Достапни линкови

Ќе има ли одговорност за злоупотребите во амбасадите?


Архивска фотографија. Редовен работен состанок со македонските амбасадори и конзули.
Архивска фотографија. Редовен работен состанок со македонските амбасадори и конзули.

МНР наодите за ненаменско трошење пари во амбасадите ќе ги достават до институциите. Експертите бараат да се утврди дали има одговорност или не? Дополнуваат дека наодите за корупција се лоша вест за евро-интегративните процеси.

И македонските амбасади во странство се најдоа меѓу институциите за кои има посочувања во јавноста дека од нив се излеваат и злоупотребуваат државни пари. Министерството за надворешни работи вчера излезе со информации дека има наоди за прекумерни трошења и лажни прикажувања на трошоци за уредување амбасади, но од таму посочуваат дека откако тие ја обелодениле информацијата сега се е во рацете на надлежните институции.

Од МНР ни изјавија дека наодите до кои дошле ќе бидат доставени до надлежните институции за натамошна постапка.

Но она најмногу што ја загрижува јавноста е што постојано се злоупотребуваат државни пари во повеќе институции кои беа посочувани во јавноста а никогаш немаше правна разрешница ниту одговорност. Загрижува и фактот дека постојано во медиумите спектакуларно се објавуваат афери со големи суми кои се одлеваат од буџетот, а потоа никој не ја надоместува штетата ниту пак кривично одговара.

Поранешниот антикорупционер Драган Малиновски вели дека Јавното обвинителство треба да ги преземе следните чекори по наодите кои ги објави МНР.

Прво МНР преку своите внатрешни служби треба да ги констатира злоупотребите и да ги адресира соодветно, а адресата е Јавното обвинителство. Натаму тоа треба да види дали има злоупотреби за кои се говори или не. И мора да не се супитуира тој начин само со прес конференции и само на тоа да остане“ вели Малиновски

Упатените ,исто така, велат дека поради затајување на превенцијата на злоупотребите на државни пари дополнително се создава револт и кај граѓаните дека во државната каса секогаш има вишок пари кога станува збор за носителите на власта, на сметка на се посиромашните граѓани кои и за најмал долг исплаќаат високи камати.

Проблемот со злоупотреба на државни пари во македонските амбасади не се случува прв пат и се поставува прашањето каков впечаток остава Македонија во светот.

Поранешниот функционер Перо Димшовски вели дека проблемот за Македонија е што корупцијата во овој период се гледа под лупа од ЕУ и САД и затоа наводите за ненаменски трошења се исклучително лоша вест во период кога земјата настојува да ги зголеми шансите за нејзино интегрирање. Тој укажува дека во овие неколку години на Македонија се гледа како на земја која треба да се справи со корупцијата во високите државни кругови и тоа станува еден од условите за евро интегрирање.

„Тоа ни е главен предуслов пред се за влез во НАТО. Ги следам работите во однoс на евроинтеграциите и решавањето на името, но пред две години имaше во НАТО една одлука во која корупцијата ни е поставена како услов. Не мислам дека членките на НАТО ќе поминат преку тој услов макар и сите други услови да се исполнети, вели Димшовски

Инаку, во јавноста имаше посочувања за ненаменски трошење и во амбасадата на Македонија во Берлин во периодот од 1998 до 2002 кога имаше информации дека се искористиле повисоки сретства од реалното чинење на зградата. Но за тој случај никој не понесе одговорност.

Министерот Димитров на почетокот на неговиот мандат најави транспарентност за начинот на финансирање.

Според наодите на МНР, во изминатиот период се купувале објекти на амбасади во неатрактивни квартови, а цената во времето на нивното купување била многу пониска од цената која е платена

Упатените велат дека корупцијата во однос на градби не е нешто што лесно може да се спречи и докаже и укажуваат дека Светска Банка не финансира згради зашто таму се најголеми шансите за корупција.

XS
SM
MD
LG