Достапни линкови

Загаденост, избори и отровот се слева по Фејсбук - вие коментирате


Илустрација
Илустрација

„Браво за СОНК, и така еден ден нема да има ученици, сите ќе бегаат, нека бегаат и наставниците.“

Како беше она, според законот за предизборна кампања, колку дена пред избори да почне? Изгледа предизборната кампања веќе почна, а до изборите уште 5 и кусур месеци!

Премиерот и лидер на СДСМ, Зоран Заев на трибина во Прилеп вели дека само Мицкоски се радувал за блокадата на преговорите со ЕУ, но „тоа нема да го донесе на власт“, а лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски на својот ФБ профил критикува за „Рекет“.

И отровот веќе почна да се излева по социјалните мрежи. На нашата ФБ страница Мехмед Шемси вели: „Никогаш нема да дојде на власт Мицкоски“, а Славка Талевска му возвраќа на Премиерот Заев: „Нема да дојде Мицкоски само ако ги наполниш кутиите како прошлиот пат“. Филип Гроздановски постирал: „Само на криминалците и активистите од невладини организации им одговара Заев да остане на власт“, а Решат Мамутов кратко и јасно: „Народ само ќе каже“.

И додека граѓаните почнаа да се загреваат за вонредните избори во април, со постуденото време почна и грејната сезона и загадувањето на воздухот што го дишеме. Во Куманово пред некој ден биле измерени над 1000 ПМ честички на 100 микрограми и се ширела некаква непријатна миризба. Лира Ајети во својот пост кажува дека во Приштина, на неколку места биле поставени мерачи на загаденоста на воздухот, донација од јапонската амбасада, па вели „зарем не можат и нашиве да побараат и за кај нас, можеби се срамат, вредноста на апаратите е 4 милиони евра“.

Ванчо Коде ја потсетува: „Лира Ајети, чекај сега избори се ближат и ќе бидит ветено 100%, а дали ќе се сторит тоа е друго прашање, ама ќе се изнаслушаме ветување за све и свашта“.


Посетителите на нашата ФБ страница не се задоволни и од просветните работници чиј синдикат најави генерален штрајк за 11 ноември. Стевче Стојановски предлага да се избркале најмалку половина од вработените, и онака се вишок, има сè помалку ученици, а сè повеќе професори и смета дека, цитирам, „бандата наречена ВМРО сите неписмени ги вработи како професори, 11 години не бараа повисоки плати и одеа само на контрапротести...“ Ебрар Реџеп, се чини со иронија напишал: „Браво за СОНК, и така еден ден нема да има ученици, сите ќе бегаат, нека бегаат и наставниците“. Потпишан со Аџи Јанкула смета дека барањата за 25% покачување на платите се срамота, „добивте 5%, сега уште 10%, за оваа работа и тоа ви е премногу, за саатницата од 2-3 часа го нема ни во Шведска...“ Па ги потсетува на „годишниот одмор од 3 месеци и ученичките екскурзии што им станаа бизниси...“



Неделното интервју на РСЕ е со историчарот Петар Тодоров, член на македонско-бугарската комисија за историски и образовни прашања, кој ,покрај другото, вели дека политичарите се мешаат во историјата и во Бугарија, но и во Македонија, па на нашиот ФБ се развила дебата за националната припадност на Гоце Делчев, за што се борел, кој народ од каде потекнува, и се така во тој вообичаен стил кога ќе се разврзат историските теми. Бобан Трпкоски му порачува на Тодоров: „Немојте никако да попуштите за никого. Им попуштивте за Самоил и другите, да не набројувам, ќе бараат уште. Уште еднаш настапете со нашите аргументи“.

XS
SM
MD
LG