Скопскиот џез фестивал, Mлад отворен театар и Скопско лето се родија во „Домот на младите 25 мај“, како што во седумдесеттите гласеше името на денешниот Младински културен центар или кусо - МКЦ. Изграден со пари од солидарен фонд на скопјани и донации од владите на Алжир и СССР, во 1972. е свечено пуштен во употреба домот за културно издигнување на младите.
Реконструиран со европски пари од ИПА фондови, МКЦ прерасна во втор дом на бројни генерации. Тој стана дом на алтернативната културна сцена каде што се одржуваат по 200 настани годишно на кои учествуваат актери ентузијасти, рок бендови со првите концерти и уметници со свои изложби.
Во годината кога ја прослави 50 годишнината од своето постоење ја доби и престижната скопска награда „13 Ноември “ за особени достигнувања во културата. Само два месеца подоцна се најде на листата на „обвинети“ од градоначалничката Данела Арсовска за проневера на пари уште пред да заврши ревизијата која се одвива во МКЦ.
Според неа досегашниот в.д. директор Ванчо Богоев не доби нов мандат токму поради ревизорските извештаи кои покажуваат сомнителни активности.
Богоев пак, за Радио Слободна Европа неодамна изјави дека причината за случувањата ја гледа во тоа што тој не потклекнал, на како што вели, притисокот од генералниот секретар на Град Скопје Зоран Глигоров да го потпише вработување на музичарот Арбен Шаќири познат во јавноста како Бени. Новоназначениот в.д директор Никола Арсов, кој по образование е детектив, вети дека изјава ќе даде откако ќе ја испита ситуацијата.
Инаку прв пат Бени Шаќири требаше да стане директор на МКЦ во времето на градоначалникот Петре Шилегов, но под притисок на јавноста тој се откажа да го назначи.
Последниот бастион на независната сцена
Што се случувало во изминативе 5 децении во овој дом се слуша од луѓето кои што велат дека таму ја оставиле својата младост или ги почнале своите кариери. Разговаравме со неколку генерации на уметници кои едни од првите сценски чекори ги направиле во Младинскиот културен центар.
Сум поминал низ два система, едниот како „Домот на младите 25 мај“ и вториот како МКЦ во независна Македонија, вели Горазд Чаповски одкултниот бенд „Мизар“. Според него суштината на МКЦ е да биде едно авангардно ангажирано светилиште, контра кои било вештачки наметнати правила.
„За мене, на пример во 80- тите од минатиот век, МКЦ беше место каде што се рушеше тоталитарниот и полициски систем на една држава. Во последните 30 години со многу послаб интезитет. Мислам од МКЦ, зборувам за „Домот на младите 25 мај“ имам најубави спомени, детството ми е тука врзано, со Мизар тука ги имавме првите свирки, од мои 15 години“ вели Чаповски.
Според него на МКЦ му фалат вистински луѓе на вистински места, затоа што вели дека „земјава во последните 30 години тоне како брод“.
Пеце Суперхикс- Без МКЦ ќе не покрие турболфок цунами
За Пеце Младеновски од Суперхикс, која како предгрупа во изминативе години ја делеше сцената со светски познати бендови како Грин деј, Ману Чао и Хладно пиво, МКЦ е втор дом. За него, оваа институција е последен културен и урбан бастион на Скопје кој низ годините опстои и покрај сите предизвици. Затоа и толку лично ги доживува последните случувања со него.
„Се плашам дека ако згасне и овој простор или нешто му се случи, дека турбофолкот кој што и онака нѐ прегази и она турбофолк цунами кое ни се случува во последнава декада, целосно ќе нѐ покрие и ќе станеме земја која што ќе нема урбани содржини повеќе“, вели Младеновски.
Својот дневник со спомени од концертите проследени и направени во МКЦ, Младеновски го сподели со помладата колешка Дина Јашари. Тетратката со дебели корици, во себе крие сеќавања од концертот на Иги Поп во деведесеттите и подарената „трзалица“, како и карти од бенд кој по 1994. година повеќе не настапил. За сите автори и музичари од тетратката на Пеце, Дина веќе знаеше и си потпевнуваше песни. Таа прв пат во Младинскиот културен центар настапила на 11 годишна возраст како дел од мандолинскиот оркестар. Своето деби на сцена со авторска музика го имала токму на покана на Младеновски во 2019. година на фестивалот „Добра идеја“.
„Ова е единственото место каде што се свири авторска музика и им дава можност на младите да се изразат како што сакаат“, вели Јашари.
Младите најзагрижени од буџетските математики
Младите се и најзагрижени од можниот исход со случувањата со Младинскиот културен центар, особено по кратењето на буџетот за музичката и културна програма. По четири години од последниот јавен и неуспешен конкурс за избор на директор, МКЦ повторно е мета на можна политичка трговија со влијание. Вработените во МКЦ велат дека со најавите колку од буџетскиот колач ќе добијат за функционирање, годинава кој и да седне на директорското столче ќе има сериозни тешкотии да го одржи во живот МКЦ, а камо ли да го унапреди.
Градоначалничката Данела Арсовска во интервју за новинската агенција МИА, пак, зборува во целина за инвестиции во културата кои градот годинава ги издвојува и вели дека се работи исти пари како и минатата година, без да прецизира колку точно пари се наменети само за МКЦ.
„ Во делот на културата за разлика од сите други единици на локална самоуправа во Градот Скопје скоро никаква разлика нема во вкупниот износ кој што е посветен на културните збиднувања, односно околу 260 милиони денари, е буџетот или можеби нешто под тоа, нешто што е приближно или скоро исто како и лани “, вели таа.
Тоа се вкупно 4,2 милиони евра, но нејасно е во јавноста за што точно се наменети, односно како по институции посебно ќе бидат распределени.
