Власта претходно го обвинуваше поранешниот претседател Ѓорге Иванов за блокада, а сега откако Стево Пендаровски е шеф на државата, консултациите се уште се во тек.
Непополнувањето на испразнетите амбасадорски позиции е една од поголемите грешки на министерството за надворешни работи, коментира за РСЕ Антонијо Милошоски, поранешен шеф на дипломатијата и пратеник од ВМРО-ДПМНЕ. Тој вели дека опозицијата треба да биде консултирана во носењето одлука за пополнувањето на испразнетите амбасадорски места. Милошоски се повикува на ставот на актуелниот министер Никола Димитров за неиспраќањето на Александар Николоски од ВМРО-ДМНЕ за амбасадор во Брисел, дека не може Владата во предизборие, да избира амбасадори кои можеби не би биле луѓе од доверба на идната Влада.
„Моето мислење е дека оваа влада во заминување ќе треба да замисли за овие два принципа на министерот Димитров кои ги истакна при не упатувањето на Николовски во Брисел, и кога ќе разговараат за следните амбасадори во Вашингтон за НАТО или други поважни метрополи, сметам дека треба или да ја консултираат и опозицијата и претседателот на државата за взаемно прифатливи кандидати кои би можеле да соработуваат и со оваа и со секоја идна Влада или траба да се воздржат од такви чекори и да ги почитуваат принципите на Димитров, “ вели Милошевски.
Николоски доби агреман за вршење амбасадорска функција во Брисел еден месец пред парламентарните избори во 2016 година, а беше испратен во дипломатска мисија десетина дена пред крвавите настани на 27 април во Собранието.
Сега и по две и пол години од кога владата ја предводи СДСМ и пет месеци од стапувањето на функција на Пендаровски краткиот одговор од сите надлежни до каде е пополнувањето на амбасадите е дека „процедурата е во тек“.
„Процесот за избор на амбасадори во дипломатско-конзуларните претставништва е во тек. Кабинетот на претседателот е во постојани консултации со Владата и со ресорното Министерство за надворешни работи. Досега не се доставени предлозите за кадровските решенија за идни амбасадори од страна на Владата согласно законските процедури“, се вели во одговорот до РСЕ од кабинетот на претседателот Стево Пендаровски.
Инаку Пендаровски пред еден месец во интервју рече дека за брзо ќе биде заокружен списокот. Претходно истото го рече и во август на годишниот Амбасадорски совет и додаде дека засега е разговарано за пополнување на 15-16 од испразнети 27 амбасадорски позиции.
Од друга страна, пак, од Владата за РСЕ кусо велат дека до нив сè уште не пристигнал списокот од МНР и дека одговорот на прашањето до каде е постапката треба таму да се бара.
Од министерство за надворешни работи не одговорија зошто се уште не е испратен список до Владата, само велат дека процесот е во тек и дека и е во завршна фаза.
„ По подолго време и испразнети голем број дипломатски места, процесот на упатување амбасадори беше обновен и во важни дипломатски центри беа упатени вкупно 19 амбасадори. Во тек е процесот на консултации со Претседателот на Република Северна Македонија и усогласување на потенцијалните кандидати за амбасадори со цел утврдување на најоптимални решенија. Овој процес е во финална фаза, а по завршувањето на истата, ќе се преземат законски утврдените процедурални активности за комплетирање на процесот,“ е наведено во пишаниот одговор.
САД, Русија, Кина, Обединетите Арапски Емирати, Холандија и Италија се само дел од поважните земји во кои македонската дипломатија ја претставува вршител на должноста наместо амбасадор, покажуваат податоците објавени на интернет страната на Министерството за надворешни работи. Слична е ситуацијата и со соседните Србија, Албанија, Косово, па и Црна Гора и Хрватска, додека во Грција, од Скопје не е испратен ниту вршител на должноста.
Иако се очекува земјава да стане полноправна членка на НАТО во наредните неколку месеци, сепак во седиштето во Брисел, нема назначено амбасадор, туку како вршител на должност на веб страната е наведен Зоран Тодоров. Слична е и состојбата со седиштето во Обединетите нации во Женева и Њујорк, каде долго време не е назначен амбасадор.
Претседателот на дипломатскиот синдикат Зоран Дабиќ на прес-конференција изјави дека не поставувањето на амбасадори предизвикува голема штета, особено на важните стратегиски позиции како Мисијата на НАТО.
„Мислам дека штетата е доста голема, бидејќи, еве ќе ви кажам дека јас во НАТО бев амбасадор, година дена немаме амбасадор, имаме кои се менуваат фреквентно во период кога најмногу треба да сме присутни во НАТО, во годината кога се прилагодуваме на НАТО стандардите, кога сме присутни на сите состаноци и кога очекуваме по поканата да станеме полноправна членка и да учествуваме во носење на одлуките на НАТО“, изјави Дабиќ.