукација од професионалци но оти континуираното влошување на состојбите се причина што студентите размислуваат да си заминат од земјава.
„Никој не сака да си оди, но ако нешто не се смени ние сме приморани да заминеме по подобри услови. Кадарот и знаењето е на високо ниво, но проблем е што немаме практично како да го прикажеме“, изјави Мирјана Саздова дипломиран студент.
До протестот доаѓа во време кога во образованието постои незадоволство и од платите кои се најниски во регионот.
Плата на асистент на факултет изнесува 21 илјада денари.
Ова е првпат по подолго време поточно од протестите на Професорскиот пленум во 2014 студенти и професори да излезат на протест и отворено да се побунат.
Нив дополнитено ги поддржаа и охрабрија колегите од Независниот академски синдикат во кој членуваат и другите факултети кои веќе имаат слични проблеми но и искуства во борбата за нивни права.
„На УКИМ состојбата со асистентите, кои за кратко време ќе треба да ги заменат своите професори, е алармантна“, изјави Маја Стевановиќ претседателка на Независниот академски синдикат.
Резултатите од последните истражувања на синдикатот неодамна покажа и дека буџетот за високо образование и за наука не се носи во транспарентна постапка и дека вложувањата во високото образование се меѓу најниските во Европа и во континуитет опаѓаат. Со ваквите политики, главно насочени кон УКИМ и кон УКЛО во Битола , овие универзитети се оставени полека да изумираат, се наведува во истражувањето.