Ако ги земеме како параметри вкупните суми за трите основни програми за култура одредени во буџетот за 2023 година и тоа програмите културни манифестации и творештво, музика и кинотечна дејност и уметничка дејност се забележува намалување за речиси 800 илјади евра во споредба со лани. Според буџетот за 2023 за овие програми година градот пресметал дека ќе потроши 5,3 милиони евра, додека минатата година за истата намена потрошил 6,1 милион евра а во 2021 година биле потрошени 6,4 милиони евра.
Она што може да се спореди е колку пари легнале од градската каса во МКЦ директно. На пример пред четири години, од скопската каса за МКЦ биле издвоени 560 илјади евра. Во програмата за музичка и кинетичка дејност од каде што би требало прилив да пристигне во МКЦ кои го менаџираат и Киното Милениум и ги организираат речиси сите настани за Градот, годинава се предвидени 300 илјади евра помалку од лани.
Во однос на кадровските промени во МКЦ, Арсовска вели дека бурната реакција на младите е веројатно стравот од промени.
„Верувам дека можеби стравот од промените иницираа да се има таква бурна реакција, нешто што не треба да биде својствено, особено имајќи предвид дека некогаш промените носат нешто што е подобро. Целта на градот е да се разреши сето она што досега се случувало таму, а било детектирано како неправилности кои што се случувале изминатите неколку години“, вели таа.
Вработените од МКЦ велат дека „срамниот буџет за организација на настани за годинава“ ќе им нанесе непоправлива штета на институцијата и програмското функционирање.
Секој со своето МКЦ
Младите музичари велат дека стравуваат дека овие буџетски математики и политички препирки може да ги остават и без единствената културна институција во земјава, каде што ќе можат да настапат и да допрат до публика.
„Ако го изгубиме МКЦ ние младите ќе изгубиме надеж, ќе биде многу тажно за мојата генерација и за идните генерации да немаме простор каде да се изразиме,“ додава младата кант авторка Дина.
Со младите се „шлепаме“ и ние постарите музичари понекогаш, додава Младеновски.
„Оние кои се најзасегнати во моментов се младите бендови и артисти,кои што за среќа во последниве години имаат доста простор да настапуваат тука, дали тоа е фестивалот „Здраво млади“ или сега „Земјотрес“. Ние постарите се 'шлепаме' покрај нив. Има една млада сцена која се развива, цвета, се здружува во еден колектив што се вика „Гола Планина“, што особено ме радува, една солидарност која што за жал, мојата генерација на состави па и постарите ја немаше. И мислам дека од тука тргна тој бран на млада сцена“, вели Пеце.
Со грст спомени во рака пред камерата на Радио Слободна Европа застана писателот и издавач Игор Анѓелков. Ни ги покажа сочуваните карти од изминативе 30 години од концерти кои ги посетил во МКЦ. Рамбо Амадеус, Архангел, Електрични оргазам, Бернајдс Пропаганда и Стринг форсис се само дел од имињата на хартијата чувана со децении. За себе вели дека е генерација со МКЦ, па и дека се доживува како негов две години помал брат затоа што под негово влијание и програма градот го доживеал на поинаков начин, учејќи многу нови работи.
„Скопје за жал во последните години стана нешто што не го посакувавме. Поминете низ центарот на градот за време на викенд и од музиката и начинот на забава ќе добиете еден впечаток кој можеби не сте го очекувале. Токму затоа МКЦ останува да плови на онаа линија што му е потреба на овој град. За човек кога ќе искочи надвор да се почувствува и малку европски, затоа што понудата на МКЦ отсекогаш била современа и во тек со времето“, вели Анѓелов.
И неговата 16 годишна ќерка како него расте во Младинскиот културен центар.
„Баш ми е драго што таа приказна мора и треба да продолжи од генерација на генерација“ додава тој.
МКЦ не е само музичка сцена
За 38-годишната глумица Симона Спировска тоа е начин на живот. Вели дека првата средба со МКЦ на пет годишна возраст добро ја памети, од тоа како била облечена, до синиот под во салата, големите огледала и сигурноста. За неа МКЦ на 5 години бил место на радост, а сега повеќе од две децении подоцна е сигурност и прибежиште.
„Мојата врска со МКЦ почна многу оддамна во 91-та година. Најпрво како танчерче во танцовиот клуб Ритам Плус, кој тогаш работеше во просториите што сега е наменет како детски културен центар, за подоцна да почнам да ги посетувам театарските претстави аматерските театарски фестивали, концертите, за конечно и јас да заиграм тука како глумица. Тоа ми значи мене МКЦ, ми значи едно цело детство, моја младост, и голем дел од мојата кариера, а на градот му значи сета подршка на независната културна сцена.“вели Спировска.
Таа е дел од независната театарска сцена која поставува претстави во МКЦ преку невладината „Артопиа“. Само во изминатата година во МКЦ беа поставени 13 премиерни театарски престави. Според неа наместо да се „убива“ МКЦ треба да се примени неговиот пример за работа во културата и во другите институции.
Минатата година МКЦ го одбележа и 47-мото одржување на меѓународниот театарски фестивал МОТ на кој за девет дена продефилираа познати европски театарски продукции, а шанса доби и домашната независна театарска сцена. МКЦ е основач и организатор на Фестивалот на европски филм „СИНЕДЕЈС“ кој веќе 22 години презентира дела на европската кинематографија.
Во изминативе три години МКЦ стана дел од европските културни мрежи како „LIveEurope“,„Scenergies“ и „Hope for Children “. Како градска институција која неретко служела и за политички поткусурувања, сепак, на крајот секогаш успевала да задржи здраво ткиво на квалитетни луѓе кои низ децениите ги организирале најавангардните настани од различни области на културата во метрополата.